1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

О’Брајан, Агелер, Рама и Мицкоски

21 декември 2024

Политичарите, па и државите, понекогаш ги менуваат своите проценки и вокабулар поради моментот и интересите што се преовладувачки. Некои од нив наеднаш изгледаат застарени, како и да не биле. Пишува Љупчо Поповски

Американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер и премиерот на Северна Македонија, Христијан МицкоскиФотографија: Pressebüro der Regierung von Nordmazedonien

Веќе знаете дека политиката е чудесна работа. Дека политичарите може долго време да зборуваат едно, а потоа да направат друго. Или да промовираат нешто што изгледа рационално, усогласено, поткрепено со интереси и ставови, а потоа наеднаш да се протежираат поинакви нешта. Во голем дел проценките зависат од моментот и од интересите што се превладувачки. Во друг момент наеднаш тие проценки се застарени, како и да не биле.

Понатаму во текстот ќе ви пренесеме повеќе изјави кои во одреден момент изгледаа како „бомби“, потоа тие бомби беа поклопени со други „бомби“, оние другите како да не се случиле претходно. Или, пак, како некој лирски е вдахновен за одредена тема, а друг е студено математички и херојски насочен.

Еве ги примерите, па вие проценете сами како во политиката се менуваат оценките.

Американскиот помошник-државниот секретар за европски и евроазиски работи, Џејмс О’Брајан (сѐ уште е на оваа функција), лани во ноември во едно речиси спектакуларно интервју за „360 степени“ и годинава во јануари на настан во Скопје кажа работи кои до денес се цитираат во политичките и другите кругови. Се однесуваат на уставните измени и европскиот пат на Македонија.

Во ноември 2023  во интервјуто за „360 степени“ О’Брајан го рече ова:

„Некој може да каже дека ќе дојде со подобра понуда. Но, ако не ви каже за што точно станува збор и не ви каже зошто другите би ја прифатиле, само се обидува да ве измами. И се надевам дека гласачите се попаметни од тоа.

Видете, има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и верувам дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така. Но, тоа е избор кој го прават гласачите овде. Јас не гласам овде. Луѓето може да изберат што сакаат“.

Во јануари годинава на прес-конференцијата по состанокот на лидерите на земјите од Западен Балкан посветен на Планот за раст на ЕУ, О’Брајан ја доработи на одреден начин претходната изјава. Тој рече:

„Мислам дека една партија (СДСМ, н.з.) даде предлог за напредок и трпи критики затоа што некои луѓе го сакаат или не го сакаат тоа. Друга партија (ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) ветува дека ќе изнајде начин за патот напред и мислам дека можеби е фер граѓаните да побараат од таа партија да понуди нон-пејпер во кој ќе објасни која е нејзината визија и потоа ќе можете да решите меѓу визијата која ја знаете и нешто што е ветување.

Американскиот помошник-државниот секретар за европски и евроазиски работи, Џејмс О’Брајан Фотографија: Rod Lamkey/CNP/picture alliance

Ние сме посветени на тоа Северна Македонија и САД да продолжат да соработуваат на патот на земјата кон Европа. Граѓаните на земјава ќе имаат јасен избор во наредните месеци меѓу јасна визија која знае како да оди кон Европа и нешто друго. Граѓаните ќе треба да изберат. Од перспектива на САД, многу сакаме Северна Македонија, што е можно побрзо, да стане дел од ЕУ“.

Оваа недела американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер, во интервју за „Слободен печат“ на прашањето за европските интеграции на Македонија и уставните измени го рече ова:

„Јас лично никогаш не сум го слушнала премиерот или неговите министри да кажат дека никогаш (уставните измени) нема да бидат усвоени во Собранието. Знам дека многу зборуваа за тоа што е тој процес. За тоа дали има или не преговори со Бугарија. Она што јас го разбирам е дека договорот е постигнат според францускиот предлог. И дека е прифатен од претходната влада. И тоа е тоа. Патот што води напред е, знаете, билатералните односи со Бугарија. Знам дека претседателката беше таму. Знам дека има линии на комуникација. И се надевам дека тие ќе продолжат. Затоа што, искрено, не сум сигурна дека вреди да се чека.

Интеграцијата во ЕУ би била од огромна корист. Тоа е нешто за што разговаравме. Апелиравме дека за целосна интеграција во Европската унија, важен дел е спроведување на реформите што се потребни за полноправно членство. Дали би било од помош да се биде во Европската Унија? Да, апсолутно“.

А на прашањето за  ставањето на Артан Груби на црната листа  и за работата на новата влада, Агелер го кажа следново: 

„Воопшто не бев изненадена (за Артан Груби, н.з.). Бев многу задоволна. Бев многу задоволна и што Вашингтон можеше да го објави соопштението на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, на 9 декември. Значи, не бев изненадена. Бев задоволна.

Тие (владата) наследија многу, многу предизвици. Шест месеци не е многу време за нова влада, искрено кажано. Но, ќе забележам дека врз основа на моите директни разговори со овој премиер и со многу негови министри, за енергијата, енергетската диверзификација, трговијата, инфраструктурата, транспортот, регионалните врски, тие постигнаа напредок. Тие постигнаа значителен напредок.

Вие знаете дека кога имате систем што е толку оштетен, тоа не е нешто што може да се поправи за шест месеци. И ова е проблем што се зголемуваше во многу претходни администрации. Знам дека финансиски, владата мака мачи со буџетот. А ова не се работи за кои можеме да видиме брзи ‘поправки’. Често разговарам со министерката за финансии. Таа има огромна задача. Тоа е нешто што ќе го поддржиме колку што можеме“.

Ви се чинат ли овие ставови на амбасадорката контрадикторни со претходните изјави на еден од нејзините шефови и директно надлежен за Македонија во Стејт департментот? Можеби изгледаат, а би требало да не се. Амбасадорите, вообичаено, не постапуваат на своја рака, туку според директиви од бирото во Вашингтон. Власта во Македонија се смени, па може и дел од вокабуларот. Особено она за цврстата помош на  патот кон ЕУ,  па дури и притисок да се најде решение за уставните измени. Патот кон ЕУ се споменува како по дефолт, а не како врвен стратешки интерес на САД. Американската реторика сега изгледа како слободно да плови. Како да се чекаат новите насоки (ако ги има) од новата администрација во Вашингтон.

Свадбата на Рама и 10-те идеи на Мицкоски

Албанскиот премиер Еди Рама на меѓувладината конференција со ЕУ во вторникот, на која беше отворен вториот кластер, беше инспиративен:

„Нашиот марш продолжува. Тука сме да направиме важен чекор и да отвориме ново групно поглавје, кое е важно за нашиот план. Тоа е затоа што се работи според планот. Мора да продолжиме понатаму. Нашата амбиција е да отвориме повеќе групи поглавја. Се надеваме дека напролет следната година ќе затвориме отворени поглавја. Ова е важен ден за нашата земја и мотивирачки чекор. Албанија си ја заврши домашната задача и преговорите треба да завршат во 2027 година.

Денеска имаме појасна слика за сработеното и исто така го сфаќаме како вистинско охрабрување дека ни претстои многу работа. Посебна благодарност до тимот на Европската комисија, кој нѐ учи да опстојуваме со голема насмевка против невротичниот пристап на ЕУ.

Научив дека нема поглавје или параграф што е лесно со ЕУ. Сè мора да помине низ детален преглед. Комесарот ѝ помага на земјата да расте, созрева, да се трансформира. Албанците ги поддржуваат ваквите политики, ние направивме јасен избор како народ. Сакаме да се венчаме со ЕУ, заборавете на сите разводи од минатото. Нема враќање назад, само пат напред. Мора да им го дадеме на Албанците тоа што го чекаат, тие го чекаат со векови“, рече Рама.

Вечерта претходно, во интервју за ТВ21 македонскиот премиер  Христијан Мицкоски  не зборуваше за венчавки или разводи, туку за големите идеи на оваа влада во Европската унија повторно да се воспостават европските вредности.

„Можеби ќе делува чудно, но ние се бориме за вистинските европски вредности врз основа на кои беше формирана Европската унија. И грчевито се бориме за тоа поради што се вљубивме во таа Европска унија.

Прашањето не е повеќе – тоа е тоа, туку дај да најдеме решение. Затоа што и тие знаат дека ова е решение само за првата пречка. Не знам дали ќе успееме во оваа битка. Но сите треба да знаат дека оваа работа не бива без  ВМРО-ДПМНЕ. Ако некој навистина смета на нас како држава треба да седне со  ВМРО-ДПМНЕ  да разговара“, рече Мицкоски.

Во една работа околу ЕУ тој беше јасен како ретко кога досега:

„Немаме друг план којшто е подобар од ЕУ. ЕУ е единствениот план, нема друг подобар“.

Но тој нема план Б ако Бугарија опстане на нејзините барања.

„Имам 10 идеи како да станеме членка на ЕУ. Не можам да кажам дека имам план. И јас и соработниците. Но не е планот – променете го уставот и толку и после тоа никој не ви гарантира ништо. Тоа не е план“, нафрлаше премиерот за десетте идеи.

Албанскиот премиер вели дека работи според планот што го зацртале и дека тој се остварува, македонскиот премиер немал план, туку 10 идеи.

Главчев е или не е соговорник?

Вториот човек на Владата и премиерот понекогаш имаат различни ставови дали и како би можело да се разговара со Софија. Тие разлики можеби се и дел од десетте идеи.

На крајот од август, вицепремиерот  Александар Николоски даде прилично остра изјава  која ги налути политичарите во Бугарија. Тогаш тој рече:

„Секогаш кога во Бугарија ќе дојдат избори се злоупотребува темата Македонија. Не знам сега, не сум сигурен кога им се изборите, затоа што до толку се нефункционални што не можат ни избори да закажат. Ова им е седма или осма техничка влада, веќе не можат да најдат луѓе за во техничката влада. Такашто нека си ги средат прво дома работите, нека изберат политичка влада и ќе седнеме и зборуваме со политичката влада. Немам намера да одговарам на луѓе коишто ловат политички поени, а кои во моментов се политички маргиналци во Бугарија, затоа што се претставници на влада којашто нема легитимитет од никого“.

Премиерот на техничката влада во Бугарија, Димитар ГлавчевФотографија: BGNES

На 16 декември премиерот Христијан Мицкоски соопшти сосем поинаков став:

„Подобро е да бидеме делумна жртва отколку целосен плен. Таму, сепак, постои легитимен политичар којшто може да носи ваков тип одлуки. И не мислам тука на претседателот Радев, таму имаме техничка влада, технички премиер, технички министри. Таму сѐ уште нема политичка влада, но ние не можеме да знаеме кога ќе се формира таа влада, колку би траела. Затоа ние мораме да работиме со сите наши партнери. Ние разговараме со сите во ЕУ коишто се дел од нашето портфолио“.

И тука Мицкоски е во право во промената на ставот околу техничката влада во Бугарија. Ако техничката влада со извонредни напори успеа да се избори Бугарија да влезе во Шенген зоната, значи има легитимитет. Но ако нашите власти лавираат во тврдењата дека само со политичка влада во Софија ќе може да разговараат (како што вели Николоски) тогаш ќе го затврднат веќе тврдиот став на бугарската политика.

За да ја дополни оваа промена во ставот за техничкиот премиер и техничката влада во Бугарија, Мицкоски вчера искажа многу позитивни нешта за Димитар Главчев и за нивната средба во Брисел. Дури би се рекло и неочекувани, па можеби го стави Главчев и во непријатна ситуација во политичката арена во Софија. Мицкоски рече:

„Имам навистина добро мислење за техничкиот премиер на нашиот источен сосед, Димитар Главчев. Честопати се среќаваме и секогаш имаме пријатни разговори. По завршувањето на работната сесија (на самитот во Брисел) на излегување ме поздрави и ми кажа дека сум имал одличен настап, одличен говор и дека на тој начин треба да се градат односите помеѓу двете држави. Јас на тоа одговорив дека е време во блиска иднина да ја кренат рампата и конечно да почнеме да преговараме. Но, на тоа добив одговор: ‘Во нашиот парламент сите се против вас’“.

Што е сега Димитар Главчев: политички маргиналец (како што тврди Николоски) или човек за кого Мицкоски има многу добро мислење. 

А  претседателката Гордана Сиљановска-Давкова,  пак, има сосем поинаков став. Таа мисли дека Румен Радев е оној вистинскиот  во Бугарија.  На средбата со Радев во Баку таа му рече на бугарскиот претседател: „Во Бугарија, чинам, сѐ е менливо освен вие. Вие сте најстабилниот елемент во државата и мислам дека сте вистински избор“.

Посакуваниот партнер во Софија за нашата влада, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, пред некој ден изјави дека Бугарија пропуштила многу последниве години околу Македонија и дека „мораме да формираме влада и да застанеме многу цврсто на својот став“.

Дали сите овие вратоломии напред и назад со бугарските политичари се дел од оние десет идеи на Мицкоски би требало да се дознае многу скоро. И дали овдешниве власти сакаат да ја спроведуваат политиката на добар и лош во македонските редови.

И за крај. Неодамна Мицкоски рече дека на сите средби на високо ниво ги претставувале нашите тези и дека очекувале антитеза. „Досега не сме добиле антитеза“.

Дали следниве три примери се антитеза просудете сами.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во разговор со новинари од регионов пред некој ден рече:

„Неопходно е да се почитува она што Северна Македонија го оствари и мислам дека е многу важно да се постигне зајакнување на довербата меѓу Северна Македонија и нејзините соседи, особено Бугарија. Мора да работиме за да обезбедиме Северна Македонија целосно да ги исполни своите обврски, кои се предуслов Северна Македонија формално да ги отвори преговорите“.

Во декларацијата од самитот ЕУ-Западен Балкан стои и ова:

„Инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската унија, па затоа од суштинско значење е спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“.

Европската народна партија еден ден по самитот на ЕУ со лидерите на Западен Балкан, а пред состанокот на Европскиот совет, расправаше на тема „Проширувањето на ЕУ и Западен Балкан“ и усвои изјава. Во неа, меѓу другото се вели:

„Добрососедските односи, почитувањето на правата на малцинствата и регионалната соработка, која обезбедува вклученост на релевантните регионални и локални власти, и исполнување на сите обврски од потпишаните договори, се суштински елементи за стабилизација, асоцијација и успешно завршување на процесот на проширување. Во овој поглед, сите билатерални и мултилатерални договори и обврски поврзани со ЕУ треба целосно да се имплементираат“.  

На овие два состаноци – на самитот ЕУ-Западен Балкан и на ЕПП – беше присутен и Христијан Мицкоски. Дали во овие заклучоци има антитези? Политичарите, се разбира, секогаш ќе имаат свое толкување.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми