Новиот Кривичен законик ќе почека
19 декември 2025
Со потпис на девет пратеници од владејачкото мнозинство во Собранието беше поднесен Предлог на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик (КЗ). Со овој предлог се врши усогласување со Решението на Уставниот суд од 12 -ти февруари година, со кое судот му наложи на Собранието во наредните шест месеци да ги направи неопходните измени на законот и да се усогласи со аргументите на Уставниот суд. Како што е познато, во февруари Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Кривичниот законик од 6-ти септември 2023 година, кога судот изрази сериозен сомнеж за уставноста на оспорениот закон.
Станува збор за најспорните измени на КЗ кои нанесоа непоправливи штети за правната држава - застарување на предмети, суфицит на неказнивост и дефицит на одговорност.
Или - или
Рокот од шест месеци во кое Собранието требаше да ги направи измените истече во август. Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, минатиот месец во јавен настап потенцираше дека Собранието е должно да го почитува Уставот, а со тоа и одлуките на Уставниот суд.
„Доколку Собранието до последната седница на Уставниот суд во декември не ги направи измените, јас ќе го ставам на дневен ред предметот и ќе одлучуваме“, рече тој во интервју на ТВ Телма.
Опциите што би ги имале судиите се укинување или поништување на измените од пред две години, но и да се повикаат на членот 88 од Актот на Уставниот суд, кој предвидува дека „Уставниот суд, по свое наоѓање може во одлуката да го определи начинот и рокот на нејзиното извршување или да донесе посебно решение за начинот на извршувањето“.
Хипотетички, тоа би значело можност да се донесе одлука за укинување на спорниот закон но со одложено дејство, при што укинувањето би почнало да важи по одреден број месеци подоцна, со цел да се избегне создавање правен вакуум, но и да се изврши дополнителен притисок врз Собранието, односно да се му даде време да донесе измени или нов закон.
Заострување на казнената политика
Предлагачите во образложението објаснуваат дека тенденцијата на предложените законски измени и дополнувања е унапредување на одредбите за законските битија и заострување на казнената политика преку зголемување на постојните пропишани казни за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353, „Злосторничко здружување“ од член 394.
„На овој начин, би се отстраниле лоцираните слабости во постојните одредби на овие кривични дела, особено во заострувањето на казнената политика во насока на повторно остварување на нејзината превентивна и репресивна функција. Воедно, со овој пристап ќе се постапи согласно забелешките во Извештајот на Европската Комисија за 2023 година и повторно ќе се воспостави реална и добра правна рамка за зајакнување на борбата против високата корупција“, објаснуваат предлагачите.
Со предлогот е опфатена и одредбата за проширената конфискација т.е. членот 98-а, во насока на проширување на опфатот на кривични дела за кои би можела таа да се примени. Се наведува и дека недвосмислено се наметнала и потребата за воведување на ново кривично дело односно инкриминирање на „Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио записи или списи со сексуално-експлицитна содржина“. Предлогот содржи и измени кои се итни, а имаат карактер на техничко појаснување и подобрување на одредени одредби и тоа кај, куќниот затвор, условната осуда со заштитен надзор и проширената конфискација. Исто така, предлогот содржи и одредби за хармонизирање на кривичните дела против безбедноста во сообраќајот и одземањето на предмети со пакетот предлог закони поврзани со проектот „ Безбеден град".
Според првичните оценки во јавноста, иако се предлага заострување на казните, роковите за застарување на кривичното дело се пократки од оние пред спорните измени од 2023 година.
Да спречат идни штетни последици
Експертите се едногласни дека не постои начин да се санираат штетните последици предизвикани од законските измени во 2023 година, кои ги нотираше и Европската комисија во последователни извештаи.
Тогашните измени на КЗ овозможија голем број функционери да се спасат од кривичен прогон, а според некои анализи само во предметите на поранешното СЈО се создала можност за околу 80 обвинети да настапи апсолутна застареност.
Предлагачите очекуваат предложените измени да спречат идни штетни последици.
„Предлогот на Законот и во него содржаните законски решенија се неопходни како правни механизми за да се отстранат идни евентуални штетни последици од донесените законски измени на Кривичниот законик во септември 2023 година, а воедно и заради исполнување на европските и меѓународните стандарди“, наведуваат тие.
Чекајќи нов КЗ
Со ова решение практично се оди и кон бајпасирање на периодот до донесувањето на долгонајавуваниот нов Кривичен законик, чија верзија во моментов се усогласува со неколку нови директиви на ЕУ, што значи дека временски е невозможно тој законски проект да влезе во Собранието до крајот на годината.
На ова во објава на Фејсбук реагираше пратеничката и претседателка на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова.
„Па нели се ветуваше целосно нов Кривичен закон? Ова можеше да се направи уште лани, во септември. Што беше пречка (...) Една и пол година замајување на јавноста со изговорот 'чекаме нов закон'. Кому му одговараше статус кво состојбата додека кривичните дела си застаруваа едно по едно?“, праша таа.
Зајкова ги искритикува предложените решенија, со став дека застарувањето повторно ќе биде алиби за неказнивост, а широките описи на квалификацијата на делата - можности за политички прогон, особено кога обвинителството и судството функционираат по принцип „разреши“ и замени со свои луѓе. Таа повика на зголемување на роковите за застареност.
„Ги повикувам граѓаните кои се согласуваат со предлогот на ЛДП- кривичните дела со кои директно се оштетува државниот буџет да не застаруваат лесно – да нè поддржат. Ова не е партиско прашање, туку прашање на правда“, порача Зајкова.