Oбвинет Џејмс Коми, поранешниот директор на ФБИ
26 септември 2025
По огромниот притисок од американскиот претседател Доналд Трамп врз судството, голема порота го обвини поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, за дела што вклучуваат и лажно сведочење. Министерството за правда објави дека 64-годишникот е обвинет и за попречување на конгресна истрага.
За време на првиот мандат на Трамп, Коми истражуваше руско мешање во изборите во САД во 2016 година и ги испитуваше можните врски меѓу Москва и членовите на кампањата на Трамп.
Обвинението доаѓа само неколку дена откако Трамп преку социјалните мрежи ја повика својата државна обвинителка, Пам Бонди, да преземе мерки против лицата што ги смета за непријатели. Претседателот се пожали дека многу се зборува, но ништо не се прави - и експлицитно го именуваше Коми.
Бонди сега на платформата X напиша дека никој не е над законот. Денешното обвинение ја одразува решеноста на Министерството за правда да ги повика на одговорност оние „кои ја злоупотребуваат својата позиција на моќ за да го измамат американскиот народ“. Коми веднаш ги негираше обвинувањата. „Невин сум“, рече тој во видео порака објавена на Инстаграм. Постапките на Министерството за правда „ми го кршат срцето, но имам голема доверба во федералниот судски систем“.
Трамп не го криеше своето задоволство од обвинението – на својот профил на неговата социјална мрежа Трут соушл републиканецот напиша со големи букви: „ПРАВДА ВО АМЕРИКА!“ Тој го нарече Коми корумпиран и „еден од најлошите луѓе со кои се соочила оваа земја“.