1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

Русија зборува за „анексија на Источна Германија“

Марина Јунг
3 октомври 2023

Во нов руски учебник по историја, повторното обединување на Германија се опишува како „анексија на Германската Демократска Република“. Каква е реакцијата на германските историчари

Прослава на Денот на германското обединување во Берлин
Прослава на Денот на германското обединување во БерлинФотографија: Jörg Schmitt/dpa/picture alliance

Поминаа веќе 33 години откако на 3.октомври 1990 Германската Демократска Република официјално се обедини со западниот дел и го прифати германскиот Устав. 45 години по крајот на Втората светска војна, Германците повторно се обединија во заедничка држава.

Ова поглавје од германската историја е нераскинливо поврзано со историјата на Советскиот Сојуз и тамошниот  генерален секретар на Комунистичката партија, Михаил Горбачов.  Историчарите одамна се навикнати на различните толкувања за улогата на „Горби“ во Германија и Русија. Но, актуелната руска интерпретација на германското обединување ги иритира германските експерти и историчари. Во нов руски учебник по историја за погорните одделенија обединувањето на Западна и Источна Германија е опишано како „анексија на Германската Демократска Република“.   Книгата е објавена во септември 2023 година. Автори се Владимир Медински, поранешен министер за култура на Русија и советник на претседателот Путин, и Анатолиј Торкунов, ректор на московскиот Институт за меѓународни односи.

Антизападен наратив од режимот на Путин

По крајот на Втората светска војна сојузниците САД, Советскиот Сојуз, Велика Британија и Франција, поразената Германија ја поделија во четири сектори. Победничките сили не можеа да се договорат за заедничка визија за иднината на Германија и така дојде до поделба меѓу исток и запад. Во трите западни зони се формираше Сојузна Република Германија, додека советската зона стана Германската Демократска Република. Берлин стана жешката точка во Студената војна.

ГДР постоеше повеќе од 40 години. 1989 година важи за годината во која почна пресвртот. По повод 40-годишнината од  основањето на Источна Германија,  покрај прославите имаше и бројни протести. „Мирната револуција" веќе не можеше да биде сопрена. Падот на Берлинскиот ѕид на 9. ноември 1989, првите и последни слободни избори во Источна Германија, договорот за обединување и потпишувањето на т.н. „Два плус четири договор" беа настани кои во краен биланс го овозможија пристапувањето на Источна Германија во германскиот Устав што се случи на 3. октомври 1990 година.  

Демонстрација во Берлин за повторно обединување на Германија, 1990 годинаФотографија: dpa/picture alliance

„Од гледна точка на Путин и на неговите 'фалсификатори на историјата' обединувањето е чин на колонијализација: силниот империјалистички Запад го потчинува слабиот Исток", ја коментира Уте Фреверт, директорка на Макс Планк институтот за образовни студии, руската интерпретација на настаните.  Таа додава дека „тоа на никаков начин не соодветствува на историските факти, но одговара на антизападниот наратив на режимот на Путин."

Книгата на Мединскипод лупа

До неодамна содржината на наставниот материјал во Русија изгледаше сосем поинаку. Па така во споредбена книга од 2021 година се раскажува за мирна револуција и за итна потреба за промена на политичкиот систем која настанала во текот на длабоката политичка криза во Источна Германија. Излез можело да се најде само во „промена на власта", пишуваат авторите на тој учебник. Но, „старата" книга според руските власти покрива само „основно ниво". Од први септември 2023 година  новиот учебник по историја,  познат и како „книгата на Медински“, ветува продлабочен поглед во историјата. Во книгата има пасус во кој повлекувањето на советските сили од Источна Европа во 1989 година се нарекува „непромислена одлука" која довела до заслабнато воено присуство на Советскиот Сојуз во братските земји, како и до силен пораст на националистички и антисоветски расположенија. Колективниот Запад немал задршки да го искористи таквиот развој, пишуваат авторите.

Рускиот екс министер за култура, Владимир Медински, е еден од авторите на новиот руски учебник по историјаФотографија: Alexander SHcherbak/TASS/dpa/picture alliance

Понатаму во учебникот стои дека „ГДР била преземена од Сојузна Република Германија". Исказот е илустриран со историска фотографија од 1990 година од еден плакат: „Запад и Исток заедно. Иднина за Германија и Европа". Веднаш под неа авторите објаснуваат дека „анексијата од страна на Сојузна Република Германија предизвика еуфорија во германското општество".

Ново пишување на историјата

„Тоа е класична измена на историјата", вели Нико Лампрехт, претседател на Сојузното здружение на наставници по историја. „Претседателот Путин тоа го прави во последните 20 години во разни сфери. Путин целосно одново ја напиша историјата. Од негова гледна точка 'руската империја' има право да си го врати ова и она. Сето тоа нема никаква врска со историја базирана на факти и со меѓународно право", вели Лампрехт.

Кога обединувањето беше во тек, имаше различни ставови во однос на тоа, вели тој и додава дека „во германската политика се вртеше и лошиот збор за приклучување. Путин едноставно го интерпретира повторното обединување, кое имаше демократски легитимитет, и го користи тогашниот малцински став за „приклучувањето" и оди уште подалеку, до анексија. Ако ме прашувате мене, велам да, ова е менување на историјата кое се заснова на погрешни факти и тоа има политичка позадина“, објаснува историчарот.

Лампрехт потсетува на тоа дека во 1989/90 година во Германија никогаш немало мнозинство против обединувањето, туку секогаш мнозинството било „за". „Во октомври 1990 година не тргнаа тенкови на Западна Германија преку границата за да ја окупираат новата територија. Тоа сосем поинаку беше регулирано".

Денес во руските училишта паралелно може да се најдат двата учебника по историја. Колку време тоа ќе остане така, не се знае. Во изданието од 2021 година се пишува и за сојузните избори и за победата на ЦДУ во четири од петте „нови“ покраини. Тука на руските ученици им се појаснува дека покрај заедничката волја за обединување, движечка сила за процесот било и тоа што Германците веќе не сакале да живеат во социјализам. Во „книгата на Медински" од 2023 нема веќе ниту збор за тоа.  

Германец го слави повторното германско обединување во 1990 годинаФотографија: dpa/picture alliance

„Во Русија најдоцна во последнава деценија се случува јасна и очигледна национализација на историскиот дискурс", вели Заур Гасимов, доцент за источноевропска историја на универзитетот во Бон. „Еден составен дел од таквата национализација е радикализирањето на речникот и аргументацијата во историскиот наратив. Особено погодена е наставата по историја на училиштата, која е изложена на интензивна национализација и радикализација“, вели тој. По анексијата на Крим и инвазијата на Истокот и северот на Украина во февруари 2022, горенаведените феномени се засилија.

 

Германското обединување и распадот на Советскиот Сојуз

Според Гасимов, во новата книга „повторното обединување се перцепира во контекст на политиката на Перестројката на Горбачов, која од гледна точка на рускиот естаблишмент довела до распад на советската империја. Таа се перцепира од Медински и од естаблишментот како важна пресвртница во придвижувањето на цела источна и средна Европа и балтичките земји во правец на НАТО и како таква се проколнува", вели Гасимов и додава дека „тоа е можната позадина на радикалната промена на изразот од обединување до 'анексија'".

Фреверт пак вели дека „останува фактот дека пред 33 години земјата политички и економски повторно се обедини. И тоа доброволно и без насилство" и додава дека „по повеќе од 40 години поделба на исток и запад, во Германска Демократска Република и Сојузна Република Германија, земјата повторно беше обединета со слободарски Устав и демократски институции."

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми