1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот директор на АНБ спровел нова истрага за Онишченко

23 декември 2022

Ако завршила новата истрага за „случајот Онишченко“, можно е уште следната недела да се реферира за утврдените наоди пред надлежната собраниска комисија

Македонски пасош
Македонски пасошФотографија: Petr Stojanovski

Новименуваниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Зарко Милошевски, спровел нова - обновена и проширена истрага за околностите во кои македонско државјанство добил контроверзниот Украинец Александр Онишченко, лице на листата на санкции на САД поради мешање во тамошните избори во 2016 година. Ова синоќа го обелодени претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју на ТВ Канал 5.

„Новиот директор на АНБ следната недела - во вторник или среда најдоцна, пред Нова година, ќе оди на реферирање пред собраниската комисија за контрола над службите, каде ќе презентира наоди од - да ја наречам новата истрага“, рече Пендаровски.

Претходниот директор на АНБ, Виктор Димовски за „случајот Онишченко“ првпат реферираше на затворена седница на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ и АР на 18-ти ноември. Тогаш пред медиумите изјави дека во интерната постапка се констатирало дека не се испочитувало последното ниво од безбедносната проверка. Но таа, за јавноста затворена седница остана незавршена, бидејќи беше прекината откако се утврди безбедносен пропуст: отчетот на Димовски тонски се емитувал на јутјуб-каналот на Собранието. Во врска со инцидентот, МВР спроведе истрага и извештајот го достави до Собранието и Основното јавно обвинителство Скопје. Во меѓувреме, на 14-ти декември за нов директор на АНБ беше избран Зарко Милошевски, а веќе на 15-ти декември беше закажана комисиска седница за да продолжи прекинатото реферерирање за „случајот Онишченко“. Но, тогаш таму не се појави претставник на АНБ.

Претседателот Стево Пендаровски: неколку амбасади, меѓу кои и американската, на билатерална основа се интересирале за случајот ОнишченкоФотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

САД посебно заинтересирани

Според она што синоќа го изјави Пендаровски, би можело да се заклучи дека се очекуваат нови наоди од интерната истрага.

„Знаете дека АНБ имаше истрага, знаете од кои причини со поранешниот директор тоа не беше одреферирано во Комисијата. Новиот директор дал задача, во формална смисла не знам - дали да се прошири или да се обнови целата постапка за тоа каде може да се лоцира одговорноста, зборувам само во системот на АНБ. И последните сознанија за тоа би требало тој да ги соопшти пред надлежната собраниска комисија. Не знам дали е завршена таа истрага, меѓутоа чув, ми кажаа, официјално бев информиран дека ќе сака да се направи, дали потемелна истрага, и да се откријат сите аспекти на постапувањето или непостапувањето на вработените во АНБ. И дека тоа ќе го презентира. Моја претпоставка е, бидејќи се работи за сензитивни информации во принцип, дека таа седница ќе биде затворена за јавноста“, рече Пендаровски.

Тој потврди дека неколку амбасади, меѓу кои и американската, на билатерална основа се интересирале за овој случај.

„На Американците посебно им е битно и интригантно да расчистиме со овој случај, затоа што во 2016 година според нивните информации Онишченко се мешал во американските избори“, рече шефот на државата.

Притоа потврди дека Агенцијата за разузнавање (АР), која е под негова надлежност, а чија главна задача е да собира податоци и информации од странство кои се однесуваат за заштита на националната безбедност на државата, не била прашана по апликацијата на Онишченко за државјанство.

„До пред две, две и пол години прашуваа, сега за ова воопшто не прашуваа и ти не можеш да знаеш дали овој на шалтер поднел апликација за државјанство (..) Не можам да сфатам, како Агенција за разузнавање на земја членка на НАТО не е прашана“, рече Пендаровски.

Чија е одговoрноста?

Претседателот не сака да прејудицира по прашањето дали Виктор Димовски може да се изземе од одговорност за „случајот Онишченко“.

„Да го почекаме реферирањето на новиот директор во собраниската комисија, каде што тој најавува дека ќе презентира нови податоци во однос на таа, да ја наречам интерна истрага - испитување во однос на тоа кој што работел во АНБ во однос на случајот Онишченко. Можеби и не е завршена таа истрага, таа процедура, ако не е, тогаш најверојатно многу скоро ќе биде завршена. Од тој аспект и новиот директор ќе треба да каже каква е неговата улога, бидејќи имаше и такви медиумски извештаи дека и тој бил еден од потисниците на некакви согласности внатре. Така што, во рамки на тоа веројатно ќе се утврдува евентуалната одговорност и на претходниот директор“, рече претседателот.

ВМРО-ДПМНЕ и денеска ги повтори обвинувањата дека Зарко Милошевски „директно или индиректно бил дел од голем број случаи за кои негови колеги се дел од постапки, а тој не е“.

„Владата мора да го разреши Зарко Милошевски од позицијата директор на АНБ, дотолку повеќе што се спроведува истрага за случајот Онишченко, во кој тој е директно вмешан, а Милошевски да каже каква е неговата улога и во 27-ми април“, порачаа од опозицската партија.

Виктор Димовски веќе не е директор на АНБ, но дали по случајот со Онишченко може да се надева на амбасадорска функција во Париз?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Нема допис од Владата

И додека траат партиските обвинувања на внатрешен план, вниманието е свртено кон она што ќе се случува на надворешен. Виктор Димовски во моментов е засегнат и по друга линија - не е директор на АНБ, но дали по случајот со Онишченко може да се надева на амбасадорска функција во Париз, за која претходно добил агреман? Претседателот ќе има консулатации за ова прашање со премиерот и со шефот на дипломатијата, со оглед дека случајот веќе предизвикал политичка штета не само за АНБ, туку и за имиџот на државата генерално.

„Постапката за именување амбасадор почнува преку Владата која ми предлага мене и јас давам првична согласност. Велам, ‘се согласувам со предлогот, можете да ја продолжите постапката’. Тие имаат понатаму подготовки, се бара агреман или согласност од државата каде што треба да оди. И на крајот кога ќе заврши се, Владата повторно ми пишува преку МНР и вели - ’се е завршено, сега треба да го упатите‘“, ја објасни постапката Пендаровски.

Димовски добил агреман, но далеку пред да биде обелоденет скандалот со Онишченко, па тоа е и причината што втор допис од Владата досега не стигнал до претседателот.

„Вакво нешто, втор допис во кој Владата вели дека ‘се е завршено, се е океј, ве молиме само да потпишете указ’, Владата ми нема доставено. Затоа што од моите контакти со премиерот и со министерот за надворешни работи, ми е речено дека за ова, во светлото на критиките кои ги добивме од некои влијателни земји членки и наши стратешки партнери, пред сè мислам на САД, дека треба да преиспитаме дали би требало да останеме на тоа решение или и некои други опции би влегле во игра“, објасни Пендаровски.

Смета дека е можно и Владата сама да го повлече предлогот и да не стигне на одобрување кај него, токму поради реакциите од неколку држави, со акцент на реакциите од најголемиот стратешки партнер.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми