1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата американска стратегија: Судбински момент за Европа?

9 декември 2025

Новата американска стратегија за безбедност е едногласно одбиена во Германија. Охрабрувачки е фактот што сè уште нема конкретни планови за нејзина примена.

Египет 2025 | Германскиот канцелар Фридрих Мерц и американскиот претседател Доналд Трамп
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и американскиот претседател Доналд Трамп во Египет, 13.10.2025Фотографија: Evan Vucci/AFP

Дали на Европа ѝ се заканува „цивилизациско исчезнување“, особено преку доселување? Дали Русија навистина веќе не претставува закана за мирот? Дали европските држави навистина ги поткопуваат демократските процеси?

И, речиси најзаканувачки: Дали целта на идната американска политика под претседателот Доналд Трамп ќе биде мешање во внатрешните работи на овие држави во Европа, како што јасно најавува новата „Национална стратегија за безбедност“ на САД, претставена минатиот петок?

Германската влада реагира: „Русија ја врати војната во Европа“

Вознемиреноста кај германските политичари поради овие изјави од Вашингтон е голема. Владата очајнички се обидува да ги нагласи последните врски со досега најважниот сојузник.

Во понеделникот претпладне (8.12.) портпаролот на владата во Берлин, Себастијан Хиле, изјави:

„Европа и САД се историски, економски и културно поврзани и остануваат блиски партнери. Критичните тонови кон ЕУ ги отфрламе.“

Тој ги отфрли и обвинувањата дека Германија и Европа ја попречуваат слободата на изразување. А проценката дека Русија веќе не е закана, исто така не е точна, вели тој: „Ова мислење не го делиме.“

Владата останува на оценката на НАТО дека Русија е закана за мирот, слободата и стабилноста: „Русија ја врати војната назад во Европа.“

„Судбината на Украина е судбина на Европа“: Широка поддршка за претседателот Зеленски (втор од десно) во ЛондонФотографија: Toby Melville/REUTERS

Мерц во Лондон: Поддршката за Украина останува непоколеблива

Попладнето канцеларот Фридрих Мерц беше во Лондон, каде разговараше со британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски за состојбата во земјата нападната од Русија.

И таму новата американска стратегија беше тема, особено во однос на Украина. На почетокот од средбата Мерц изјави:

На почетокот на средбата Мерц рече дека судбината на Украина е и судбина на Европа: „Никој не треба да се сомнева во нашата поддршка за Украина.“

Надеж: Сè уште нема конкретни американски планови

Експертите во Канцлерамтот во Берлин не се изненадени од новите планови на САД за Европа.

Дописничката на ДВ, Михаела Кифнер, која го придружуваше Мерц на бројни патувања, резимира: „Шокот од првичниот план на Трамп за Украина од 28-точки е сè уште толку силен, што новата стратегија никого не изненадува. Веќе беше јасно дека не само што Европа ќе мора да се снајде без САД, туку и тоа дека Вашингтон активно посакува враќање на ЕУ во етнички хомогени национални држави.“

Надеж дава една централна слабост на администрацијата на Трамп: За разлика од претходните безбедносни стратегии, каде секоја реченица беше поткрепено со интерни акциски планови, новиот документ повеќе личи на идеолошки манифест.

Берлин предупредува од раскол со САД

Во политички Берлин остри реакции дојдоа на пример од експертот за надворешна политика на ЦДУ, Норберт Ретген:

„Првпат од крајот на Втората светска војна, САД веќе не стојат на страната на Европејците.“ А, уште поважно, според него, е што веќе не стојат ни на страната на Украина.

„Судбински момент за Европа“: експертот за надворешна политика на ЦДУ, Норберт Ретген за време на говор во БундестаготФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Затоа е клучно да се остане цврст во користењето на милијардите замрзнати руски средства во Европа, особено во Белгија, за обновата на Украина – дури и спротивно на волјата на САД, смета Ретген. Тој во изјава за РНД тоа го нарече „судбински момент“ за Европа:

„Ако не успееме да ги мобилизираме руските средства за помош на Украина, тоа би значело дека не сме подготвени за одбрана на сопствениот суверенитет.“

Со други зборови: има раскол во односите меѓу Вашингтон и европските престолнини. Европа може да си помогне само самата.

Зелените алармираат: Европа мора да го зајакне сопствениот суверенитет

И опозициските Зелени се длабоко загрижени по објавувањето на стратегијата на САД. Шефицата на Зелените, Франциска Брантнер, за весниците на групата Функе изјави дека новиот американски документ значи пред сè дека Европа веќе не смее да губи време. Континентот, според неа, мора да инвестира во сопствениот суверенитет.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми