Обвинение против Болтон, истакнатиот критичар на Трамп
17 октомври 2025
Министерството за правда на САД подигна обвинение против Џон Болтон, поранешниот советник за национална безбедност и критичар на американскиот претседател Доналд Трамп,поради протекување и прикривање информации за одбрана на нацијата.
Адвокатот на Болтон негира какво било кривично дело од страна на неговиот клиент. Самиот Болтон зборува за намерен обид на Трамп да ги заплаши политичките противници: „Сега сум најновата цел во обидот да го искористи Министерството за правда како оружје против луѓето што ги смета за свои непријатели“.
Обвинението следи по истрагите против Болтон под сомнение за злоупотреба на класифицирани информации. Во август, агенти на ФБИ го претресоа домот и канцеларијата на Болтон и запленија, меѓу другото, класифицирани документи, по што сега порота го обвини.
Ова е трет пат во последните недели Министерството за правда да поднесе обвинение против критичар на американскиот претседател. Трамп најави одмазда против своите противници за време на изборната кампања и постојано ја повикува државната обвинителка Пам Бонди да поднесе обвиненија против неговите противници. Неодамна беа обвинети поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми и државната обвинителка на Њујорк Летиција Џејмс.
Набљудувачите и во постапката против Болтон гледаат демонстрација на сила од страна на Белата куќа. Во врска со обвинението, Бонди изјави: „Секој што злоупотребува позиција на моќ и ја загрозува нашата национална безбедност ќе биде повикан на одговорност. Никој не е над законот.“
Директорот на ФБИ, Кеш Пател, објави дека полициската истрага открила дека Болтон наводно споделувал високо доверливи информации преку лични онлајн профили и ги чувал овие документи во својот дом, што директно ги крши федералните закон.
Болтон беше советник за национална безбедност за време на првиот мандат на Трамп. Долгогодишниот дипломат, кој се смета за тврдокорен во поглед на надворешна политика, поднесе оставка по околу година и пол на функцијата поради спор со претседателот.
Потоа стана жесток критичар на Трамп, а подоцна во своја книга го опиша како несоодветен за функцијата. Болтон неодамна повторно го критикуваше Трамп за неговите односи со шефот на Кремљ, Владимир Путин.
Кратко по почетокот на неговиот втор мандат, Трамп ја отповика личната заштита на Болтон обезбедена од Тајната служба. Тајната служба е одговорна за заштита на високи политичари и се грижи за безбедноста не само на сегашните избрани функционери, туку и на некои поранешни носители на функции. Постапката против самиот Трамп за неовластено земање класифицирани документи со себе беше запрена по неговата изборна победа во ноември 2024 година.