1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Нуклеарната партија покер помеѓу Трамп и Путин

22 ноември 2024

Одлуката на Владимир Путин да ја ревидира или ажурира нуклеарната доктрина е обид идниот претседател на САД, Трамп да се предизвика на најризичниот можен терен. Пишува Ивор Мицковски.

Доналд Трамп и Владимир Путин во Хелсинки во јули 2018 годинаФотографија: Kremlin Pool/ZUMA Press/imago

Илјадитиот ден од војната во Украина ни презентира еден Запад и свет уморни од војната. Секако уморни се и Украинците, нивните војници и нивното раководство кое знае дека без Вашингтон никогаш не може да стигне до победа.

По илјада дена војна Западот и светот се повторно заплашени од нуклеарните закани на Путин, се почесто слушаме за „мир“ и преговори кои треба да отидат на штета на Украинците и на целата Европа.

По илјада дена повторно гледаме ескалација на конфликтот, но овој пат, ескалацијата не е само воена, туку со влезот и на севернокорејските сили, таа станува и геополитичка.

Одлуката на Владимир Путин да ја ревидира или ажурира нуклеарната доктрина, лажно преставена како реакција на одлуката на Џо Бајден да ја одобри употребата за Киев на американски ракети со долг дострел за гаѓање воени цели на руска територија, е всушност екстремен обид да се продолжи стратегијата на страв против НАТО и Вашингтон и обид идниот претседател Трамп да се предизвика на најризичниот можен терен.

За волја на вистината, нуклеарната закана на Кремљ против Западот со цел да ја намалат помошта за Киев, е тактика која Москва ја започна уште на самиот почеток од инвазијата врз Украина. Тогаш, гласоноговорник на оваа теза беше Дмитри Медведев кој речиси три години ќе се залага за оваа позиција, се до минатиот септември кога Кремљ и официјално ја ажурираше нуклеарната стратегија, дефинитивно закопувајќи ја доктрината за „заемно загарантирано уништување“. Таа доктрина од Студената војна, Путин ја замени со новата позиција дека: „Русија си дава за право да користи нуклеарно оружје доколку постои критична закана за нејзиниот суверенитет или територијален интегритет“, додека претходно беше наведено дека нуклеарното оружје се користи доколку „се загрози опстанокот на државата“. Друга важна точка е дека Русија може да користи нуклеарно оружје доколку е нападната само со „конвенционално оружје“, па дури и од држава што не поседува нуклеарно оружје, „но тоа го прави со поддршка на нуклеарна држава“.

Очајнички обиди за заплашување на Западот

Украинската инвазија на областа Курск веќе му обезбеди „теоретски“ предуслови на Путин да ја стави во погон новата нуклеарна доктрина, но само дозволата од Бајден за Украинците да стрелаат на руска територија, го примори да го намали нивото за употреба на нуклеарна сила и во услови на напад од конвенционално оружје.

Што значи дека и самиот Путин посега по очајни обиди како да го заплаши Западот, да му зададе удар на Џо Бајден, но и да му се закани на новиот претседател, користејќи го токму стилот и начинот на кој би изреагирал и самиот Трамп. Путин одлично знае дека одлуката на Џо Бајден доаѓа како реакција на внесувањето на севернокорејските сили во областа Курск, како што и знае дека АТАКМС ракетите со дострел од 350 км, не ја загрозуваат Москва, ниту пак Киев ги има во доволно голем број за да го променат исходот на војната.

Самата одлука на Бајден, не ги поматува ниту сметките на Доналд Трамп и неговите напори за брзи преговори, без разлика што мислат Гренел или јастребите на Трамп, и повеке наликува на последна услуга кон новиот претседател. Трамп лесно може да ја промени одлуката доколку сака, нешто што потоа може да се употреби како помирувачки гест кон Москва, но од позиција на сила. Путин и тоа одлично го знае.

Ако тоа е така, тогаш се наметнува прашањето зошто Путин се одлучува да ја игра оваа нуклеарна покер партија?! За тоа да го разбереме, мораме да разбереме како Путин размислува и кои се неговите интереси. 

Нуклеарната закана на Москва и на Путин е испратена до Бајден, но е адресирана до ТрампФотографија: Valery Sharifulin/ITAR-TASS/imago

Како и сите руски лидери пред него, Путин го користи стравот како инструмент на моќта, користи насилство против дисидентите, закани против оружјето за Киев и конечно, нуклеарна закана против Западот со цел да го подели и да го примора да се повлече. Оттука, добра лекција за Западот би било да научи, нешто што верувам дека во Вашингтон добро го имаат разбрано, е дека: единственото ефикасно оружје против употребата на стравот од страна на Москва е - да не се наседнува на стравот.

Вториот аспект од „тактиката на страв“ на Путин е што во насока на постигнување на своите интереси почнува да употребува кон Вашингтон еден пристап кој е многу сличен на модусот операнди на Трамп. Трамп е познат по својот стил во преговори, кој што многумина го нарекуваат „транзакциски“, како збир на силен лидершип, конфликтот и судирот како средства за постигнување договор, и бруталната комуникација. Трамп е познат дека знае безмилосно да му се заканува на соговорникот со цел да постигне компромис кој ќе ги награди неговите интереси, и сега гледаме дека Путин, со нуклеарната закана го прави токму тоа, му покажува на противникот дека ќе игра по истите правила, користејќи го идентичниот метод на Трамп.

Под закрила на „лажниот мир“

Затоа, нуклеарната закана на Москва и Путин е испратена до Бајден, но е адресирана до Трамп, поставувајќи на покер масата две сосема различни карти: расположението на Путин да разгледа евентуално отварање кон Трамп и крајот на војната во Украина, или пак, одлучноста да се употреби нуклеарно оружје доколкуРусија би се нашла во неволја.

Тоа е почетокот на една непривидлива покер партија помеѓу Трамп и Путин, чиј исход ќе зависи единствено од самите протагонисти. Можеби ќе се дојде до разбирачка, до еден вид на нова Јалта и нов Копенхаген, со нов колективен безбедносен договор и договор околу прераспределување на сферите на влијание, а можеби, целата работа ќе дегенерира и до фронтален судир, се до победата на еден од контендентите.

На крај и збор два за лесните проголтувачи на руската пропаганда, душегрижниците од нуклеарна катастрофа и лажните пацифисти.

Во овие денови видовме како сите одговорности за нуклеарните закани на Путин, исто како и за инвазијата врз Украина, се префрлаат на грбот на Западот и особено Америка. Тоа е лажна теза. Да, многу луѓе бараат мир во Украина и тоа е поздравување. Проблемот е што наводните пацифисти најчесто бараат нападот на Путин да заврши според следниот редослед: Украина да престане да се бори, да се предаде на Русија и да го прифати статусот-кво, односно, воената окупација на украинските територии од страна на Москва. Многу едноставно, нели?!

Но, во реалноста, проблемот со оние кои ги застапуваат овие позиции е што тие немаат никаков реален интерес за вистински мир. Напротив, тие само навиваат за Путин и гаат сосема други политички и економски цели, во чие име се подготвени да ја искриват реалноста, да ја свртат главата на другата страна и да одглумат дека не гледаат кој и како уништува една цела нација и народ. Таквите, под закрилата на „лажниот“ мир всушност го легитимираат спротивното, односно, силата, надмоќта, уништувањето и војната.

Честитки за Шекеринска!

Конечно, посебна напомена заслужува изборот на поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска за втор човек на НАТО. Огромен личен и државен успех, плод на личните квалитети и способности на Шекеринска, но и на големите политички и национални заложби на Македонија кон евроинтеграциите и кон НАТО. Америка го препозна нашиот влог кон Алијансата, нашите заложби кон НАТО и кон регионот, ја валоризираше успешната приказна со Преспанскиот договор и не награди со достоен преставник во самиот врв на светски најмоќниот воен сојуз. Силна порака да продолжиме по евро-атлантските стапки и да останеме доследни на преземените заложби. Честитки!

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми