Дали новите мерки ќе ја запрат кризата со горивата?
6 април 2026
Владата со дополнителни мерки ќе се обиде да ја ублажи разгорената криза со цените на горивата и да го заштити животниот стандард на граѓаните. Новиот пакет предвидува намалување на акцизите, продолжување на понискиот ДДВ и дополнителен попуст договорен со компанијата ОКТА.
Намалени акцизи и продолжување на понискиот ДДВ
Според одлуката донесена на вонредна седница, акцизата за дизелот се намалува за четири денари, а за бензините за два денари по литар. Истовремено, мерката за намалена стапка на ДДВ за горивата – од 18 на 10 отсто – ќе продолжи да важи до крајот на кризната состојба, односно до 20 април.
Со ОКТА е договорено да продолжи и дополнителниот попуст – три денари за дизелот и два денари за бензините од 95 и 98 октани, најмалку до крајот на април.
Премиерот Христијан Мицкоски, на вонредна прес-конференција одржана во неделата (5 април), изјави дека без интервенциите, цената на дизелот ќе достигнеше околу 102 денари, а бензините ќе биле поскапи за уште 1,5 до 2 денари по литар. „Со намалување на акцизата и попустот од ОКТА, го амортизираме потенцијалното зголемување од околу седум денари по литар кај дизелот“, изјави Мицкоски.
Кај безоловните бензини, како што рече, мерките резултираат со цена два денари пониска во споредба со претходниот регулиран период.
Пазарот стабилен, без ограничувања
Според Мицкоски, и покрај зголемената побарувачка – особено во пограничните региони, каде што се бележи и трикратно зголемување на продажбата, нема потреба од воведување ограничувања за странските државјани.
Потрошувачката изминатата недела достигнала рекордни два милиони литри дневно, од кои 75 отсто дизел, а 25 отсто безоловен бензин.
Можно дополнително замрзнување на маржите
Доколку кризата продолжи, Владата е подготвена за нови интервенции, меѓу кои се разгледува и намалување на ДДВ за основните прехранбени производи, кое сега е 5 отсто и повторно замрзнување на маржите, со постепено „одмрзнување“, за да се избегнат ценовни шокови.
Мицкоски оцени дека државата не може да биде изолирана од глобалните процеси, особено поради тензии на Блискиот Исток, но нагласи дека Владата реагира навремено.
Филипче: Мерките се задоцнети и недоволни
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги оцени мерките како задоцнети и недоволни, тврдејќи дека нема да имаат значаен ефект. „Спиралата на раст на цените веќе е започната. Владата немаше слух кога предупредувавме навреме“, изјави Филипче при посетата на село Криволак.
Според него, кризата ќе се продлабочува, а граѓаните сѐ повеќе ќе го чувствуваат товарот врз својата куповна моќ.