1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Нови ризици на Волстрит: Се заканува ли финансиска криза?

АРД
25 март 2026

Седумнаесет години по банкротот на инвестициската банка Лиман Брадрс расте стравот од нови нарушувања во американскиот финансиски систем поради падот на софтверските акции. Зошто експертите стануваат нервозни?

САД Њујорк 2026 | Одлука за каматната стапка на Федералните резерви на САД на Волстрит
Нервозата на Волстрит растеФотографија: Richard Drew/AP Photo/picture alliance

Речиси две децении по банкротот на инвестициската банка Лиман Брадрс, нервозата на Волстрит повторно расте. Предупредувањата од нови турбуленции стануваат сè погласни. Лојд Бленкфајн, поранешен шеф на Голдман Сакс, е убеден: многу актери станале премногу безгрижни. Колку подолг е периодот меѓу два потреса, толку поголем е ризикот следниот да биде уште посилен.

Дајмон предупредува на нови ризици во банкарскиот сектор

И шефот на ЏП Морган, Џејми Дајмон, се потсетува на времето пред финансиската криза во 2008 година. „Многу сум загрижен“, изјави тој на еден инвеститорски состанок. Посебно проблематично е што некои банки, поради засилената конкуренција, повторно прават „глупави работи“ и даваат ризични кредити. Токму тоа можеше да се забележи и во 2005, 2006 и 2007 година.

Зборовите на Бленкфајн и Дајмон имаат тежина на Волстрит, бидејќи двајцата ја доживеаја последната финансиска криза на првата линија на фронтот.

Лиман Брадрс банкротираше во септември 2008 година - шок-брановите предизвикаа рецесија (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/dpa

Зошто приватното кредитирање може да стане ризик

Особено загрижувачка е ситуацијата во секторот на приватно кредитирање (Private-Credit), значи кредити што не ги даваат класични банки, туку фондови и други приватни финансиери. Овој пазар расте брзо и, според финансискиот холдинг Морган Стенли, веќе достигна глобален обем од три илјади милијарди долари.

Но, тој пазар се смета за нетранспарентен – и сè повеќе прегреан. Регулаторите предупредуваат на премногу лабави кредитни стандарди. По првите банкроти во секторот, шефот на ЏП Морган, Дајмон, предупреди: „Кога ќе видиш еден лебарка, веројатно има повеќе.“

Вознемирувачки е што секторот на приватно кредитирање во голем обем финансираше и софтверски компании. Според Банката за меѓународни порамнувања (БИЦ), одобрените кредити за компании што нудат „клауд-базирани“ софтверски претплати (СааС - Software-as-a-Service) пораснале од околу осум милијарди долари во 2015 година на над 500 милијарди долари до крајот на 2025-тата.

Стравовите од ВИ ги туркаат софтверските акции надолу

Но напредокот на ВИ-агентите, кои можат самостојно да пишуваат нов код, тера многу инвеститори да се сомневаат во идните изгледи на браншата. Само од почетокот на годината, МСЦИ Светски софтверски индекс падна за околу 20 проценти.

„Големиот пад на софтверските акции поради стравовите од ВИ повторно ги разгоре грижите околу приватното кредитирање“, истакнува пазарниот експерт Роберт Ретфелд од веленрајтер-Инвест за АРД.

Колку е голема кризата на довербата, покажува и примерот со Blue Owl, еден од најголемите приватни кредитодаватели: акцијата од почетокот на годината падна за 40 проценти. И Аполо, ККР и Блекстоун доживеаја големи падови.

Пазарот на приватни кредитирање расте брзо и, според финансискиот холдинг Морган Стенли, веќе достигна глобален обем од три илјади милијарди долариФотографија: picture alliance/dpa/epa/J. Lane

Нов стрес поради војната со Иран, цените на нафтата и инфлацијата?

Војната со Иран дополнително ги засили стравувањата за секторот на приватно кредитирање. Ако цените на енергентите останат долго високи, тоа ќе ја поттикне инфлацијата – и ќе ги активира централните банки.

„Но ако пораснат и каматите, ситуацијата за дел од високо задолжените компании ќе станува сè покритична“, нагласува Ретфелд. Сè повеќе инвеститори би се обиделе да ги повлечат средствата од фондовите за приватно кредитирање - сè додека фондовите веќе не можат да исплаќаат. „Тука е паралелата со финансиската криза: тогаш беа хипотекарните кредити – сега темата е приватно кредитирање.“

БИЦ предупредува од нови „канали за пренос на шокови“

Ако ослабне секторот на приватно кредитирање, тоа може да ги загрози и традиционалните банки. Според американската централна банка, одобрените кредитни линии на големите американски банки за Private-Credit-возила (инвестициско возило е финансиски инструмент, н.з.) достигнале 95 милијарди долари до крајот на 2024 – што претставува десеткратно зголемување за 11 години.

БИЦ неодамна предупреди: „Банките ги поддржуваат Private Credit-возилата со кредитни линии – и на тој начин потенцијално создаваат нови канали за пренос на шокови.“

Високиот долг на САД го ограничува просторот за дејствување

Дополнителен проблем е што парите за можни државни спасувачки акции се ограничени. Американскиот јавен долг изнесува речиси 125 проценти од економското постигнување. Фискалната состојба е „полоша отколку пред претходните кризи“, предупредува непрофитната организација Комитет за одговорен федерален буџет.

Американскиот јавен долг е голем и го ограничува просторот за дејствувањеФотографија: First Hand Films

„САД никогаш досега не влегле во економски пад или друг кризен случај со вакво високо задолжување, толку големи дефицити и толку мал финансиски простор за делување.“

Пазарите се ранливи на егзогени шокови

Значи, предупредувачките сигнали се множат: пад на софтверските акции, растечки тензии во секторот на приватно кредитирање и тесната поврзаност со традиционалните банки. Пукнатините во американскиот финансиски систем стануваат видливи, пазарите стануваат поранливи.

Сега сè зависи од тоа колку силно и трајно војната со Иран ќе ги турне нагоре цените на енергентите, а со тоа и инфлацијата. Ако пораснат и каматните стапки, тоа дополнително ќе го зголеми притисокот врз високо задолжените софтверски компании и нивните кредитодаватели во Private Credit-секторот. Тоа би била „совршена бура“.

Авторка на текстот: Ангела Гепферт, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми