1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова криза во односите меѓу Македонија и Бугарија

16 септември 2024

Средбата на претседателите Сиљановска и Радев во Софија, која требаше да биде ново поглавје во македонско-бугарските односи, се претвори во фијаско. Во МНР денеска се очекува бугарскиот амбасадор.

Гордана Сиљановска-Давкова Бугарија,  Румен Радев
Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во посета на Бугарија, со бугарскиот претседател Румен РадевФотографија: President RNM

По неколкумесечно затишје, во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија повторно изби криза.  Средбата Сиљановска – Радев во Софија,  која требаше да биде ново поглавје во македонско-бугарските односи, се претвори во фијаско откако двајцата претседатели направија протоколарна фото-сесија на која отсуствуваше македонското државно знаме. Случајот прерасна во дипломатски скандал, а македонското МНР најави дека денеска (понеделник 16.09.2024) ќе го повика бугарскиот амбасадор.

Радев на средбата со Сиљановска дојде откако успешно го атерираше борбениот авион Ф-16 на пробниот лет за аеромитингот кој требаше да се одржи наредниот ден (сабота 14.09.2024) по повод 20-годишнината од членството на Бугарија во НАТО. Во нормални околности ќе беше чест и за двете страни што Бугарија ќе угости претседател кој доаѓа од НАТО сојузник во соседството. Бугарија беше меѓу првите земји кои го одобрија приемот на Македонија во НАТО, што е уште една причина за пријателска атмосфера во разговорите.

Но, работите отидоа во друг правец. Хронологијата на настаните покажа дека претседателскиот кабинет во Скопје воопшто не го забележал проблемот со знамето бидејќи веднаш по средбата на официјалните налози на социјалните мрежи на шефицата на државата беа објавени фотографиите на кои Сиљановска и Радев се ракуваат пред знамињата на Бугарија и на ЕУ. Бурата притоа што се дигна во Скопје, ја натера претседателката и самата да го осуди пропустот, но со доза на дипломатско заобиколување, преферирајќи дека станува збор за грешка на бугарскиот протокол. 

„Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“, реагираше кабинетот на Сиљановска. 

Според бугарските медиуми, Радев дал до знаење дека средбата со Сиљановска била на барање од македонската странаФотографија: President RNM

Дали се работи за грешка, превид или намерен чекор од бугарската страна, тоа никогаш нема да се дознае, особено по изјавата на Радев предизвикана од македонските реакции во која тој рече дека „никогаш не одбил средба со претседател на странска држава кој се нашол во Бугарија“. Според бугарските медиуми, Радев така дал до знаење дека средбата со Сиљановска била на барање од македонската страна. 

Осцилации во односите 

И Скопје и Софија не се карактеризираат со  конзистентност во меѓусебната политика,  која во изминатите децении имаше големи осцилации. Бугарија прва ја призна Македонија под уставното име кога се отцепи од федерацијата, меѓу првите држави го ратификуваше протоколот со кој го одобри приемот на земјата во НАТО, но кога требаше да покаже добрососедство преовладаа други сили и наложи вето за почеток на преговорите со ЕУ. Македонија пак на почетокот на ’90-тите имаше силна про-бугарска струја во една од двете главни политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, која повикуваше на сојуз со Бугарија, за потоа истата партија силно да се спротивстави на внесување на Бугарите во Уставот, и да ги вжешти релациите со Бугарија.

Како и во Македонија, така и во Бугарија има поделеност околу надворешната политика. Така на пример, додека водечки медиуми во Бугарија сочно известуваат и вршат прозивки на Владата во Скопје дека унгарскиот заем доаѓа од Кина, претседателот Румен Радев еден ден пред средбата со Сиљановска присуствуваше на бугарско-кинески бизнис самит во Софија од кој ја повика Кина за поголемо инвестирање во Бугарија. Како што пренесе Еурактив, бугарскиот претседател се жалел дека сѐ уште чека Кина да го исполни договореното со декларацијата за стратешки партнерство од 2019 година, а тоа е Кинеската банка да отвори филијала во Бугарија и да се воспостави авионска линија Софија-Пекинг.

Овој чекор на Бугарија се случува во време на крајно затегнати односи меѓу ЕУ и Кина и препораки од НАТО до своите членки да ја намалат економската зависност од азиската држава.

Таквите „екскурзии“ и во Скопје и во Софија придонесоа за тешко читање на меѓусебната надворешна политика, и даваат лажна надеж на раководството на Македонија дека Брисел ќе употреби камшик за да падне бугарското вето. Во таа насока е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во која ѝ порача на ЕУ: „Ако сакате да нѐ видите внатре има начин“, што ја даде при неодамнешната посета на Хрватска. 

Што ќе однесе Мицкоски во Брисел  

Според најавите Мицкоски во четврток на 19 септември ќе оди во Брисел. Таму ќе дискутира за планот  за надминување на блокадата. „Ние сме конструктивен партнер во процесот и велиме ајде заедно да седнеме со владата во Софија и да разговараме и да видиме, имаме ние предлог. Тој предлог ние јасно го зборуваме, тој предлог не е од сега. Логичен е предлогот за одложена примена, да ги завршиме преговорите, па да видиме тогаш што ќе правиме, како ќе правиме, да видиме што со пресудите од Стразбур за македонската заедница од Бугарија, да видиме што конечно со  македонскиот идентитет и јазикот“,  рече тој во неодамнешно интервју.

Премиерот Христијан Мицкоски ѝ порача на ЕУ: „Ако сакате да нѐ видите внатре има начин“Фотографија: Government of North Macedonia

Во папките за Брисел премиерот сега ќе може да го додаде и случајот со отсуството на македонското државно знаме на средбата Сиљановска – Радев. Фотографирањето на македонската претседателка пред бугарските државни обележја во резиденцијата на бугарскиот претседател, е во поддршка на актуелниот наратив во Скопје дека Бугарија не ја признава посебноста на македонската нација.

Во очекување на дипломатската форма што ќе ја употреби официјално Скопје по случајот со знамето, медиумите од двете страни на границата, педантно ги бележат чекорите што ги преземаат Македонија и Бугарија.

Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа" упати остро реакција во врска со бугарска донација за општина Пустец, оценувајќи ја како „продолжување на бугарската агресија за  денационализација и асимилација на Македонците во Албанија".

„Во село Глобочани свечено се отвори модуларна амбуланта, донација од Бугарија. Ова не е ништо друго туку продолжување на бугарската агресија за денационализација и асимилација на Македонците во Албанија", стои во реакцијата. Притоа се посочува дека освен претставници на општина Пустец предводени од градоначалникот, присуствувала и бугарска делегација предводена од амбасадорот на Бугарија во Тирана. Организацијата „Друштво Преспа“ обвини дека бугарски претставници носат материјална помош за општината Пустец, „иако се знае дека тоа Софија го прави само за да ги прикаже Македонците како Бугари во Албанија".

Најновата „политичка оперета“ е само  нова криза која ќе ја оддалечи Македонија од ЕУ,  иако Владата технички ги става евроинтеграциите  како главен столб на нејзината политика. Но, ниту Бугарија не покажува сигнали дека сака да направи чекор кон добрососедство. „Очекувам намерата на Сиљановска за дијалог и разбирање да стане конзистентна политика и на Владата на Северна Македонија“, порача претседателот Румен Радев во најновиот чин на оперетата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми