1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврокомисија: Со пoмалку прописи да се растовари економијата

Бернд Ригерт
21 декември 2024

Бирократијата ја поткопува пазарната конкурентност на европските компании. Затоа новата Европска комисија сака што побргу да ја расчисти џунглата од прописи.

Symbolbild Bürokratie
Фотографија: chromorange/picture alliance

Подобрата пазарна конкурентност на компаниите во ЕУ е централното прашање кое веќе со месеци го мачи Брисел. Новата Европска комисија, извршната власт на Унијата, е веќе на функција и сега сака да се справи со тоа.
На самитот во Будимпешта во ноември, шефовите на држави и влади на ЕУ ја поставија конкурентноста како главна цел за 2025 година.
„На Европа итно ѝ е потребно подобрување на конкурентноста“, рече новиот германски министер за финансии Јерг Кукиес на состанокот на европските министри за финансии во Брисел. Неопходни се подобри услови за финансирање, особено за младите компании во развој. „Ова е многу важен придонес кој Европа може да го даде.“

Германскиот министер за финансии, Јерг КукиесФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Со омнибус против премногу правила

Препораките од високо ценетиот извештај на поранешниот шеф на Европската централна банка, Марио Драги, за европската конкуренција со САД, Кина и со другите региони во светот треба да се спроведат што е можно поскоро.
Драги итно препорача повеќе јавни инвестиции и помали прописи, особено за малите и средни претпријатија.
Еврокомесарот Валдис Домбровскис, кој веќе една недела е задолжен за одделот „Продуктивност, имплементација и поедноставување“, првенствено се насочува кон непотребните и гломазни закони на ЕУ. Тој сака да го намали бирократскиот товар на компаниите за најмалку 25 проценти.
„Веќе почнавме да подготвуваме предлози за поедноставување. Прво доаѓа омнибус уредбата, која се фокусира на барањата за известување“, најави Валдис Домбровскис во Брисел.
Омнибус регулатива? Притоа, не се мисли на возила, туку Комисијата на ЕУ се занимава со спојување на сите обврски за известување од три закони во една регулатива.
Многу компании во ЕУ сега треба да подготват долги извештаи со илјадници податоци за одржливост, синџири на снабдување, заштита на животната средина и шуми и да ги достават до надлежните.
Омнибус уредбата треба да се достави до Комисијата во првите сто дена, односно најдоцна до 10 март.
Треба да се поедностават и обврските за известување за синџирите на снабдување, кои всушност стапуваат на сила до почетокот на 2025 година. „Многу, многу важна тема. Компаниите постојано ни ја споменуваат бидејќи претстои воведување нови обврски за известување, кои секако би сакале да ги одложиме“, рече министерот за финансии Јерг Кукиес.

Еврокомесарот, Валдис ДомбровскисФотографија: Nicolas Landemard/Belga/dpa/picture alliance

Бирократијата е пречка

Во анкетата, претприемачите истакнаа дека бирократијата и регулативата им пречат дури и повеќе од високите цени на енергијата.
Во изминатите пет години, ЕУ издаде 13.000 нови регулативи. Тие беа усвоени со согласност на 27 земји членки и на Европскиот парламент, кој сега наеднаш го става укинувањето на правилата како приоритет по извештајот на Драги.
Консултантот и експерт за одржливост Флоријан Вуперфелд, со седиште во Лондон, смета дека многу правила на ЕУ не водат до поголема транспарентност, туку „само ги полнат касите на големите консултантски фирми“. Треба да им помогнат на компаниите да се движат низ лавиринтот на законите на ЕУ и да одговорат на безброј прашалници.

Марио Драги (лево) ги потврди сериозните пропусти на ЕУ и огромната потреба од инвестиции. На фотографијата со старо-новата претседателка на Еврокомисијата Урсула фон дер Лајен.Фотографија: NICOLAS TUCAT/AFP

„Чист договор“ наместо „Зелен договор“

Меѓутоа, Европската комисија не сака да се откаже од новите закони и правила. За да се имплементира „Зелениот договор“, односно поголема заштита на климата, се работи на понатамошни одредби, но тие служат за „поврзување на климатската политика и економската политика“, рече еврокомесарот за клима и нула емисии, Вопке Хоекстра, на средбата на министри на финансии на ЕУ во Брисел.
Според тоа, неговиот ресор вклучува обид за усогласување на климата и на економската политика, преку таканаречениот „Чист договор“ на сегашната Комисија, која го преименуваше „Зелениот договор“ на претходната Комисија на ЕУ.
Хоекстра најави дека сака да ги намали емисиите на штетни гасови во воздухопловството и во поморството. Холандскиот комесар остави отворено дали тоа треба да се направи преку нови даноци. „Мораме внимателно да ја осмислиме новата политика“, рече Хоекстра. Тоа ќе се случи со брзина на светлината, односно во првите 100 дена од новата Комисија на ЕУ.

Новиот состав на Еврокомисијата предводена од Урсула фон дер ЛајенФотографија: Jean-Francois Badias/AP Photo/picture alliance

Програмата за работа на новите еврокомесари

Во првите 100 дена, исто така, треба да се исполни една голема германска желба. Таканаречената „забрана за мотори на согорување“ за новите автомобили од 2035 година треба да се ревидира.
Тогаш законот треба да дозволи согорување на климатски неутрални е-горива во бензинските мотори. Ова се наведува во нацрт програмата за работа на Европската комисија, која сѐ уште не е усвоена. 

Според овој нацрт, долга е листата на проекти кои имаат за цел растоварување на економијата и стимулирање на растот. Трговијата со емисии треба да се направи пофлексибилна. Целите за заштита на климата треба да се ревидираат. Треба да се посвети поголемо внимание на последиците за компаниите.
За секој нов закон кој влијае на компаниите, треба да се избришат два стари, стои во документот на Комисијата на ЕУ. Пристапот до финансирање од фондовите на ЕУ треба да се поедностави. Планирано е создавање на единствен портал за сите прописи и програми за финансирање, под мотото „Еден административен шалтер за сите прашања“.

Ова не е сосема нова идеја

Дипломати на ЕУ во Брисел, кои не сакаат да бидат именувани, велат дека пристапот на новата комисија на ЕУ треба да се поздрави. Ќе се водат жестоки дебати со претставници на 27 земји членки, секоја со свои специфични интереси.
Дипломатите потсетуваат и дека новиот обид за намалување на бирократијата не е прв во ЕУ. Во 2007 година, поранешниот баварски премиер Едмунд Штојбер беше назначен за претставник на ЕУ за намалување на бирократијата.
Со години бараше непотребни закони и прописи. Неговиот успех не беше премногу голем. Во летото 2024 година, тој во интервју за Мителдојчер рундфунк рече: „Денес државата регулира бескрајно повеќе отколку што може и да контролира. Нема такви луѓе кои можат да го спроведат сето ова“.
 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми