Нови искри меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за реформите во судството
2 април 2025
Реформите во правосудството и измените на Кривичниот законик доведоа до остра реторика и „високи тонови“ меѓу коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Критиките на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој гостуваше на ТВ Телма, при што изнесе личен став дека министерот за правда има слаби перформанси, во однос на обврските што ги има преземено за реформите во правосудството, предизвика жестока реакција на ресорниот министер од редовите на ЗНАМ, Игор Филков.
Тој му порача на Милошоски дека уште откако се повлекол од функцијата министер за надворешни работи, како пратеник, активно учествувал во креирањето на „канцерогениот правосуден систем“. „Беше вклучен и во донесувањето на штетните измени во Кривичниот законик во 2023 година, со што се спаси од одговорност за кривичното дело „Моќник“, вели Филков.
Кој прв почна?
Се започна со гостувањето на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, во Топ тема на Телма во вторникот (01.04) кога тој меѓу другото рече: „Очекував досега барем во нацрт-верзија до Собранието да бидат доставени законот за судовите, законот за судскиот буџет, законот за јавнообвинителската служба, новиот Кривичен законик“.
Тоа предизвика остра реакција на Филков. Преку социјалните мрежи тој му порача на Милошоски дека „личи како некој што работи по туѓи наредби“. „Во минатото е познат по Ванчо Михајлистички ставови, многу лаги и невистини. Ова е лош де-фокус на македонската јавност по двонеделниот „одмор“, вели министерот.
Поради тоа тој го запраша Милошоски за кого во моментов одработува, дали за интересите на граѓаните или за некои други агенди?
„Кусурот на Груевски“
„Кусурот на Груевски, познат под прекарот Џуџето од Небрегово, а јавноста го памети по аферите поврзани со АМСМ и семејните бизниси од Кичево, изгледа се уште нема навика да одговара пред граѓаните што го избрале. Бидејќи очигледно е неинформиран и изолиран од партијата, го упатувам во неговата матична партија, или, пак, во Владата, можеби конечно ќе го известат за постапките, роковите и статусот на законите“, вели Филков.
Во подолг статус на социјалните мрежи тој наведува 16 законски решенија подготвени од Министерството за правда на Северна Македонија, коишто се дел од реформите во правосудскиот систем. Станува збор за закон за спречување на корупција, предлог-закон за судска служба, закон за Јавно обвинителство и за Судски совет, измени на Изборен законик, нов Кривичен закони и други коишто или се веќе предмет на јавна расправа или е при крај нивната подготовка.
Критиката на Милошоски кон Филков доаѓа еден ден откако на површина испливаа и несогласувањата меѓу албанските коалициони партнери, обединети во Вреди. Министерот за здравство и лидер на Алијанса за Албанците, дел од владината коалиција „Вреди“, Арбен Таравари, во интервју за „360 степени“ изјави дека од 100 километри се гледа неусогласеноста на „Вреди“ во владината коалиција.
Потфрлање во реформската агенда
И лидерот на СДСМ, Венко Филипче, смета дека Владата нема добри перформанси во спроведувањето на реформската агенда во делот на правосудството. Тој на прес-конференција рече дека како претседател на Националниот совет за евроинтеграции, направиле анализа во Собранието дека 35 закони треба да се донесат до јуни 2025 година, од кои најголемиот дел се од Министерството за правда.
„Освен еден закон, кој веќе е донесен, ниту еден друг не е во собраниска процедура. Но, реформската агенда е поврзана со 800 милиони евра наменети за нашата земја, откако законите ќе се имплементираат. Станува збор за закони од многу чувствителна сфера, а кои не се во временската рамка, а за коишто Владата се обврзала во Брисел дека ќе ги спроведе“, вели Филипче.
Смирување на топката
Премиерот Христијан Мицкоски се обиде да ја смири топката. Коментирајќи ја расправијата меѓу Милошоски и Филков, премиерот рече дека и двајцата имаат право да имаат лош ден.
„Владината коалиција е стабилна. Пратеникот Антонијо Милошоски е член на Извршниот комитет на партијата и тој е дел од мојот најблизок периметар. Соработката со него ја оценувам на највисоко ниво. Од друга страна, знам со какви проблеми се соочува министерот Филков. Од она што можев да го заклучам е дека секој има право на лош ден, а јас мислам дека лошиот ден помина и за Милошоски и за Филков. Граѓаните да бидат спокојни, Владата е стабилна“, порача премиерот.