1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГлобално

„О, колку е убава Панама“ - Јанош и земјата на копнежот

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
29 август 2022

Приказната е кратка, но има длабока филозофска порака. Јанош во една пригода вели дека „сите еднаш сме биле во рајот, ама не сме знаеле“. Пишува Кица Колбе

„Тигарчето“ и „Мечето“ заедно со „Тигар-патката“ на пат за Панама (сцена од кино-филмот „Ох, колку е убава Панама“, архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/dpa/Warner

Децата родени во Германија по 1980-тата го запознаваат Јанош уште пред да проодат и да проговорат. Зашто сигурно уште со подароците за првиот роденден тие ја добиле неговата прочуена „тигар-патка“ (Tigerente). Играчката е дрвена или кадифена патка со тркала. Таа потекнува од една од најубавите модерни германски книги за деца: „О, колку е убава Панама!“

„Тигар-патката” е дрвената играчка на тигарчето во книгата. Авторот на книгата и на илустрациите во неа, но и на цртаниот филм, е германскиот писател за деца Јанош (Janosch). Тој во неа создаде две прекрасни фигури: тигарчето и мечето. Книгата беше објавена 1978-та и веднаш стана светски хит. Нејзиниот автор, кој оваа пролет наполни 91 година, напиша и илустрираше повеќе од 300 книги за деца и за ворасни. Во своите дела создаде царство од магични ликови. Симболот за особената животна филозофија која лежи во неговото творештво за деца е токму приказната за мечето и тигарчето. Животните во неговите книги се личности со луцидни карактери, а приказните се полни со хумор, со ослободувачки дух и со животна радост. Германската телевизија WDR неколку години ја емитуваше серијата со неговите најнови цртани филмови – „Јаношевиот час за сонување“ („Janoschs Traumstunde“). 

Граѓанското име на Јанош е Хорст Екерт (Horst Eckert). Роден е во Горна Шлезија, денес Полска, 1931-та, во германското гратче Хинденбург (на полски, Забже), крај кое минувала полско-германската граница. Половината од населението биле Полјаци. Родители биле сиромашни. Несреќното детство оставило длабока траума кај него. Татко му, неуспешен ситен трговец, често пиел и секој ден го тепал сина си. Тој подоцна наоѓа оправдување за татка си и раскажува дека во неговото детство сите татковци пиеле и ги тепале децата. Можеби затоа повеќе го болела студеноста и бруталноста на мајка му, која сиот живот сонувала да стане актерка. Трауматично било и искуството во језуитското католичко училиште, во кое учителите и свештениците ги применувале истите методи на воспитување како и неговите родители. Стравот од насилството кај момчето станал уште посилен во нацистичкиот нечовечки режим. Постојано бил претепуван од другарите во организацијата „Хитлерјугенд“. Тие го присилиле да стане член во неа. Токму затоа тој истакнува дека пропаста на Третиот Рајх ја доживеал како ослободување. Неговата фамилија била протерана од Шлезија. Нашле засолниште близу Олденбург, во Долна Саксонија. 

Кица КолбеФотографија: Privat

Во царството на фантазијата  

Во ликовната уметност и во литературата тој успеал да создаде еден „противотров“ за траумата од детството, истакнува Ангела Бојарек, полската авторка на неговата биографија и доцентка на Педагошкиот факултет во Краков. Навистина, чудесното во биографијата на овој благ, чувствителен, длабокоумен човек, со поглед и насмевка на мало дете, е тоа што тој, наспроти траумата која го измачувала цел живот, создаде еден нов свет, едно ново пространство на фантазијата, во кое децата не се веќе жртви на бруталноста на возрасните. Тие со силата на желбата, на љубовта, на пријателството, им покажуваат на возрасните каков треба да биде светот во кој децата би биле среќни. Во една приказна, едно дете со силата на желбата го преобразува бруталниот татко во голема мечка која по работата мора да му помага на сина си – да игра со него! Во царството на фантазијата на Јанош се одигруваат приказните во кои владеат сосема поинакви закони од оние во реалниот живот. Чудесна е и самата приказна како тој го добил името Јанош. Во првата издавачка куќа со која соработувал, за денот кога чекал да биде примен од издавачот, се имал најавено некојси Јанош. Секретарката го погледнала кусо Хорст Екерт и му рекла на издавачот: „Чека на прием само еден чудак“, а кога Екерт влегол кај издавачот, овој му рекол: „Добро, тогаш Вие сте отсега Јанош!“ А којзнае, можеби и таа приказна е од „фабриката за приказни“ на самиот автор?

Јанош има завршено средно училиште за текстил, но сонувал да стане академски сликар. На академијата во Минхен бил одбиен како неталентиран. Сепак, продолжил да слика во својот несекојдневен стил, кој малку потсетува на Кле и на Миро, но и на Шагал. Луцидните цртежи на Јанош се спој од западниот ликовен израз и магичниот словенски свет од бајките. Интересно е што и некои од имињата на ликовите се словенски. Како Валек, името на коњот од неговата прва книга за деца од 1960-та. Небаре со словенските имиња да сакал да го залечи тажниот спомен на луѓето од детството во својот свет на фантазијата, во кој е сѐ можно. За жал, првите книги за возрасни и деца не му го донесле посакуваниот успех. Разочаран, сакал да се „одмазди на светот“ што не ги забележал неговите први, многу поетски книги.

„Посакав да напишам кич-книга. За неа има неколку правила. Во неа треба да има едно рунтаво мече кое сака да отпатува некаде. Тоа мора да има другарче“, раскажува Јанош за тоа како се родила идејата за „О, колку е убава Панама“.

Хорст Екерт, алијас Јанош (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Carstensen

Земјата на соништата  

Оваа приказна почнува исто како старите бајки. „Си беа еднаш едно мече и едно тигарче. Живееја таму, каде што се крева чадот од оџакот, крај големото дрво. 'Нам ни е добро, зашто имаме се‘ што ни сака срцето и нема од што да се плашиме, а освен тоа сме и силни, нели мече?', му вели тигарчето на мечето. 'Така е', му вели мечето, 'јас сум силен како мечка, а ти си силен како тигар. Тоа е доволно.'“ Другарчињата живеат во една убава куќарка крај реката. Мечето секој ден лови риби, а тигарчето во шумата собира печурки. Мечето, одличен готвач, готви за обајцата. Тие навистина си живеат многу убаво. Сѐ дури еден ден мечето во реката не ја здогледа празната дрвена гајба со натпис „Панама“. Таа мириса на банани! Мечето е уверено дека Панама мириса на банани и одлучува во истиот миг дека таа е земјата за која сонува. Брза дома и до доцна во ноќта му раскажува на тигарчето за Панама, која од горе до долу мирисала на банани. Одлучуваат утредента да отпатуваат, а од гајбата прават патоказ за да знаат во кој правец треба да тргнат. На патот среќаваат многу животни. Лисицата им вели дека Панама е лево, па така сето време одат налево, не знаејќи дека така се движат во круг. Среќаваат на крајот една врана и ја прашуваат за патот. Таа полетува, застанува на едно високо дрво и им ја покажува околината. Качени на врвот, погледнуваат околу себе и се восхитени од убавината на земјата. Веруваат дека се во Панама. Крај реката наоѓаат урнат мост кој го поправаат. Тогаш здогледуваат во тревата паднат патоказ. На него стои „Панама“. Тоа е за нив доказ дека стигнале во земјата на нивните соништа. Крај големото дрво откриваат распадната куќарка. Се радуваат што веќе имаат дом во Панама. Мечето го поправа брзо покрвот, прави маса и два кревета, а на крајот купуваат и удобна софа. Таква, каква што видоа во куќарката на зајчето и ежот, кај кои еднаш преноќија на патувањето.

- повеќе од авторката: Франц Кафка во 99 непознати документи

Всушност, тие сето време не го беа напуштиле местото во кое живееја, но тоа не го знаат. Непознатата куќарка е нивната куќа, која во меѓувреме се беше распаднала. Сѐ им се чини големо затоа што додека тие патуваа, нивната градина беше станала вистинска џунгла, а и дрвјата се беа извишиле. Потоа мечето и тигарчето пак ловат секој ден риби во реката и собираат печурки во шумата. Но сега тие се уверени дека се во земјата на нивните соништа и не сакаат никогаш повеќе да ја напуштат.

- повеќе од авторката: Кога сѐ е чудо, не само за децата

Приказната е кратка, но има длабока филозофска порака. Треба самите од местото во кое живееме да направиме своја Панама, смета Јанош. Мораа ли тигарчето и мечето да патуваат во круг, трагајќи по Панама, за да сфатат дека таму каде што се сега, е најубавото место за нив, се прашува на крајот и раскажувачот во приказната? Да, мораа! Зашто ако не отпатуваа, тие никогаш немаше да запознаат толку други животни. Ниту ќе се осмелеа без помошта на враната да се искачат на највисокото дрво. За да го видат од горе светот во кој отсекогаш живееја и да сфатат дека тоа е рајот по кој копнеат. Јанош во една пригода вели дека „сите еднаш сме биле во рајот, ама не сме знаеле“. Слично звучи и неговиот рецепт за среќата: „Кога речиси ништо повеќе не ти треба, тогаш имаш најмногу.“

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми