1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Нов Кривичен закон не може да ги санира штетите од сегашниот

20 декември 2024

Тие што сакале да си обезбедат амнестија на криминал со измените на Кривичниот законик кој сега е важечки - си ја завршија работата, нов закон не може да ги врати тие дела, вели Мицкоски.

закон параграф
Фотографија: picture-alliance/Chromorange/Bilderbox

Потребен е нов Кривичен законик кој ќе биде дел од сеопфатната реформа на правосудниот систем, но санација на последиците што ги предизвикаа претходните измени на КЗ, тешко дека ќе може да се спроведе.

Последните отворени истраги за корупциски случаи од висок профил, ги вратија во јавноста пресметките - каква казна би им била запретена на сторителите доколку не беа усвоени спорните измени на Кривичниот законик од 6-ти септември 2023 година. Со тие измени дел од дотогаш предвидените санкции се стопија, а брзината за застарување на предметите се зголеми. Се намалија затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, се избришаа членови кои предвидуваа казни за злоупотреба на јавни набавки и оштетување на буџетот, пониски казни се предвидоа за делото злосторничко здружување.

Си завршија работа

Измените беа донесени без да се отвори дебата во јавноста, експресно, по скратена постапка, со европско знаменце и покрај бројните реакции во експертската и пошироката јавност. Владата на СДСМ и ДУИ тоа го правдаше со европски искуства и усогласување со дел од европската регулатива, но тие објаснување не поминаа токму во Унијата. Сега сите очекуваат тоа да се поправи со нов Кривичен законик.

Нов Кривичен законик базиран на европски искуства, ќе биде дел од сеопфатната реформа на судството и обвинителството кај нас, најави премиерот Христијан Мицкоски.

„Да, сакаме да донесеме нов Кривичен законик базиран на искуствата од земјите членки на ЕУ, усогласени со нашиот сентимент и реалност кај нас дома. Таков еден Кривичен законик треба да се донесе, не велам не. Но, ќе повторам - овој каков што е денеска, овозможува дел од предметите кои се во судски процеси или во истрага, за кои што постои основано сомневање и докази дека е сторен криминал - да застарат. И нов закон - да повторам - не може да ги врати тие дела. Така што, да заклучам - тие кои што сакале со тие измени на тој закон, кој што моментално е важечки, да си обезбедат условно кажано политичка амнестија на криминал или вистинска амнестија на криминал - си ја завршија работата“, изјави Мицкоски во гостување на МТВ.

Нов Кривичен законик базиран на европски искуства, ќе биде дел од сеопфатната реформа на судството и обвинителството, најави премиерот МицкоскиФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

„Згрешивме со измените на КЗ"

Одговорност за таа постапка нема, освен пост-фестум признанија од водството на СДСМ дека измените на КЗ за време на нивниот мандат биле грешка.

„Треба да бидеме чесни и да признаеме дека згрешивме со измените во Кривичниот законик“, рече во една прилика претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Подоцна изјавуваше дека не може да каже кои биле мотивите, бидејќи не бил дел од процесот на креирање на тие решенија. Но, смета дека не е доволно само да се каже дека згрешиле, и апелираше Владата да го стави на јавна расправа текстот на новиот Кривичен законик направен во координација со меѓународни институции, за да го разгледаат експерти и со консензус да се донесе нов. Тоа го смета како чекор за исправање на грешката.

Но, таа грешка веќе предизвика големи штети и ќе предизвикува нови, со поширок спектар. Со спорните измени се спаси троцифрена бројка на лица во двоцифрена бројка на предмети, кои брзо застареа. Но, тие последици не може да се прокнижат како иманентни само за правосудната сфера, бидејќи истите имаат многу поширок опфат. „Спасувањето“ од одговорност на оние што длабоко го поткопувале економскиот потенцијал на државата, перманентно се претвора во извор на нееднаквост и неправда, а со тоа и на граѓанско незадоволство, и станува еден од клучните фактори што ги тера луѓето да ја напуштат земјата.

„Треба да бидеме чесни и да признаеме дека згрешивме со измените на Кривичниот законик“, изјави во една прилика лидерот на СДСМ, Венко ФилипчеФотографија: Petr Stojanovski/DW

„СДСМ ја плати цената"

На овие аспекти никој се осврнува. Новата заменик преседателка на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, вели дека „Социјалдемократскиот сојуз ја платил цената за грешките што ги направил“, мислејќи само на изборниот пораз на партијата. Повикува што поскоро текстот на новиот КЗ да влезе во собраниска процедура и во широка јавна дебата.

„Измените на Кривичниот законик се гласаа во Собрание, сите знаеме кој крена рака. Апсолутно стојам на ставот дека владата на СДСМ и тогашното мнозинство во Собранието сериозно потфрли со измените на Кривичниот законик и тоа е една од научените лекции и веројатно една од клучните причини за поразот на СДСМ на изборите. Сега во меѓувреме, во Министерството за правда веќе подолго време се работи на нов текст на Кривичен законик. Ние го повикуваме Министерството за правда, заедно со целата експертска јавност и дел од работната група, и она што го работат со поддршка на билатернаните донатори, тој текст на законот што е можно побрзо да се појави во собраниска процедура и низ една широка јавна расправа да видиме како треба да изгледа новиот текст на Кривичниот законик", рече таа во интервју на ТВ Канал 5. 

Застарувањето на предметите, сепак не е само резултат на измените на КЗ, туку и на политичките влијанија и притисоци врз судството. Доказ за тоа е капиталниот предмет на СЈО за масовното прислушување, „Таргет-Тврдина“, кој девет месеци беше неоправдано чуван во фиока од апелациски судија. Заради примање мито за да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, на црната листа на САД беа ставени апелацискиот судија Енвер Беџети и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.

Секако, ваков упад на политиката во судството или спрега меѓу нив не би биле можни, доколку постои висока отпорност и силна брана кај судиите и обвинителите кон политички влијанија и нарачки.

„Застарувањето на судските случаи, овие, и купишта други, се должи на тоа што судската власт, очигледно не успева да собере храброст и да истапува, и да настапува, и да суди само така како што налагаат законите и процедурите“, смета Каранфилова Пановска.

Измените на КЗ кои овозможија поблаги санкции за сторителитеФотографија: picture alliance/imageBROKER

Причина за сериозна загриженост

Измените на КЗ кои овозможија поблаги санкции за сторителите што за сопствени цели ја злоупотребиле службената положба, беа донесени во време на силни внатрешни и надворешни укажувања дека корупцијата, особено високата, е на многу високо ниво, додека довербата на граѓаните во правосудниот систем е на историски најниско ниво, но и во време на доминантна состојба на неказнивист и недостиг на секаков вид одговорност. Тие измени беа критикувани од Брисел, и беа повод за критички оценки во извештајот на ЕК од ноември 2023 година.

„Корупцијата останува присутна во многу сфери и претставува предмет на загриженост. Беше изменет Кривичниот законик низ забрзана собраниска процедура. Максималните казни за специфични кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што направи последици врз брзината на застарување, како и стопирање или дури и прекин на голем број случаи на висока корупција, вклучително и случаи на поранешното Специјално јавно обвинителство. Овие измени исто така ги попречуваат надлежните да истражуваат и да процесираат вакви кривични дела. Ова е прашање кое претставува сериозна загриженост“, беше наведено во Извештајот.

Критиките беа повторени и во октомври годинава. Од ЕК нотираа дека „измените на Кривичниот законик ја ослабнаа правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, особено во случаите на високо ниво“.

„Многу тековни случаи беа прекинати или поради истечен рок на застареност или поради тоа што конкретни прекршоци - како што е злоупотребата на службената положба при јавните набавки - веќе не постојат“, беше наведено во извештајот на ЕК.

Оттаму препорачаа донесување на нов КЗ со согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми