Цените на горивата растат — нов удар врз џебот
16 март 2026
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) соопшти дека од полноќ следува ново зголемување на цените на горивата, како резултат на растот на берзанските цени на нафтата и континуираното зајакнување на доларот во однос на денарот во изминатите пет дена.
Според РКЕ, со одлуките се утврдуваат максималните цени на нафтените деривати, а трговците на големо и мало можат да формираат и пониски цени од утврдените.
Нови малопродажни цени на горивата од 17 март 2026 година
Максималните малопродажни цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 7,00 денари по литар. Максималната малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 6,50 денари, а на мазутот за 4,867 денари за килограм.
Од полноќ (17 март) максималните малопродажни цени ќе изнесуваат:
- ЕУРОСУПЕР БС-95: 86,50 ден/лит
- ЕУРОСУПЕР БС-98: 88,50 ден/лит
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д‑Е V): 92,00 ден/лит
- Екстра лесно масло за горење (ЕЛ‑1): 89,50 ден/лит
- Мазут М‑1 НС: 47,453 ден/кг
Со оваа одлука се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 8,98% во однос на одлуката од 9 март, кога дизелот поскапе за 14,5 денари, а бензините за пет денари за литар.
И покрај растот, од РКЕ посочуваат дека цените на горивата во Македонија остануваат меѓу најниските во регионот и Европа. Регулаторното тело им укажува на нафтените компании да ги намалат цените за 2 денари по литар,согласно договорениот попуст меѓу Владата и главниот добавувач ОКТА, со цел намалувањето директно да го почувствуваат граѓаните.
Зошто доаѓа до новото поскапување?
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка, според РКЕ, бележат зголемување во просек: кај бензините за 16,964%, кај дизелот за 11,714%, кај екстра лесното масло за 13,059% и кај мазутот зголемувањето е за 14,591%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, по кој беа формирани цените со претходната пресметка,
е повисок за 0,8453%, што дополнително влијае врз цените.