1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови правила на ЕУ за патниците со авион

ЕМФ | агенции
8 јули 2026

Во иднина, родителите ќе можат бесплатно да резервираат места до своите деца во авионите, а цените на билетите мора да бидат јасно прикажани: Европскиот парламент усвои нови права за патниците во воздушниот сообраќај.

авион во лет
Европскиот парламент ги изгласа новите европски права на патниците во воздушниот сообраќајФотографија: picture-alliance/blickwinkel

Европскиот Парламент ги изгласа новите европски права на патниците во воздушниот сообраќај. Големо мнозинство од 646 европратеници гласаа за реформата, која, меѓу другото, предвидува дека родителите во иднина ќе можат да резервираат бесплатно места до своите деца во авионите и дека цените на билетите мора јасно да бидат прикажани.

Правилата во врска со надоместокот за доцнење на летовите треба да останат во суштина непроменети. Сега, земјите-членки на ЕУ мора и да ги одобрат промените, но тоа се смета за формалност.

Кога постои право на обесштетување?

При доцнење на летот од три часа или повеќе, патниците можат да побараат паушално обесштетување, доколку за доцнењето е одговорна авиокомпанијата. За летови до 1.500 километри се исплаќаат 250 евра, за летови до 3.500 километри патниците добиваат 400 евра, а за летови на релации над 3.500 километри - 600 евра. Ова правило важи и за летови што се откажани помалку од две недели пред поаѓањето.

Кои се исклучоците?

Тоа се таканаречените вонредни околности. Тука спаѓаат, на пример, природни катастрофи или безбедносни ризици на местото на поаѓање или дестинацијата. Штрајк на вработените во самата авиокомпанија не се смета за вонредна околност, но штрајк на други работници, како што е безбедносниот персонал на аеродромот, често се смета за таква околност. Технички дефект на авионот не се смета за вонредна околност.

Што треба да се промени?

ЕУ сака да обезбеди повеќе патници да можат да го остварат своето право на обесштетување. Затоа авиокомпаниите ќе бидат обврзани најдоцна четири дена по пристигнувањето да ги информираат патниците каде можат да поднесат барање за обесштетување. Потоа тие ќе имаат 30 дена рок или да го исплатат обесштетувањето или образложено да го одбијат барањето.

Правилата важат за летови што ги вршат авиокомпании од ЕУ, како и за летови што ги вршат неевропски превозници чии авиони полетуваат од ЕУФотографија: Michael Ukas/dpa/picture alliance

Што ако се пропушти летот?

Во тој случај нема право на обесштетување. Сепак, патниците кои резервирале повратен билет и го пропуштиле летот во еден правец можат да побараат поврат на средствата за неискористениот повратен лет. Патниците кои и покрај пропуштениот лет успеале да стигнат до својата дестинација можат да го искористат повратниот лет.

Што важи за рачниот багаж?

И тука има само мали промени. Барањата за единствени димензии на куферите за рачен багаж не беа прифатени. Законот предвидува само авиокомпаниите при резервацијата да понудат цена без и цена со дополнителен рачен багаж.

Кои права ги имаат семејствата?

Родителите во иднина ќе можат бесплатно да резервираат седиште до своите деца. Нискобуџетните авиокомпании досега делумно наплатуваа дополнителни такси за тоа, поради што веќе беа под лупа на надлежните органи. Во Велика Британија, Рајанер неодамна ја укина оваа такса откако тамошниот орган за заштита на конкуренцијата започна истрага.

Што следува понатаму?

Гласањето во Европскиот Парламент е последната политичка пречка за реформата. Советот на 27-те земји членки на ЕУ веќе начелно се согласи со неа, но законот мора уште еднаш формално да биде одобрен.     

Правилата важат за летови што ги вршат авиокомпании од ЕУ, како и за летови што ги вршат неевропски превозници чии авиони полетуваат од ЕУ. Откако правилата ќе стапат во сила, авиокомпаниите ќе имаат дванаесет месеци да ги спроведат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми