1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Нови тензии меѓу Грција и Турција во Егејот

Јанис Пападимитриу
3 февруари 2026

Нови тензии во Егејот меѓу Грција и Турција, непосредно пред планираната средба Ердоган–Мицотакис и одржувањето на Врховниот совет за соработка во Анкара.

На фотографијата се двајца мажи во темни костуми, двајцата држат по една мапа во рацете, едниот црвена, другиот - темно сина
Во тоа време немаше толкави тензии: на 7 декември 2023 година, турскиот претседател Ердоган (лево) и грчкиот премиер Мицотакис потпишаа договор за добрососедски односи во АтинаФотографија: Dimitris Papamitsos/Greek Prime Minister’s Office/REUTERS

Непосредно пред долгоочекуваната средба меѓу турскиот претседател  Реџеп Таип Ердоган  и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, повторно се разгоруваат тензии меѓу двете соседни, но често спротивставени  НАТО-членки.

Состаноци на највисоко ниво во Анкара

Од понеделник (9 февруари 2025) во Анкара треба да се одржи „Врховниот совет за  соработка Грција–Турција“.  Ако сè се одвива според планот, на маса ќе седнат и двајцата лидери,  Ердоган и Мицотакис. Можно е и одржување посебна билатерална средба во друг термин.

Советот беше формиран во 2010 година во обид да се создаде позитивна агенда по години полни со конфликти во источниот Медитеран. Иако досега нема позначајни резултати, Советот се обидува да ја поттикне соработката во економијата и туризмот. Од основањето наваму, заседавал само петпати, последен пат во декември 2023 година во Атина.

„Турција изнесува еднострани барања и територијални претензии кои немаат правна основа“, изјави тогаш за Дојче веле Константинос Филис од Атинскиот институт за меѓународни односи. Турскиот политиколог Фуат Аксу возврати дека „Грција очекува Турција секогаш да попушта и да прави отстапки“.

Навтекс – нов повод за расправија

И покрај дипломатските напори, ситуацијата во Егејот не се сменила многу. Нов  повод за тензии  се отвори минатиот четврток, кога Турција преку системот Навтекс (NAVTEX) издаде предупредување за безбедносни ризици и грчки воени активности — нешто што се случувало и во минатото.

Станува збор за прашање на надлежност: кој има право да издава безбедносни предупредувања во Егејот? Атина го нарече потегот „незаконски обид за проширување на турската зона на надлежност“ и „нова турска провокација“, како што го оцени и угледниот грчки неделник „То Вима".

Анкара, пак, тврди дека се работи за рутинска процедура согласно актуелната правна рамка. Проправладините турски медиуми дури тврдат дека „Навтекс ја предизвикал паниката во  Грција и го променил статус-кво-то во Егејот“.

Во Атина, премиерот Мицотакис се соочува со засилен притисок од десницата.  „Турција си го присвојува половина Егеј,  а нашата влада не гледа причина за загриженост“, предупреди Киријакос Велопулос, лидерот на деснопопулистичката партија „Грчко решение“, која според анкетите е трета по популарност.

Долгодишен спор околу морските зони

Грција и Турција со децении се расправаат околу континенталниот гребен пред турскиот брег, експлоатацијата на енергетски ресурси и евентуалното проширување на грчките територијални води во Егејот. Турција, во рамки на својата доктрина „Сина татковина“, тврди дека има право на над 450.000 квадратни километри морски зони.

Правен темел за ваквите прашања е Конвенцијата на ОН за морско право од 1982 година, која Турција не ја има потпишано. Сепак, според мнозинството правници, договорот претставува дел од меѓународното обичајно право и важи и за државите што не се потписнички.

Опкружен со бродови на турската морнарица, турскиот истражувачки брод „Орук Реис“ крстареше во Егејското Море во август 2020 година - според извештаите од Атина, исто така во грчки водиФотографија: Turkish Defense Ministry/AP Photo/picture-alliance

Според Конвенцијата, секоја држава може да прогласи територијални води до 12 наутички милји. Но при преклопување или нејасни граници, се бара билатерална согласност — нешто што Атина и Анкара со години не успеваат да го постигнат.

Уште во 1995 година, турскиот парламент донесе резолуција со која најавува дека проширувањето на грчките води во Егејот би било „повод за војна“, бидејќи Егејот би станал речиси грчко внатрешно море.

Во 2021 година, грчката влада ги прошири територијалните води во Јонското Море кон Италија на 12 милји. Грција го задржува и правото тоа да го направи и во Егејот, како што неодамна изјави министерот за одбрана Никос Дендиас.

Меѓународниот суд како последна инстанца

Крајната правна инстанца за вакви спорови е Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Но судот може да постапува само ако двете држави заедно поднесат барање и му дадат мандат за арбитража. Расправата околу ова прашање трае уште од 1976 година — без резултат.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми