1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова бетонизација му се заканува на Скопје

ДТЗ
17 април 2023

Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат кој стои зад плановите за градба во населбата Лисиче. СДСМ ја повика Антикорупциската комисија да го истражи случајот со парцелите во скопската општина Аеродром

Скопје
Нов градежен бум му се заканува на СкопјеФотографија: DW/Carolin Weinkopf

Се крчка ли во Лисиче место зеленило - бетонизација и висококатници наспроти ветувањата за мега паркови? Ваквата дилема се наметна деновиве во јавноста, откако се појавија информации дека е во план нова градежна инвазија во скопската населба Аеродром. Од општината обвинија за лажни обвинувања за бетонизација на Лисиче, отфрлајќи ги обвинувањата дека е донесен нов Детален урбанистички план, според кој ќе се градат десетина висококатници. Но, владејачката партија порачува дека е подготвена да спречи „штетни решенија“, во општината раководена од опозицијата, а коишто не се во интерес на граѓаните. Тие денеска ја повикаа Државната комисија за спречување на корупцијата да оформи предмет и целосно да го истражи овој случај.

Спорни планови

Според СДСМ, со новиот Детален урбанистички план на општина Аеродром, ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Тимчо Муцунски во Лисиче планираат изградба на десетина згради високи и до 10 ката. Со него, ниви купени од инвеститори пред носењето на планот, стануваат градежни парцели и тоа во делот на градот, каде аерозагадувањето континуирано урива рекорди.

Васко Кичевски, претседател на градската организација на СДСМ на прес-конференција порача дека место развој, паркови и проекти за подобрување на животот на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ режира измени на ДУП за изградба на згради во реони со зеленило и куќи. Според информации кои се јавно објавени од повеќе медиуми, неколку парцели во Лисиче со површина од над 1.000 метри квадратни, биле купени како ниви, пред овој урбанистички план да биде во процедура.

„Дали купувачите знаеле дека токму таму ќе се градат згради и дали однапред знаеле дека маркиците за згради ќе бидат токму на тие парцели? Ова отвора сериозни индиции и основани сомневања кои треба соодветни надлежни органи да ги расчистат“, вели Кичевски. 

Деталниот урбанистички план, кој се носи речиси зад грбот на граѓаните, според партијата, отвора сомневања за корупција за тоа како инвеститорите знаеле кои парцели ќе добијат маркици за висококатници, како знаеле дека општината ќе одобри градежен бум. 

СДСМ ја повика Антикорупциската комисија да го истражи случајот со парцелите во скопската општина АеродромФотографија: DW/Petr Stojanovski

Кој се крие зад бетонизацијата?

Општина Аеродром тврди дека се лажни обвинувањата за бетонизација на Лисиче. Посочуваат дека ДУП-от сѐ уште е во фаза на анкета и финалната верзија ќе биде изработена по завршувањето на консултациите со јавноста.

„Во суштина зад лажните обвинувања и наводната 'бетонизации' во Лисиче, се крие непотизмот и обидот за замајување на јавноста од продажбата на државно земјиште по нереално ниски цени, милионските суми испумпани од буџетот и тоа со бизнис партнери кои имаат сомнителна позадина. Процесот околу Деталниот урбанистички план (ДУП) во дел од Лисиче е почнат во 2019-та година, а со него се решаваат сериозни урбанистички проблеми за граѓаните во овој дел од општината“, велат од општина Аеродром

Општината ги повикува граѓаните да извршат увид во ДУП-от и да дадат свое мислење и забелешка по предложениот план.    „Ние ништо не криеме, работиме транспарентно и нашите документи нема потреба да бидат класифицирани“, велат од општина Аеродром.  

Најавите за изградба на висококатници предизвикаа револт кај жителите на Лисиче, кои веќе поднеле анкетни листови со негативни мислење за планот за градбаФотографија: DW/A. Dimitriveska

Најавите за изградба на висококатници предизвикаа револт кај жителите на Лисиче, кои веќе поднеле анкетни листови со негативни мислење за планот за градба и најавуваат дека будно ќе го следат развојот на настаните околу урбанистичките планови за овој дел на градот. Порталот Призма минатата недела објави дека во Лисиче, покрај булеварот Србија, каде што сега има куќи, со новиот ДУП се планираат девет нови висококатници. Три ќе бидат на осум нивоа (приземје, шест ката и поткровје) покрај булеварот Србија, на земјиште што сега е главно неизградено и каде што работи еден авто плац за користени возила. Пет згради треба да има покрај булеварот 12 Македонска бригада, на места каде што сега има изградени куќи. На аголот меѓу овие два булевари, пак, е предвидена зграда од 12 нивоа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми