1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блупринт групата се повлекува од изработката на новиот КЗ

ДТЗ
9 октомври 2023

Блупринт групата не сака да учествува во процеси во кои правото и правниот систем се извртуваат и злоупотребуваат. Министерот за правда, Кренар Лога, бара да не избрзуваат со одлуката

Symbolbild Justiz Gericht Richterhammer
Фотографија: picture alliance/imageBROKER

Нови превирања околу измените во Кривичниот законик. Групата на граѓански организации за реформи во правосудството Блупринт најави дека ќе се повлече од процесот за изработка на новиот Кривичен законик.

„Со оглед на целосната состојба каде што се дава легитимитет на нелигитимното, Блупринт групата нема да учествува во процеси во кои правото и правниот систем се извртуваат и злоупотребуваат, личниот интерес на поединци – го надминува јавниот интерес и општественото добро, а политички цели и интереси – се издигнуваат над темелните вредности“, порачаа од Блупринт-групата на прес-конференција. Клучната причина за нивното повлекување од процесот се последните измени на Кривичниот законик од 6 септември 2023 година, кои беа предложени од страна на Владата. 

Министерот за правда, Кренар Лога им порача да не избрзуваат со излегување од Работната група за изготвување на новиот Кривичен законик. Тој уверува дека работната група е самостојна во своето работење и до сега за ниту една одредба не е вршено влијание кај претседателот или членовите.

Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Спорни измени

Но, според Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници, постапката во која беа донесени и содржината на овие измени во делот на трите клучни дела за борба против корупција се целосно спротивни на владеењето на правото. „Измените во трите спорни кривични дела беа донесени со заобиколување на работната група која работи на нов Кривичен законик, без нејзино консултирање, без соодветно консултирање на стручната јавност, како и без претходно анализирање и проценување на потребата од истото“, вели таа. 

Блупринг групата обвинува за „дрска злоупотреба на т.н. европско знаменце, европско право и казнени политики во овие рамки“.

„Успешниот обид за измени и намалување на казните на трите клучни дела за борба против висок криминал и корупција озакони хронично неказнување на високи функционери и вршители на јавни функции. Новата политика наместо да ја врати довербата на граѓаните во законодавна и извршна власт, уште повеќе влијае кон нејзино поткопување, со недвосмислено праќање порака до обичниот граѓанин дека ‘плаќа дупло’“, децидна е Цветановска.

Тие неодамна донесоа одлука и за повлекување од работната група за изработка на нацрт-предлогот за Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка.  „Неспорно е дека и Кривичниот законик и Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка се суштински и тематски поврзани во борбата против криминалот и корупцијата. Доколку постои намера преку намалените казни во Кривичниот законик да дојде до застареност на кривичното гонење, а преку Законот за конфискација во граѓанска постапка да се создаде привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот, тогаш се работи за пристап со кој суштински и концептуално не се согласуваме“, ги образложува одлуките Цветановска.

Министерството за правда го разубедува граѓанскиот сектор да не ја напушта работната група за изготвување на новиот Кривичен зкаон Фотографија: DW/P. Stojanovski

Долгорочни последици

Според Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“, со измените коишто веќе стапија на сила, последиците ќе ги трпат и граѓаните и владеењето на правото. „Враќање назад од таа ситуација нема, односно застарувањето на предметите каде што се опфатени со овој Кривичен законик. Дополнително со новиот Кривичен законик додадени се измени во поглед на тоа да се додаде повторно враќање на кривичното дело за јавни набавки, меѓутоа тоа ќе биде закон којшто ќе биде во иднина“, рече Петковска.

Предлог-измените на Кривичниот законик кои Владата ги поднесе во Собранието по скратена постапка, со европско знаменце, предизвикаа низа реакции и несогласување во јавноста. Со нив се предвидува намалување на казните во членот 353 за злоупотреба на службената положба и овластување и за злосторничко здружување од членот 394. Тоа повлекува и порано застарување на кривичните дела.

Aкадемик Владо Камбовски неодамна изјави дека во новиот Кривичен законик нема да се дозволи неказнивост за злоупотреба на службената должност при јавни набавки, а тоа ќе се регулира со посебен член.

Министерството за правда смета дека Блупринг групата не треба да избрзува. „Придонесот од граѓанскиот сектор е многу важен поради знаењето кое го има, долгогодишното искуство и вештините со кои располагаат“, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Според нив, процесот на изготвување на новиот КЗ е целосно инклузивен и транспарентен и токму во таа насока е потребно да продолжи заради спроведување целосни реформи во казненото законодавство. Оваа обврска произлегува исто така и од Билатералниот скрининг со ЕУ за донесување на комплетно нов КЗ усогласен со меѓународните стандарди.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми