1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов почеток за германската влада?

27 август 2026

Канцеларот Фридрих Мерц се обидува да шири оптимизам по заседанието на владиниот кабинет во Нојхарденберг. Дали конечно ќе настапи долго најавуваната реформска есен?

Германскиот канцелар Фридрих Мерц оди по патека опкружен од повеќе министри во германската влада
Канцеларот Фридрих Мерц со министрите во владата во градината на палатата НојхарденбергФотографија: Chris Emil Janßen/picture alliance

Германскиот канцелар Фридрих Мерц беше евидентно задоволен од координациите на кабинетот во Нојхарденберг, Бранденбург, кои траеа ден и половина. „Германија од утрешницата е оптимистична и самоуверена“, порача Мерц и се надоврза со една за него типична изјава. „Мораме да излеземе од ваквата клима на незадоволство и негодување“, рече канцеларот за кого другите се незадоволните. „Го фрламе стариот товар, елиминираме ограничувања“, порача тој.

Канцеларот се колне во „сигнали за нов почеток“ посочувајќи дека индексот на деловната клима забележал изненадувачки скок во август и тоа веќе четврти пат по ред. Германската економија бележи раст во три последователни квартали, а прогнозите за 2027 година се ревидираат на подобро. „Минавме низ три години рецесија, а сега повторно имаме раст“, рече Мерц кој во повеќе наврати ги пофали иновациите и перспективите на вештачката интелигенција, „четвртата индустриска револуција“, како што рече. Кога канцеларот заедно со министерот за економија на СПД, Ларс Клингбајл и министерот за внатрешни работи Александар Добринт излегоа пред медиумите откако заврши состанокот зад затворени врати, тие ја истакнаа силната кохезија во кабинетот, во која биле надминати разлики од изминатите години, па дури и децении. Претходната вечер се задржале малку подолго, забележа Мерц, бидејќи една од учесничките имала роденден. Внимателно избраните фотографии од раното утро во пространиот пејзаж околу замокот, соодветствуваа на хармонијата што ја ширеа министрите од СПД, Клингбајл и Карстен Шнајдер со тркачки велосипеди и министрите на ЦДУ, Јохан Вадефул и Карстен Линеман, на џогинг.

Пензиската реформа треба да биде донесена уште годинава 

Неколку пати во нивните објаснувања, Мерц и Клингбајл посочија конкретна политичка одговорност на владејачкото парламентарно мнозинство на ЦДУ/ЦСУ и СПД во Бундестагот во претстојните недели. Состанокот според Мерц, имал за цел да испрати порака до коалициските партии и „луѓето во нашата земја“ бидејќи „се зафативме со големи реформи и ќе ги спроведеме“. Кога Бундестагот повторно ќе се состане во Берлин на пленарни седници на 7 септември - по  покраинските избори во Саксонија-Анхалт кои се исчекуваат  со нетрпение – треба да усвои клучни законски предлози во врска со иднината на пензиското и социјалното осигурување, по можност уште пред крајот на годинава. Добринт, кој одамна е најважниот министер во кабинетот на Мерц, пред новинарите во Нојхарденберг бараше брзо усвојување на натамошни закони за безбедноста. 

Дали Германците ќе треба да работат повеќе?

01:00

This browser does not support the video element.

Дроновите на аеродромот во Лајпциг ја доминираа агендата

На почетокот на владините консултации Мерц проследи презентација од стартап компанија за технологија на дронови, па дури зеде еден од уредите в рака. Зад ова стои темата која доминираше во последните недели и за која канцеларот се воздржа од коментар за време на неговиот тринеделен одмор. Вечерта на 4 август на аеродромот во Лајпциг, во непосредна близина на украински товарен авион, беше откриен дрон опремен со експлозивна направа и брзо беше деактивиран. Се шпекулираше за постоењето и на втор дрон. Сега, две недели подоцна, „Зидојче цајтунг“, НДР и ВДР објавија дека бил пронајден и втор дрон со експлозив во близина на аеродромот во Лајпциг, кој е релевантен за снабдувањето на Украина со воена технологија. Уште во својата изјава пред почетокот на разговорите, 70-годишниот детално се осврна на прашањето наведувајќи дека инцидентот покажува оти „сме под многу реална закана“. Германската влада „наметнува цена на сторителите на хибридни напади - тие ќе платат за тоа“, мошне решително најави Мерц и продолжи со конкретни најави, како тоа дека сојузната влада интензивно работи со безбедносните власти за да го утврди мотивот зад инцидентот во Лајпциг. „И ние ќе го презентираме ова наскоро и ќе заземеме став“.

Името на рускиот претседател само еднаш споменато

Само еднаш во текот на речиси 50 минути се спомена името „Путин“. Вицеканцеларот Клингбајл зборуваше за инвестиции во безбедноста и рече дека политичарите мора „да сторат сè за да се заштитат од Путин и сите оние кои сакаат да ја нападнат нашата земја“. Но, освен тоа никаде немаше експлицитна референца за рускиот претседател или за Русија како таква. Сојузниот министер за внатрешни работи, одговорен за домашната безбедност и заштита, коментираше многу повоздржано. Добринт посочи дека речиси секојдневно го окупира прашањето за хибридна закана, саботажа, шпионажа и тајни акции „на странски сили. И поголемиот дел од овие описи се точни“, рече тој. Ниту Мерц и Клингајл или Добринт не споделија попрецизни информации. 

Мерц: Германија се враќа!

00:42

This browser does not support the video element.

Во врска со заштитата на климата, канцеларот клучната улога ја гледа кај покраините

Долго време политичарите од ЦДУ/ЦСУ кога се дискутираше за невообичаено топлите периоди во Германија во изминатово лето, звучеа како експерти за временска прогноза отколку како експерти за климатска политика. Сега веќе се знае дека „топлите лета ќе во иднина ќе бидат сѐ почести“. Во својот прв јавен настап по одморот, канцеларот  им се заблагодари на пожарникарите и другите инволвирани во еден од опожарените регионите во западна Германија. Канцеларот потцрта дека во Германија „нема недостаток од програми или пари“ за заштита од климата и топлината, но дека тоа е во надлежност на сојузните покраини, чии ингеренции опфаќаат заштита на болници, домови за стари лица и училишта, од прекумерна топлина. 100 милијарди евра се ставени на располагање од специјалниот фонд одобрен од Бундестагот на почетокот на 2025 за оваа намена. Некои  но, некои сојузни покраини бараат поголем финансиски ангажман од сојузната влада. „Ќе биде есен со многу работа“, вели новата шефица на кабинетот на канцеларот, Нина Варкен, за време на координациите зад затворени врати во вестите на АРД и додава дека „јас сум оптимист.“ Први заклучоци на кабинетот се очекуваат на следниот владин состанок.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми