1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доселување на работници во Германија: што се менува?

Лиза Хенел | Андреа Грунау
30 март 2023

Во Германија има два милиони слободни работни места. Владата сака да мобилизира квалификувани работници од странство. За таа цел предлага нов закон за доселување на работници. Што е ново?

доселување, работници, Германија
Владата планира олеснето доаѓање на стручни работници во ГерманијаФотографија: Frank Hoermann/Sven Simon/picture alliance

На Германија и` недостасува стручна работна сила во делот на информатичка технологија, нега но и добри мајстори и логистичари. Според сојузната Агенција за вработување, во Германија мора да се доселат 400.000 квалификувани работници годишно и треба да останат во земјата за пазарот на труд да биде стабилен. Но во 2021 година беа само 40.000. Кога таканаречената бејби-бум генерација, родени во шеесеттите години, ќе заминат во пензија, овој проблем дополнително ќе се заостри.

Со цел да се променат работите, сојузната влада си зададе амбициозна цел – да создаде „најмодерен доселенички систем во Европа“, како што тоа минатиот ноември го формулираше министерот за труд, Хубертус Хајл.

„Многу земји ни се конкуренција за умните глави и вредните раце. Германската благосостојба се обезбедува така што ја добиваме вистинската работна сила,“ изјави Хајл.

Владата сега одобри нов нацрт-закон за доселување на квалификувани работници. Тој спаѓа во реформите кои пред три години ги започна претходната демохристијанска-социјалдемократска влада.

Министерката за внатрешни работи Ненси Фејзер изрази задоволство при презентација на предлог законот на прес конференција. „Денеска е многу добар ден за Германија како економска дестинација, и за модерна и разнолика земја.“ Но, исто така неколкупати нагласи колку се важни отвореноста кон светот и култура на добредојде во Германија, за овие работници и нивните семејства да се чувствуваат добро во земјата.

Што е заклучено

Со нацрт-законот треба да се отвори можноста за квалификувани работници од земјите кои не се членки на ЕУ да живеат и работат во Германија. Во иднина треба да има три начини за доселување во Германија: признавање на квалификации и дипломи, како што беше возможно и досега, потоа со дозвола за квалификувани работници со работно искуство, како и за луѓе со потенцијал, но без потпишан договор за вработување.

Се планира и поголем број луѓе да ја добијат таканаречената „сина карта“ на Европската унија, бидејќи е намален лимитот за минимален приход поврзан со неа. Оваа „сина карта“ во Германија важи десет години. Луѓе со факултетски дипломи може да дојдат во Германија и без познавање на јазик и без вообичаената институционална проверка дали за работното место за кое се заинтересирани веќе има кандидати од Германија или од другите земји на ЕУ. За да се исклучи нелојална конкуренција, овие експерти до сега мораше да имаат годишен приход на одредено ниво. Сега таа долна граница е доста намалена. До сега странецот мораше во договорот за работа да има најмалку годишен приход од 58.400 илјади евра, додека кај дефицитарните занимања оваа граница беше пониска, 45.552 илјади евра.  ИТ експертите можат да добијат „сина карта“ и без завршен факултет ако имаат работно искуство на академско ниво.

Министерката за внатрешни работи Ненси Фејзер и министерот за труд, Хубертус Хајл го претставија нацрт законот за доселувањеФотографија: Bernd von Jutrczenka/picture alliance/dpa

Правилото за Западен Балкан – 50.000 работници годишно во иднина

Освен тоа со нацрт-законот се дозволува и промена на браншата, па доселениците може да работат било каква квалификувана работа. На пример автомеханичар би можел да најде работа и како логистичар.

Дополнително правило се однесува на луѓето од Западен Балкан. Досегашната регулатива за овие земји која важеше до 2023 година ќе биде продолжена на неодредено време. Годишниот контингент за шесте земји сега е удвоен на 50,000.

Помалку препреки во признавањето на квалификациите

Покрај ова, нацрт-законот предвидува и помалку препреки при признавањето на квалификациите на странските работници и нивните дипломи. До сега овој процес траеше доста долго. Според новите правила, луѓето веќе нема да мора да поднесат барање за признавање на нивните дипломи во Германија, ако имаат најмалку две години работно искуство и ако нивните квалификации се признаени во државата од која доаѓаат.

„Оваа промена ќе значи помалку бирократија и со тоа и пократки процедури“, рече Фејзер во Берлин.

Ова правило сепак важи само за квалификуваните работници кои имаат приход над одредена граница. Но, и за оние кои се под оваа граница има ново правило – тие ќе имаат партнерски однос со работодавецот во процесот на признавање на квалификациите. Тоа значи дека ќе можат да дојдат во Германија и да почнат со работа уште додека нивните докази за квалификации се во процес на проверка.

Со „карта на шанси“ во Германија

Според нацрт- законот, ќе биде воведена и таканаречена „карта на шанси“ која се заснова на систем на бодување. Со неа луѓето може да дојдат во Германија и една година да бараат работа. Потребна им е странска стручна или факултетска диплома.

„Сѐ е можно ако си упорен“

04:41

This browser does not support the video element.

Критериумите за добивање на оваа карта ќе бидат познавање на германски и/или англиски јазик, возраст, работно искуство, врски со Германија и потенцијални партнери или партнерки за доселување со носителот на оваа карта. Освен тоа, луѓето кои ја поседуваат оваа карта ќе можат да работат 20 часа неделно надвор од струката додека бараат работа според струката. Дозволена е и пробна работа.

„Ќе ја направиме Германија поатрактивна за умните глави од светот. Ширум светот активно ќе ја рекламираме Германија како доселеничка земја“, заклучи Фејзер на прес-конференцијата во Берлин.

Критика и желби

Опозицијата се јави со критика. „Треба да се преземаат мерки против доселување само за критичните бранши и односи во кои се искористува работникот, наместо дополнително да се проширува таквата појава”, објаснува експертката на Левица за пазарот на трудот, Сузане Фершл. Заменикот претседателот на конзервативната Унија од ЦДУ и ЦСУ, Херман Гре, забележува дека нацртот на владата не содржи „ништо вистински ефикасно” за да се привлечат повеќе квалификувани работници. Според него ,не се пресудни нови правила, туку подобра пракса. „Ако илјадници квалификувани лица со месеци мора да чекаат на виза, потребно е конечно да се обезбеди повеќе персонал на пример во конзуларните претставништва - а, не нови правила”. И Герд Ландсберг од Сојузот на градови и локални заедници за „Рајнише пост” вели дека „ако информатичар од Пакистан или Индија мора да чека со месеци додека добие термин во конзулатот за да аплицира за виза, во даден случај ќе си избере друга земја”. Тој бара побрза, дигитализирана постапка за издавање визи, затоа што сите индустриски држави се во натпревар за стручната работна сила. „И најдобриот закон е бескорисен ако не се спроведува”, предупредува и претседателот на Централното здружение на германските занаетчии во интервју за Медиумската групација Функе. Од таму велат дека постапката за доселување на стручна работна сила мора радикално да биде поедноставена преку дебирократизирање и забрзување на административните процеси. 

Сојузната агенција за труд смета дека недостасува консеквентна дигитализација. Во писмената кореспонденција со службите за странци, Агенцијата сѐ уште во половина од случаите добива факсови и писма, вели Ванеса Ахуја, шефица на одделот за меѓународни прашања. Таа вели дека Агенцијата посакува постапката да биде „100 процентно дигитална” - токму тоа што до сега им недостасува во Германија на многу од странските кандидати.

За предлог законот сега треба да се расправа во Бундестагот. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми