1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова предизборна играчка: безбедносна и корупциска проверка

14 март 2024

Кој има врска со рускиот интерес, кој со корупција и криминал? Овие прашања во предизборието, ги вкрстија копјата меѓу власта и опозицијата

Корупција и мито
Корупција и митоФотографија: Colourbox/Wolfgang Zwanzger

Ветинг, безбедносна и корупциска проверка, сертификати за носители на јавните функции од меѓународен борд. Ова е една од идеите со која внимание предизвика  кандидатот за претседател  од ДУИ и актуелен шеф на дипломатијата Бујар Османи. Тој изјави дека во дел од неговата платформа е и  барање да има ветинг (проверка) за носители на јавни функции, спроведен преку меѓународен борд којшто ќе го сочинуваат претставници од НАТО, ЕУ и САД.

„Дел од мојата платформа како претседател, ќе вклучува и  ‘ветинг’ за сите носители на јавни функции.  Што значи тоа? Меѓународен борд кој ќе ги сертифицира во две насоки носителите на јавни функции. Прво во безбедноста - дали имаат некаква врска со рускиот интерес и второ - со корупција и организиран криминал“, изјави Османи во емисијата „Рубикон“, на Клан Косова, пренесе МИА.

Османи објаснува дека ќе бара во тој борд да биде и НАТО, поради безбедносното прашање, како и ЕУ и САД.

„Овој борд ќе треба да направи сертификација на секој носител на функција, почнувајќи од нас“, изјави Османи.

Пасоши за кого?

Не за Русија и руското влијание,  диференцирање на проевропски и антиевропски сили, е доминантен дел од наративот на ДУИ во предизборниот период, поткрепен со слоганот „Не за Русија, да за Европа“.

Вметнувањето на ваков наратив, заедно со идеи за ветинг наидува и на критики во опозициските партии на Албанците здружени во Европскиот сојуз за промени под името Коалиција „Вреди“, во чии програмски приоритети е членството во ЕУ и уставните измени кои ќе го одблокираат европскиот пат.

Оттаму во повеќе наврати посочуваат дека додека од власта говорат дека изборот е Европа а не Русија, не им пречи да прават зделки со конзулот на Белорусија во Битола или зделки со црногорски бизнисмен кој е на црната листа на САД, а посочуваат и сомнителни врски во бизнисот со казината и брзите кредити.

Бујар Османи изјави дека во дел од неговата платформа е и барање да има ветинг (проверка) за носители на јавни функцииФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

„Бујар предложи меѓународен одбор за ветинг составен од САД, ЕУ и НАТО. Да, да, истиот Бујар кој прави кампања со Рамиз Мерко од едната и Теута Арифи од другата страна“, критикува Арбен Фетаи, од Алијанса за Албанците, со негово потсетување зошто едниот е на американската црна листа за активна корупција, а зошто другата личност е одбиена за амбасадор од ЕУ и САД.

„Истиот Бујар, кој гласаше во Владата РСМ да му даде пасош на рускиот олигарх Онишченко, исто така на списокот со санкции на САД, и чија влада обезбеди пасоши на стотици меѓународни трговци со дрога, загрозувајќи ја безбедноста на САД, на ЕУ и на НАТО“, пишува Фетаи.

Од „Вреди“ во повеќе наврати претходно реагираа на посочениот наратив, меѓудругото и со потсетување дека ДУИ „10 години владеела со најголемиот проруски ориентиран во државата,  Никола Груевски“.

„Потоа безбедно го испративте во Унгарија. Им должите на вашите граѓани да ја кажете вистината дали сѐ уште ги продолжувате контактите со Груевски?", праша на прес-конференција Бесар Дурмиши од „Вреди“, откако ДУИ првпат го промовираше слоганот „Не, за Русија, да за Европа“, најавувајќи дека нема да дозволи руско влијание во земјата. 

Никој не е толку наивен 

Во јавноста посочениот наратив се доживува како чукање на отворена врата, бидејќи во македонското општество не постоел ниту постои каков било сентимент кон Русија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски: Граѓаните во Македонија се едни од оние на Балканот којшто најмногу ја гледаат својата иднина во рамките на ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

На овој аспект се осврна и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Мислам дека веќе не е никој толку наивен да паѓа на овие евтини естрадни трикови“, рече Мицкоски на ТВ Клан.

„Тие мислат дека на тој начин ќе наметнат тема во јавноста и сега ние треба околу таа тема да дискутираме, да кажуваме кој е за Русија, кој е против Русија, кој е за ЕУ и кој е против ЕУ. Историски гледано руското влијание во Македонија можеби е најмало на Балканот. Тоа е прво. Второ, историски гледано, граѓаните во Македонија се едни од оние на Балканот којшто најмногу ја гледаат  својата иднина во рамките на ЕУ. Граѓаните на Македонија направија можеби најмногу од сите народи во Источна Европа за да бидат дел од таа Европска Унија, а тоа што не сме таму, тоа е прашање од сосема друга природа. Најмногу поради оние непринципиелни блокади коишто ги имавме од нашите соседи, а потоа од криминалните политичари коишто досега ја водеа Македонија“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, тоа е обид на луѓето од власта за дефокус на јавното мислење, додека со едната рака мавтаат со знаменца на ЕУ и САД, а со другата крадат.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми