1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли администрацијата без партиската прегратка?

ДТЗ
19 септември 2025

Се најавуваат пакет закони за усовршување и професионализација на државните службеници, но и резови, онаму каде што е потребно. Согласно обврските кон ЕУ, за 40 отсто треба да се скратат буџетските корисници

Symbolbild Ausruhen im Büro
Фотографија: Fotolia/alphaspirit

И покрај бројните реформи, законски измени и најави за професионализација на администрацијата, овој гломазен државен апарат сè уште тешко се одделува од партиската прегратка во Македонија. Во пресрет на локалните избори во октомври, повторно се најавува рационализација, едукација и департизација на вработените во јавниот сектор. 

„Освен департизација, во следниот период почнуваме и нов процес со пакет три нови закони, за висока раководна служба, за плати и за организација и работа на органите на државната управа“, вели министерот за јавна администрација, Горан Минчев.

За 40 отсто треба да се скратат буџетските корисници

Според него, партизацијата, пријателските и роднинските вработувања изминатите 30 години ја довеле администрацијата во состојба, да биде нефункционална,гломазна, бавна и неефикасна. Тој најавува пакет закони за усовршување и професионализација на државните службеници, но и резови, онаму каде што е потребно. 

„Имаме добра можност да почнеме со минимално кратење на т.н. управни и надзорни одбори или со усогласување на бројот на членови на тие одбори. Секако, ќе следи и спојување на одредени институции во други со што ќе влеземе во процес кој ни е обврска од ЕУ, а тоа 40 отсто кратење на буџетските корисници“, вели Минчев, потенцирајќи дека има институции со по еден или двајца вработени, формирани со цел да се „задоволат нечии политички или партиски потреби“.

Соглсно обврските од ЕУ, за 40 отсто треба да се скратат буџетските кориснициФотографија: picture-alliance/dpa/C. Klose

Реформи од кои сите ќе имаат бенефит

Според францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, процесот на европско приближување е процес на спроведување реформи и трансформација. Но, реформите што ги бара ЕУ не треба да се сфатат како ограничувачки, ниту како обврска која треба да се спроведе зашто што ЕУ тоа го бара. „Тие се нешто позитивно за земјата и од нив бенефит ќе имаат сите граѓани“, вели францускиот амбасадор.

Премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот (18.09) рече дека ова е генерација која „мора да ја извлече државата од мракот на партизацијата и да ја однесе во светлината на европската иднина“.

„Ве повикувам – учете, прашувајте, дискутирајте. Бидете храбри да воведувате нови практики. Бидете тие кои ќе ја остават администрацијата поефикасна, почесна и посилна од кога било“, им порача Мицкоски на министрите, директорите и градоначалниците. 

Во јавниот сектор во Македонија се активни 1.371 институции, во кои се вработени 128.879 лица. Според податоците од Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација, во однос на 2022 година, бројот на вработените во институции од јавниот сектор е намален за 495.

Анализите покажуваат дека со секоја промена на власта од 2018 година навака, има значителен раст на редовно вработените во јавниот сектор. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми