1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундестагот дебатира за законите за доселување и престој

Јан Валтер
7 јуни 2019

Германскиот парламент денеска дебатира за новиот закон за доселување. Тој е дел од пакетот закони за миграција - од заострување на регулативата за азил до законот за доселување стручна работна сила.

Deutschland Bundestag Abstimmung
Пратениците во Бундестагот денеска на пленарна седница гласаат за правото на азил, за доселување и престој во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/C. Soeder

Пакетот закони за миграција, предложен од министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, наидува на огромен отпор од страна на опозицијата и цивилното општество. Критичарите аргументираат дека со предложените решенја се навлегувало значително во основните и човекови права на бегалците и доселениците.

Владејачката коалиција нагласува дека со новиот пакет закони сака да ја унапреди интеграцијата и да ги реши протерувањата. Но, патот од барањето за азил до издавањето работна виза е и натаму долг. 

Прво азил, потоа и работа? 

Кон средината на 2015 година Даниш Мирца дошол во Германија од Пакистан и поднел барање за азил. Научил германски и нашол пријатели преку спортско друштво за бадминтон. Неговата диплома за негувател стекната во Пакистан и една мерка за стекнување на квалификации во Германија му помогнале да најде прво место за пракса, а потоа и вработување во дом за сениори. По повеќе од две години минати во таа професија сега сака да оди на дошколување за сертифициран негувател на возрасни лица. Медиумите го пренесоа неговиот случај бидејќи своите грижи кон крајот на април годинава лично ѝ ги раскажа на канцеларката Меркел за време на т.н. граѓански дијалози во Швет, во домицилната изборна единица на Меркел во Укермарк. Тогаш Меркел најави дека уште годинава ќе иницира закон кој ќе ги регулира азилантите и странската стручна работна сила. Денеска таа сака да го исполни ветувањето. Бундестагот потоа треба да усвои цел пакет закони. Меѓу нив е и т.н. „Закон за регулирано враќање“, којшто не само шефот на Левицата, Јерг Шиндлер, го нарече „Кршење на Уставот со најава”. Предвидените санкции, меѓу кои и кратење на социјалните услуги кога нема кооперација од барателот на азил, поедноставените услови за затвор за кандидатите за протерување и нивното сместување, на многу експерти им изгледаат како неспоиви со Уставот.

Патот од барање за азил до издавање работна виза е долгФотографија: picture-alliance/dpa/C. Schmidt

„Морков и стап“

Од друга страна, некои закони во пакетот треба да го поедностават интегрирањето на странска стручна работна сила на германскиот пазар на трудот - не само баратели на азил во Германија, туку и луѓе кои бараат работна виза во трета земја.

Пакетот закони, според Хелен Швенкен од универзитетот во Оснабрик, има регулативи кои се противречни. „Во еден закон стои: Те бараме! А ви друг се поставуваат толку високи пречки, што речиси никому нема да биде можно да влезе во групата лица кои се толерираат заради обука или работа."

Т.н. толерирање за време на обука постои и денес. Имено, кога лица на кои им е одбиено барањето за азил може да докажат дека имаат место каде што се школуваат, тие стекнуваат право престојот во земјата да им се толерира за цело времетраење на обуката, ако се исполнети и други дополнителни услови.

Се толерира, меѓу другото, лице кое не потекнува од „безбедна земја“ нема направена кривично дело и го нема скриено својот идентитет. Така тоа лице има добри изгледи за дополнителни две години дозвола за престој или работа.

Повеќе:

Нов закон за полесно вработување и обука во Германија

Германија: Прво научен јазик, па спојување на семејство

Ги протеруваме ли „погрешните“?

Германската индустриска и трговска комора смета дека генерално е добар почеток тоа што баратели на азил треба да добијат подобри шанси на германскиот пазар на трудот. Кон крајот на 2018 околу 400 илјади од бегалците кои претежно допатуваа во 2015 година веќе имале најдено место за стручно усовршување или работа. Новите закони би можеле да им помогнат барем на дел од бегалците побрзо да дојдат до регулиран престој, вели Константин Бројниг од организацијата „Компании интегрираат бегалци". Секако прашањето е дали поединечни аспекти навистина се од полза. Ако се внесуваат рокови за чекање, тоа е контрапродуктивно за целта на луѓето кои веќе работат да им се овозможи да добијат престој.“

Промена на барање за азил во барање за работна дозвола е тешкоФотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Бројниг алудира на тоа дека откако барање за азил е правосилно одбиено „лицата обврзани да ја напуштат земјата" мора да бидат прво три, односно 12 месеци толерирани пред да стекнат право на место за стручно усовршување или за работа. Министерот за труд и социјала Хубертус Хајл кон средината на 2018 рече дека „имал чувство оти погрешните луѓе мора да ја напуштат Германија“.

Адвокати раскажуваат дека во некоја мера прво се протеруваат добро интегрирани азиланти, просто заради тоа што се поедноставно достапни за службите отколку оние кои се кријат. И Бројниг вели дека чуле за случаи кога полицијата во работно време собирала лица за протерување од нивните работни места. „Тоа се поединечни случаи, но постојано се повторуваат", вели Бројниг за ДВ. „Потоа некои од другите лица кои тоа го имаат видено веќе не доаѓаат на работа.“

Промената на барањето не е поедноставена

Токму тоа може да му се случи на Даниш Мирза. „Квотата за баратели на азил за оние од Пакистан не е многу висока“, вели експертот за миграција Швенкен. И „условите за обука, според новите закони, тој може да ги исполни дури три месеци откако ќе му биде одбиено барањето за азил“. Дотогаш мора да се надева дека ќе добие дозвола за престој, одлука која е во рацете на одделот за странци.

И според новиот Закон за доселување на квалификувана работна сила, со кој работници од трети земји можат побрзо да добијат дозвола за престој, не му е од помош на Мирза, бидејќи, според сегашната состојба, тој без положени испити за негувател не ги исполнува условите, посочува Швенкен. Таканаречена промена на колосекот – смена на барање за азил во барање за работна дозвола е исто така тешко.

Мирза не дебатираше со канцеларката Меркел со закони и членови, туку со здрав разум: германската држава досега вложи толку многу пари и заедницата во Швет премногу се ангажираше во неговата интеграција за сега да биде протеран.

Меркел рече дека се работи за „типичен случај“ кој сака да го земе како пример во преговорите. Но, според експертите, промена на курсот во миграцискиот пакет, изостана.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми