1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов обид да се истуркаат изборните реформи

ДТЗ
3 мај 2023

Партиите и експертите ги започнаа разговорите за изборни реформи. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат најпрво да се прифати нивното барање за една изборна единица. Приоритет засега се преопораките на ОБСЕ.

избори
Нов обид да се истуркаат изборните реформиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Работната група за реформи на изборното законодавство денеска ја одржа конститутивната седница во Клубот на пратеници во Скопје. Приоритет ќе им биде имплементацијата на препораките и забелешките од ОБСЕ/ОДИХР, а потоа треба да се изготви нов Изборен законик. Членовите на комисијата се надеваат дека ќе успеат да се запазат роковите со цел законски измени да има шест месеци пред да се одржат изборите. Во процесот ќе бидат вклучени претставници на политички партии, невладини организации, синдикати, министерства и надлежни органи за спроведување на изборниот процес. Претседател на работната група ќе биде Александар Новаковски, експерт и поранешен претседател на ДИК.

Министерот за правда повторно ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да именува свој претставник во групата, откако партијата во вторникот (2.05) порача дека ќе се вклучи во утврдување на конечниот текст на изборниот законик, но под услов да биде прифатен предлогот за изборен модел со една изборна единица. 

Оптимизам 

„Имаме консензус за оваа работна група да ги инкорпорираме сите овие препораки и забелешки од ОБСЕ/ОДИХР. Моделот не ни е приоритет, останува само да имаме нов пречистен текст на овој Изборен законик, а исто така да се внесат сите овие забелешки. Ова е првата задача на работната група, а втората е изготвување на нов Изборен законик“, изјави министерот за правда Кренар Лога по средбата. 

Александар Новаковски е оптимист во однос на работата на работната група. „Се надевам дека ќе излеземе со предлог и ќе успееме да ги запазиме роковите кои се утврдени со некои европски стандарди, овие измени да бидат имплементирани во еден период од шест месеци пред изборите“, рече тој. 

ВМРО-ДПМНЕ не делегираше свој претставник во работната група. Пратеникот од оваа партија Антонио Милошоски порача дека прифаќаат изборен модел со една изборна единица и ја повика власта да излезе со решение.  

ВМРО-ДПМНЕ не делегираше свој претставник во работната група. Пратеникот од оваа партија Антониjо Милошоски порача дека прифаќаат изборен модел со една изборна единица Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Праг и отворени листи 

Арбр Адеми кој ја претставува ДУИ во работната група за изборни реформи, вели дека ако се зборува за моделот и ако се одлучи за една изборна единица, треба да се одлучи и за праг и за отворени листи. „Праг од пет отсто и такви искуства има, но ќе се воздржам за дополнителни коментари оставајќи простор да дискутираме конструктивно во рамките на работната група“, рече Адеми.  

Во однос на задачите на работната група за изборните реформи тој нагласи дека тие ќе поддржат имплементација на препораките и забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, нагласувајќи дека е потребен меѓупартиски консензус за подготовка на нов изборен законик. За целосно нов изборен законик, според него, треба широк меѓуетнички и меѓупартиски консензус имајќи предвид дека се работи за значајно прашање, за претставување на граѓаните и треба да се отсликува хетерогеноста на општеството. Адеми очекува сите политички партии да дадат конструктивен придонес во целиот овој процес на подготовка на реформите во изборното законодавство, без условувања. 

Забелешки 

Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР укажуваше дека промените на Изборниот законик во 2017 година, донесени во скратена постапка, без широки консултации, се во спротивност со обврските што произлегуваат од членството во ОБСЕ и се препорача стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународните добри практики, но и да се размисли за обезбедување алтернативни методи за прибирање потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување.

Носењето на измените во Изборниот законик непосредно пред започнување на изборниот процес се спротивни на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Препорачливо е изборниот закон да стапи на сила најмалку шест месеци пред изборите, за да можат институциите да се подготват непречено да ги спроведуваат промените.

Носењето на измените во Изборниот законик непосредно пред започнување на изборниот процес се спротивни на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Препорачливо е изборниот закон да стапи на сила најмалку шест месеци пред изборитеФотографија: Lisa Leutner/AP Photo/picture alliance

ОБСЕ/ОДИХР изминатите години има посочено голем број препораки за подобрување на изборниот процес во Северна Македонија, а меѓу нив се бара Изборниот законик да се ревидира сеопфатно со цел да се усогласи во рамки и со другите релевантни закони, да биде во согласност со целите на ОБСЕ, меѓународните обврски и добрите практики, политичките партии да ги почитуваат условите за родова квота, се препорачува властите да покажат поголема политичка волја за да обезбедат доволна поделба меѓу државата и партијата, како и да се поттикне учеството на жените во изборниот процес и во донесувањето политички одлуки.

Земјите учеснички во ОБСЕ користат широк спектар на разни изборни модели и разни системи за спроведување на изборите, за да се обезбеди инклузивност на процесот за изборна реформа.

Изборниот законик во Северна Македонија беше изменет два пати во 2021 година. Во април 2021 година беа усвоени измени за донесување одредби за биометриска идентификација на гласачите. Во септември 2021 година, Собранието повторно го измени Изборниот законик, со мнозинство гласови. Некои амандмани имаа за цел да се адресираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, вклучувајќи го постојаниот состав и мандатот на ДИК, заштитните мерки од злоупотреба на јавните ресурси, медиумските кампањи и роковите за поднесување и разгледување приговори. „Реформите во изборното законодавство треба да продолжат за да се одговори на преостанатите препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, вклучително и усогласувањето на Изборниот законик и другите релевантни закони“, беше нотирано и во извештајот на ЕУ.

 

Изборниот законик треба да се реформира

02:46

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми