1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската армија повторно ќе биде „способна за војна“

Ули Хаук | АРД
14 ноември 2023

Каква би требало да биде германската армија во иднина – според новите Насоки на одбранбената политика? Во секој случај, би требало повторно да биде „способна за војна“.

Rechtsextremismus in der Bundeswehr
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус неодамна предизвика големо внимание со изјавата дека Бундесверот мора повторно да стане „способен за војна“. Тој прв го спомена овој израз (kriegstüchtig) и го воведе во јавни дискусии во неколку интервјуа минатата недела. Сега е јасно зошто: воената способност на Германија треба да стане водечка максима на дејствувањето и новото сфаќање на Бундесверот. Во новите Насоки на одбранбената политика тој израз се споменува дури шест пати.

Насоките се обврзувачка, концептуална основа на  германската одбранбена политика  и се ревидираат секои 10-15 години. Последен пат тоа беше во 2011 година, кога министер за одбрана беше Томас де Мезиер.

Русија најголема и трајна закана

Новите насоки ја опишуваат Руската Федерација како „најголема трајна закана по мирот и безбедноста во евроатлантскиот простор“. Затоа, фокусот на Бундесверот е одбрана на земјата и сојузниците. Имајќи ја во вид Русија, генералниот инспектор на Бундесверот, Карстен Бројер вели дека Германија и нејзините партнери во НАТО повторно мораат да се носат со воената закана од еден рамноправен противник.

И канцеларот Олаф Шолц смета дека руската  агресорска војна во Украина  би можела да трае „многу долго“. На конференцијата на Бундесверот изјави дека „нашиот мировен поредок“ го гледа во опасност и признава дека Германија предлого „се извлекувала“. Преведено на обичен јазик, тоа значи дека премалку се вложувало во одбрана. Во вој контекст, интересно е да се види како тие двајцата ја гледаат иднината на германската војска: тие сакаат  Бундесверот  да биде „рбетот на европската безбедност“ и да стане „долгорочен и доверлив камен темелник на конвенционалната одбрана во Европа.“

Германија треба да ја исполни својата воена одговорноост како најбројна по население и економски најсилна земја среде Европа.

Традиционалните сојузници како САД, Франција и Велика Британија не се споменуваат во новите Насоки на германската одбранбена политика.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус - големо внимание со изјавата дека Бундесверот мора повторно да стане „способен за војна“Фотографија: Tobias Schwarz/AFP/Getty Images

Германија поддршка и пример за помалите држави

Наместо тоа, на самиот Бундесвер му е донекаде неспретно доделена улога на „партнер за поддршка“. Тоа значи дека би требало да стане воен пример и нација помагач за помалите членки на НАТО.

Конкретно, на пример, кога е во прашање планирање на заедничката противвоздушна одбрана под наслов „Европски небесен штит“, кој пред пет години го иницираше Германија, без директните соседи Франција и Полска.

Покрај Германија, потписнички (13.10.2022) беа Велика Британија, Словачка, Норвешка, Естонија, Летонија, Унгарија, Бугарија Белгија, Чешка, Финска, Литванија, Холандија, Романија и Словенија. Во меѓувреме се приклучија и Данска, Швдска, Австрија и Швајцарија.

Кај такви проекти станува збор за заедничка набавка на системи за вооружување. На конференцијата на Бундесверот канцеларот изричито ги повика и другите нации да се придружат.

Пример од праксата: на крајот на летото на европските партнери им е претставен ПВО системот ИРИС-Т СЛМ, кој е успешно користен во Украина. Естонија и Летонија потоа во семптември потпишаа договори за набавка. Заедно со Норвешка се градат подморници. Германија сака во иднина да ги намали препреките за соработка – со исти системи на оружје меѓу партнерите.  

Индустријата за оружје не треба да се грижи за иднината

Познатата „пресвртница“ за која по почетокот на војната во Украина зборуваше канцеларот, за него значи и интензивирање на соработката со индустријата за оружје.

Олаф Шолц нема никакви инхибиции да разговара со индустријата и да праша што може таа да направи. Посебно по нападот на Русија врз Украина, потребна е долгорочна промена на одбранбеата политика. А тоа исто така бара долгорочни порачки кај индустријата за оружје, која може да се радува на „полни фасцикли со порачки.“

Се очекува до крајот на оваа година низ Бундестагот да поминат 50 проекти за набавка на оружје. На тој начин две третини од  специјалниот фонда за Бундесверот  од 100 милијарди евра веројатно би биле договорно врзани. Парите финансирани со кредитот би можеле во целост да бидат потрошени најдоцна до 2027/2028 година.

А што потоа? Ова прашање е далеку од одговор, зашто нормалниот буџет за одбрана во среднорочното финансиско планирање уште не е зголемен. А кога ќе се потроши специјалниот фонд, во буџетот за одбрана и натаму останува годишен јаз од околу 25 милијарди евра.

Ветувањата на генералите притисок за идните германски влади

Сепак, канцеларот на германските генерали им вети дека тоа дефинитивно ќе биде решено така што Бундесверот ќе ги добива потребните средства и кога ќе се потроши специјалниот фонд. Станува збор за „прилагодување“, рече Шолц на конференцијата на Бундесверот, што и да значи тоа конкретно изразено во пари.

Канцеларот додуша не објаснува од каде ќе дојдат парите, но истовремено ветува дека на Бундесверот ќе му бидат трајно загарантирани два проценти од БДП – до 2023-те години.

Меѓутоа, Олаф Шолц нема легитимитет за такви долгорочни одлуки. Сѐ што може да направи е да го зголеми притисокот на идните сојузни влади  да не штедат повторно на Бундесверот.

Олаф Шолц: Ветувањата на генералите како притисок за идните германски владиФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Потребна е промена на менталитетот во Германија во војската и општеството

Според новите Насоки на одбранбената политика, на Бундесверот му е потребна „промена на менталитетот“ за да стане „способен за војна “. Германската војска е уште многу далеку од целта да биде „спремна за акција и борба во било кој момент.“ 

Исто така е премногу бирократизирана. А од страв од грешки, одлуките не се носат и бесконечно се делегираат. Канцеларот и министерот за одбрана затоа сакаат поинаква култура на однос кон грешки.

Шолц и Писториус сакаат промена на  менталитетот и во општеството,  зашто постојат „значајни сомневања во отпорноста“ на Германија.

Како пример, висок санитетски офицер ги наведува пресметките на НАТО според кои во случај на војна, 200 до 300 тешко ранети војници секојдневно би требало да се префрлат од источното крило на НАТО во Германија и да бидат оперирани. Бундесверот нема доволно капацитети, а за тоа не се спремни ни цивилните болници. Како што изјави тој, досега неговите мислења предизвикале малку внимание во Министерството за здравство.

Имплементацијата на често цитираната „пресвртница“ не се однесува само на Бундесверот, неговиот персонал и опремата – германското општество исто така треба да стане поотпорно, на пример на сајбер напади и дезинформирачки кампањи.

Канцеларот вели дека по тоа прашање „не е толку песимист“, огромното мнозинство сфаќа што значи „пресвртница“. Тоа ќе го покаже иднината.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми