Нов голем проевропски протест во Тбилиси
29 април 2024Неколку илјади Грузијци протестираа во Тбилиси на втор митинг, повторно барајќи повлекување на предложениот закон за „странско влијание“, за кој се смета дека е инспириран од сличниот закон за „странски агенти“ во Русија и има за цел да ја замолчи опозицијата.
Веејќи европски и грузиски знамиња, околу 10.000 луѓе се собраа во центарот на Тбилиси на прошетка наречена „Европски марш“ до парламентот.
Текстот на законот веќе предизвика еден протест на 15 април.
Владејачката партија Грузиски сон на почетокот на април најави враќање во процедурата на тој контроверзен закон, чија прва верзија се откажа по големите протести во март 2023 година. Тогаш граѓаните и критичарите на власта оценија дека законот е инспириран од сличен закон во Русија, насочен против критичарите на власта и дека претставува „убиство на слободата“.
Средбата беше организирана на повик на групите за човекови права и опозициските партии, кои досега беа на маргините во борбата која главно ги мобилизираше младите.
„Тој закон, како и оваа влада, не се во согласност со историскиот избор на Грузија да биде членка на Европската унија (ЕУ)“, изјави за Франс прес Ника Гварами, лидер на опозициската партија Ахали, кој присуствуваше на состанокот.
Грузија, поранешна советска република на Кавказ, направи прозападен пресврт пред две децении, ориентација која долго време ја поддржуваше поранешниот претседател Михаил Саакашвили, кој сега е во затвор.
Таа земја со години има амбиција да ги продлабочи односите со Западот, но опозицијата, сега ја обвинува владејачката партија дека сака, напротив, да ја приближи поранешната советска република до Русија.