Трамп предлага кратење на субвенциите за Илон Маск
1 јули 2025
Американскиот претседател Доналд Трамп во објава на социјалната платформа Truth Social предлага Министерството за ефикасност да ги скрати субвенциите за компаниите на шефот на Тесла, Илон Маск, со цел да се заштедат пари.
„Илон добива можеби далеку повеќе субвенции од кој било друг човек во историјата. Без субвенциите веројатно ќе мора да затвори и да се врати дома во Јужна Африка“, напиша Трамп на Truth Social.
„Нема лансирање ракети, сателити или производство на електромобили, а нашата земја ќе заштеди богатство. Можеби ДОГЕ треба тоа да го стави повеќе под лупа? Заштеда на големи пари!“, напиша американскиот претседател.
Претходно, технолошкиот милијардер Маск во низа објави на социјалните медиуми се изјасни против законот за даноци и трошоци што го предложи американскиот претседател, а упати и закана до членовите на Конгресот. „Секој член на Конгресот кој водеше кампања за намалување на владините трошоци, а потоа веднаш гласаше за најголемото зголемување на долгот во историјата, треба да се засрами!“, напиша тој на платформата X. „И ќе загубат на прелиминарните избори следната година, макар тоа било последното нешто што ќе го направам на оваа земја“, напиша Маск.
Во друга објава, тој ја критикуваше наводната „обединета партија“ на Демократите и Републиканците и нагласи дека на САД им е потребна алтернатива. „Ако се усвои овој луд закон за трошење, следниот ден ќе биде основана 'Американската партија'“, најави Маск. Според него, време е за нова политичка партија која навистина се грижи за луѓето. Маск уште пред неколку недели предложи основање на нова партија на центарот.
Спорот меѓу него и Трамп, кој кулминираше во отворена валкана борба, беше предизвикан од законот за даноци и трошоци. Претседателот на САД сака со него да ги спроведе клучните предизборни ветувања, додека Маск бара значително поголеми кратења на трошоците.
За законот моментално се дебатира во Сенатот. Трамп со недели води кампања за донесување на законот, вршејќи и притисок врз критичарите во Републиканската партија. Конзервативните неистомисленици, како Маск, неодамна критикуваа дека законот, меѓу другото, не оди доволно далеку во намалувањето на владините трошоци.