1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Обвинение за четири лица за убиството на Вања Ѓорчевска

ДТЗ
31 мај 2024

Обвинителството сооопшти детали околу грабнувањето и свирепото убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Продолжува истрагата за Љупчо Палевски, кој беше екстрадиран од Турција.

обвинети за убиство на Вања Ѓорчевска
Обвинение за четири лица за убиството на Вања ЃорчевскаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против четири лица за грабнување и сурово убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Обвинети се Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски. Продолжува истрагата за две лица - едниот од нив е првообвинетиот Љупчо Палевски, кој неодамна беше екстрадиран во земјата, по бегството во Турција.

Продолжува истрагата за две лица - едниот од нив е првообвинетиот Љупчо Палевски, кој неодамна беше екстрадиран во земјата, по бегството во Турција.Фотографија: DW

Детали за суровите убиства

Обвинителството половина година по случајот кој ја шокираше јавноста, изнесе детали кои се базираат на доказите прибрани за време на истрагата. Според нив, убиствата биле извршени од користољубие и на свиреп начин, а таткото на убиеното девојче, Александар Ѓорчевски, „помогнал да се реализира планот“, со тоа што давал податоците кога таа ќе тргне за на училиште. 

Како што наведуваат од обвинителството, се започнало на 22.11.2023, кога групата го грабнала Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде неговото возило „цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Тие отишле во куќата на Жежовски, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано „Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.

Кои се убијците на Вања Ѓорчевска

01:58

This browser does not support the video element.

Парите како мотив

Грабнувањето на малата Вања, пак, било испланирано со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

„На 27.11.2023 година извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата „Наум Наумовски Борче” во Скопје. Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете. Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи и се да не вика затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано „Дупки”, во атарот на селото Бразда“, соопшти Обвинителството.

Вања Ѓорчевска била киднапирана и убиена поради пари Фотографија: Nordmazedonien Innenministerium

Таму на свиреп начин, со умисла го убиле девојчето со пиштол со калибар 9 милиметри, а телото го закопале во претходно ископана дупка. Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на селото Бразда, го запалиле „цитроенот” со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите.

„Таткото на девојчето им помогнал да го реализираат нивниот план и тој е обвинет за помагање во кривичното дело – грабнување“, се наведува во соопштението. 

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на притворот за тројцата обвинети соизвршители, како и на куќниот притвор на таткото на Вања Ѓорчевска. 

„Обвинителниот акт се темели на вербални и материјални докази во однос на дејствијата на обвинетите, но со оглед на тоа што постапката против првоосомничениот Љупчо Палевски, кој неодамна беше екстрадиран од Турција продолжува, јавното обвинителство не е во можност да споделува детали во однос на доказниот материјал. Постапката продолжува и против уште едно лице кое е осомничено дека му помогнало на Палевски при бегството во Турција. За него на сила се претходно определените мерки на претпазливост“, наведуваат од Обвинителството.

 

Кој е Љупчо Палевски, осомничениот убиец на Вања Ѓорчевска

01:18

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми