Обединувањето - невозможна мисија
11 мај 2026
Два повика за обединување испратени од премиерот Христијан Мицкоски во изминатите два дена завршија со отфрлање од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Премиерот го поставува прашањето дека е потребно обединување. Кажува ли за што да се обединиме? На каква било порака која ја пуштаме - дека е потребна Европа - тие ги пуштаат своите ботови и лажни вести и не напаѓаат дека сме предавници“, рече Филипче, коментирајќи го повикот на премиерот.
На какво обединување повика Мицкоски?
„Да се обединиме околу националните интереси. Околу иднината на нашите деца. Околу почитта кон сопствената историја и достоинството на народот. Нашите предци не се делеа кога ја бранеа слободата. Не прашуваа кој од каде е, ниту кој на кого припаѓа. Сите стоеја под едно име - Македонија“, рече премиерот на средбата со Македонците во село Туминец, Албанија, каде во чест на македонските херои од тој крај откри споменик, чиј ктитор е тој.
Еден ден претходно, иста порака испрати и при одбележувањето на Денот на победата над фашизмот.
„Ние Македонците многу добро ја разбираме цената на слободата. Нашата историја не е историја на покорување, туку историја на отпор. Историја на луѓе кои, и кога биле малубројни, знаеле да бидат големи. Историја на генерации кои ја чувале идејата за своја држава, свој јазик, свој идентитет и свое достоинство (...) Денес ни е потребно токму тоа. Обединување. Не обединување во стравот, туку во надежта. Не во омразата, туку во визијата. Не во поделбите, туку во заедничката борба за подобар живот, посилна економија, праведно општество и држава во која младите ќе сакаат да останат“, рече Мицкоски.
Изговор за изолација и крадење
Опозициската СДСМ тврди дека пораките на премиерот за обединување околу националните интереси се само изговор за да се спроведуваат политики за изолација на земјата, а не за евроинтеграција.
„Се знае што треба да се направи за да почнат преговорите. Треба да се направат уставните измени. Што е за него обединување? Да му дадеме поддршка да не ги прави, за да може да продолжат да крадат. Не, тоа нема да се случи. Ќе се случи Европа кога ние ќе дојдеме на власт по следните избори и сите ќе одговараат“, дециден беше Филипче.
Аргументацијата на претседателот на СДСМ се заснова на две тези – дека Македонија преговара со ЕУ а не со Бугарија, и дека македонскиот идентитет и јазик не се загрозени со преговарачката рамка.
„Клучната работа е што ние немаме работа со Бугарија. Ние имаме работа со Европа. Ние треба да исполниме европски барања, да исполниме договори што ги изгласале сите земји членки на ЕУ, секако вклучувајќи ја и Бугарија. Што имаме да разговараме ние посебно со Румен Радев кога станува збор за нашиот европски пат? Ништо“, рече Филипче.
Притоа посочи дека е лага оти македонскиот јазик е загрозен.
„Со тоа што бугарскиот парламент ја изгласа преговарачката рамка за нас, исто како сите земји членки на Унијата - а таму стои чист македонски јазик - паѓа во вода и таа лага на премиерот дека македонскиот јазик е загрозен“, рече претседателот на СДСМ на вчерашната прес-конференција.
Сигурно, ама не баш...
И покрај ваквата увереност, ако се анализира неуспешната Предлог-резолуција за дефинирање на заедничките државни и национални позиции за продолжување на процесот на зачленување на Македонијаво ЕУ (што кон крајот на септември 2025 година СДСМ го достави на разгледување до партиите), во неа е евидентно дека социјалдемократите не исклучуваат поинаков тек и по едното, и по другото прашање. И покрај ставот дека „Македонија преговора со ЕУ“, во предлог-резолуцијата не е исклучена потребата од разговори со Бугарија.
„Република Северна Македонија е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги и уставните измени, со јасна определба дека е тоа последната пречка, без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер. Сите билатерални прашања со Бугарија ќе се решаваат во билатерални разговори и инструменти воспоставени меѓу двете држави, на еднаква основа, без да се создаваат нови блокади на преговарачкиот процес“, беше наведено во текстот на Предлог-резолуција.
Но редовниот и категоричен одговор што доаѓа од официјална Софија, е дека по европскиот консензус од јуни 2022 година адресата за разговори на Македонија е ЕУ, а не Бугарија.
Ако го чепнат идентитетот - да напишеме писмо!?
Исто така, и покрај децидните ставови од СДСМ дека македонскиот јазик е затворено прашање и дека идентитетот не е загрозен, во предлог резолуцијата сепак беше предложено да се испрати заедничко писмо од македонскиот државен врв до врвот на ЕУ „доколку нив некој ги проблематизира“.
„Имајќи предвид дека не се преговара за јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи кои веќе се потврдени, доколку во текот на преговорите за членство со ЕУ од страна на европските институции или која било држава членка на ЕУ се отворат прашања со кои се проблематизира македонскиот јазик, или кое било друго идентитетско обележје, или доколку преговарачкиот процес со ЕУ биде блокиран поради идентитетски прашања или барања кои се надвор од Преговарачката рамка и не припаѓаат на Копенхашките критериуми за членство тогаш претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата со заедничко писмо имаат обврска да ги информираат претседателот на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет, претседателот на Европскиот парламент, еврокомесарот за проширување на ЕУ и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, дека е потребно безусловно почитување на јазичните и идентитетски, историски и културни особености, како елементи кои се затворени и за кои не се преговара со ЕУ“.
И покрај претпоставената можност за таков обид, во предлог- резолуцијата како временска рамка за нејзино спроведување беше наведен брз термин: Собранието да ја започне постапката за измена на Уставот и да се достигне до фазата на прво гласање најдоцна до 15-ти декември 2025 година, а да ја заврши постапката најдоцна до 10-ти февруари 2026 година.
„Клучните“ кадри во новата влада
Тие датуми се минато, а денешните критики на Филипче дека премиерот ја води земјата кон изолација, наидуваат на широк простор во медиуми кај источниот сосед. И додека тамошни медиуми потсетуваат дека Велислава Петрова-Чамова, новата министерка за надворешни работи во владата на Румен Радев, уште во 2022 година (тогаш како заменик министерка за надворешни работи) била „клучната личност во сите преговори, појаснувања и подготовка на финалната верзија на т.н. француски предлог кој ги преместил билатералните спорови со Македонија на европско ниво“, СДСМ кој ја прифати таквата рамка, за ќорсокакот продолжи да ги критикува оние кои предупредуваа дека не треба да се прифаќа. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче повторно докажал дека е спремен да ја продолжи политиката на Заев - политика на попуштање и прифаќање барања кои директно задираат во македонските национални и државни интереси.
„Наместо да застанат на страната на Македонија, тие испраќат јасна порака дека доколку дојдат на власт, би ги спровеле уставните измени и би прифатиле политики кои се во согласност со барањата на Бугарија - откажување, попуштање и тргување со најважните национални прашања. Филипче и СДС немаат проблем со овие предавства, заради лични и финансиски интереси. Тоа што Зоран Заев го започна, Венко Филипче очигледно е подготвен да го доврши“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.