1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаЕвропа

Со руски визи во ЕУ

Рабеа Вестарп | СВР
17 декември 2022

Откако Русија го отвори аеродромот во Калининград за странски превозници, оваа руска ексклава е место преку кое поминува нова бегалска рута.

Аеродром Калининград
Аеродромот во Калининград е отворен за странски авиопревознициФотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker

Откако Русија на почетокот на октомври, во рамки на програмата „Отворено небо“ го отвори аеродромот во Калининград за странски авиопревозници, сè повеќе луѓе од Блискиот исток одат во ЕУ преку оваа руска ексклава. Германското Министерство за надворешни работи укажува: „Веќе неколку месеци германската влада и партнерите од ЕУ го регистрираат порастот на илегалните миграциски движења на рутата преку Русија (...). Летонија, Литванија и Полска пријавуваат случаи на лица кои во нивните земји влегле илегално од Белорусија, со руски визи во своите пасоши.“ 

Според истражувањето на германската радио телевизија СВР, руска виза потребна за бегство преку Калининград на северот на Ирак чини околу 2.500 долари и очигледно лесно се добива. „Ако документите ви се таму, за да стасате од Москва до Германија ќе ви требаат десет дена“, вели еден шверцер. Сепак, рутата преку Калининград е нешто поскапа од летот преку Белорусија, кој чини вкупно 14.500 долари. Причината за тоа е што на руските власти треба да им се плати повеќе мито отколку на белоруските, тврди овој шверцер. Руското Министерство за надворешни работи не одговори на прашањата на СВР во врска со оваа тема. 

Ветување за брзо бегство  

Новинарите на СВР кои ја истражуваа темата успеаја да стапат во контакт со луѓе кои бегаат. Арас (името му е сменето) е Сириец кој во моментов бега од северен Ирак и се обидува преку Москва и Белорусија да стаса некако до ЕУ. Во времето кога новинарите работеа на темата тој веќе неколку недели беше заглавен во Минск. Шверцерите очигледно му ветиле дека патот ќе биде брз и едноставен. „Ние всушност не знаеме ништо. Не ни ја кажуваат вистината. Ни рекоа дека мора да пешачиме два часа, а ние одевме дваесет“, вели Арас.

Пејман, кој од Иран побегнал во Ербил, на северот на Ирак, исто така сака да продолжи кон ЕУ. Се надева дека таму ќе може да ги оперира прострелните рани кои ги добил за време на демонстрациите во Иран, кога полицијата пукала во него. Во моментов не може ниту да стане. Ако не успее легално да пребега и тој ќе проба преку Русија илегално да влезе во ЕУ и таму да побара азил. Иранските напади со ракети и беспилотни летала на курдскиот регион во Ирак се уште една причина зошто бегалците како Пејман го продолжуваат бегството кон ЕУ.

Бегалците од северот на Ирак за руска виза со која може да побегнат преку Калининград плаќаат по околу 2500 долари, покажува истражувањето на СВРФотографија: picture-alliance/dpa/P. Steffen

Шверцерите очигледно добро си ги рекламираат „услугите“ на социјалните мрежи, а наводно дури нудат и повластици. Оној кој ќе натера повеќе луѓе на бегство, ќе добие и попуст. Во групите на мрежата „Телеграм“ кружат и реклами и видео снимки на бегалци кои стасале на местото каде што сакале да одат. „Забележуваме дека (...) оваа рута преку Русија и Белорусија се рекламира на социјалните мрежи,“ соопштија од германското Министерство за надворешни работи. 

Туристичките агенции се често место за прв контакт 

За луѓето кои сакаат да побегнат во ЕУ со руска виза, прва станица често е посета на туристичка агенција. Сопственикот на туристичка агенција во курдско-ирачката Сулејманија за СВР изјави дека продажбата на руски визи е порасната во последниве месеци. Во потоплите месеци продаваат и до илјада билети месечно, а сега, во зима, имало по 20 патници. На прашањето дали тој има некакви врски со шверцерите, сопственикот на агенцијата негира. „Работата која ја работиме ние, како што е поднесување на барање за виза или продажба на авионски билети, е легална.“

Според него, рутата преку Калининград настанала откако белоруската влада почнала да презема сè поостри мерки против бегалците. Рутата прекуКалининград, вели тој, е поврзана со исто така големи ризици, како и онаа преку Белорусија. Според податоците на Меѓународната агенција за миграција, најмалку 21 луѓе ги загубиле животите поради студот во белоруските шуми на границата со Полска. Таа рута постои сѐ уште, велат ирачките шверцери за СВР.

Полски војници подигаат ограда на границата помеѓу Полска и руската ексклава КалининградФотографија: Monika Sieradzka/DW

Паулина Бовник знае колку опасен може да биде обидот за премин на границата. Оваа лекарка од август 2021 година се грижи за бегалците кои ја преминале белоруската граница кон Полска. Откако е поставена жица на границата, таа главно гледа многу скршеници на нозете, но и повреди на главата. „На бегалците кои доаѓаат од Белорусија има видливи знаци дека претрпеле насилство“, вели таа. Претпоставува дека ги тепале припадниците на белоруските сили за безбедност. Во зима, вели докторката, исто така забележува и случаи на хипотермија и луѓе кои се прегладнети. 

Полска реагира со засилени гранични контроли 

Полска, според сопствени наводи, реагира на руската програма „Отворено небо”. Полските гранични служби соопштија: „Како одговор на таквата одлука, полската влада превентивно ја обезбедува границата кон областа Калининград. Како дел од таквите мерки, полските сили поставија привремена бодликава ограда.“ Русија со давањето визи на мигранти од Блискиот Исток најверојатно спроведува некаква стратегија - по рускиот напад врз Украина во февруари годинава за Каи-Олаф Ланг, експерт за Источна Европа во фондацијата Наука и политика, таквата претпоставка е издржана. Тој смета дека со бегалците треба да се прави притисок врз земји од ЕУ и НАТО. „Сега и во контекст на миграцијата гледаме дека Калининград може и на друг начин да биде трн в око на НАТО“, вели Ланг. „Мислам дека примарната цел се состои во тоа да се донесе нестабилност во двете земји.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми