1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови идеи во ЕУ: Членство без право на глас

БГ
20 октомври 2025

Во ЕУ се развиваат нови планови за олеснување на процесот на проширување кој е блокиран од страна на земјите-членки. Идејата за квалификувано мнозинство се напушта, се предлага членство без право на глас

Зградата на Европскиот парламент во Стразбур опкружена со знамиња на земјите-членки
Во ЕУ се развиваат нови планови за олеснување на процесот на проширувањеФотографија: Philipp von Ditfurth/dpa/picture alliance

Актуелните земји-кандидати за членство би можеле да и се приклучат на Европската Унија без да добијат полни права на глас, пишува Политико во анализа на новиот предлог кој треба да и даде нов замав на политиката за проширување на ЕУ.

Според Политико, предлогот за промена на правилата за членство во ЕУ е во рана фаза и би требало да биде одобрен од сите постојни членки, според тројца европски дипломати и еден официјален претставник на ЕУ запознаен со дискусиите. Идејата е новите членки да добијат полни права откако ЕУ ќе го реформира начинот на функционирање, така што ќе биде потешко за поединечни земји да ставаат вето на политики.

На почетокот на есента актуелен беше планот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за укинување на едногласноста при одлучувањето за прашања од надворешната политика и проширувањето во ЕУ. Но, таа идеја е веќе напуштена откако беше отфрлена од повеќе земји-членки.

Сега, владите на земјите-членки кои го поддржуваат проширувањето, како Австрија и Шведска, сакаат да му дадат нов живот на процесот со новиот план.

„Идните членки треба да се обврзат дека ќе се откажат од правото на вето сè додека не се спроведат клучни институционални реформи- како воведување на квалификувано мнозинство во повеќето области на политика“, изјави за Политико Антон Хофрајтер, претседател на Комитетот за европски прашања во германскиот Бундестаг. „Проширувањето не смее да се забавува поради блокирање на реформите од страна на поединечни членки.“ 

Планот новите членки да се приклучат без полни права на глас би „обезбедил дека ќе останеме способни за дејствување дури и во проширена ЕУ“, вели Антон Хофрајтер.Фотографија: Tina Gerhäusser/DW

Иницијативата би им овозможила на земјите кои се на патот кон членство, како Украина, Молдавија и Црна Гора, да уживаат многу од придобивките на членството во ЕУ, но без право на вето- нешто што владите на ЕУ отсекогаш го сметале за крајно средство за спречување на непожелни политики.

Размислувањето зад предлогот, кој неформално се дискутира меѓу земјите-членки и Комисијата, е дека новите земји би можеле да се приклучат под пофлексибилни услови, без потреба од измена на основните договори на ЕУ, што неколку влади го сметаат за невозможна мисија.

Сè поголемо незадоволство

Планот новите членки да се приклучат без полни права на глас би „обезбедил дека ќе останеме способни за дејствување дури и во проширена ЕУ“, вели Хофрајтер. „Од разговорите со претставници на земјите од Западен Балкан добивам јасни сигнали дека овој пристап се смета за конструктивен и изводлив.“

Барањето новите земји да не се приклучат сè додека ЕУ не го реформира начинот на функционирање ризикува проширувањето да се „задржи преку задната врата“, додаде тој.

Овој потег се совпаѓа со растечкото незадоволство во Источна Европа и земјите кандидати од Западен Балкан, кои спроведоа длабоки внатрешни реформи, но сè уште не се поблиску до членство, иако аплицирале пред години.

Лидерите од земјите од Западен Балкан — Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија — ќе се сретнат со европските лидери во среда во Лондон на самитот на „Берлинскиот процес“, фокусиран на зајакнување на интеграцијата меѓу тие земји како подготовка за членство во ЕУ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми