1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Обвинителите бараат заштита од арбитрерни акции

13 март 2026

Третото по ред намалување на коефициентите, а со тоа и на платите на јавните обвинители, го отвори прашањето за позицијата на ЈО во системот и негова подреденост во однос на другите власти

Јавно обвинителство во Македонија
Обвинителите бараат заштита на уставно гарантираната самостојност на Јавното обвинителство Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Уставниот суд е пред клучна одлука - ќе ја заштити ли уставно гарантираната самостојност на Јавното обвинителство или ќе дозволи да се наруши принципот на поделба и контрола на власта?

Ова се наведува во реакцијата на јавните обвинители по завчерашната дискусија во Уставниот суд, кога поради поделено гласање на уставните судии, тие не успеаја да заземат конкретен став дали да се поведе постапка за оценување на Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители.

Незадоволството порасна откако пратениците на крајот од февруари изгласаа  измени на Законот за платите на судиите, но и на обвинителите,  на што реагираа нивните здруженија. Бидејќи со намалување на коефициентите за пресметка на платите се влијае врз намалување на платите, од фелата тоа го оценија како противуставно и како економски притисок врз нивната независност.

Меѓународни стандарди

Oбвинителите потсетуваат дека Јавното обвинителство е институција со посебна уставна позиција, со задача да обезбеди независност во вршење на функцијата на кривично гонење, особено во случаи кога предмет на гонење можат да бидат и носители на функции во некоја од другите власти. За нив е несфатливо што дел од уставните судии сметаат дека на обвинителството „не му е иманентна независноста“.

„Самиот термин ‘самостоен државен орган’ претставува јасна уставна квалификација која исклучува организациска или друга подреденост на обвинителството на која било од трите други гранки на власта. За тоа постојат јасни законски и институционални гаранции кои воспоставуваат механизам за да се обезбеди професионална автономија на обвинителската служба и да се спречи политичко или друго влијание врз нејзиното функционирање“, се вели во реакцијата.

Според обвинителите, Уставниот суд има обврска да го спречи токму тоа. Но, бидејќи поделените мислења на уставните судии за тоа прашање создаваат ризик од директен удар врз финансиската независност на обвинителството и ја доведуваат јавнообвинителската функција во подредена положба во однос на другите власти, укажувааат на меѓународни стандарди кои треба да им овозможат на јавните обвинители независно да ги извршуваат нивните професионални задачи.

„Во согласност со овие стандарди обвинителите мора да бидат заштитени од секоја форма арбитрерни акции на извршната или законодавната власт, какво што е впрочем ова ова трето по ред намалување на коефициентите, а со тоа и на платите на јавните обвинители“, се наведува во реакцијата.

Ако ова не е доволно...

Како аргументација за кажаното, го истакнуваат „Прирачникот УНОДЦ за статусот и улогата на јавните обвинители“, објавен како официјален документ на ОН, во кој се наведува дека платите на јавните обвинители и други погодности не треба арбитрерно да се намалуваат.

Го посочуваат и мислењето на Венецијанската комисија од 03.01.2011 година.

„Притоа во т. 69 јасно се наведува дека „како и за судиите, плата за јавните обвинители во согласност со важноста на извршените задачи е од суштинско значење за  ефикасен и правден систем на кривична правда.  Исто така, неопходен е доволен надомест за да се намали опасноста од корупција на обвинителите“, посочуваат од Здружението на јавните обвинители.

Во истиот контекст се повикуваат и на Римската повелба на Консултативниот совет на европските јавни обвинители во Мислењето бр.9 од 17.12.2014 година, како и на мислењето на Консултативниот совет на европските јавни обвинители од 29.10.2024 година.

„Ако и покрај сите овие меѓународни и европски стандарди, во Уставниот суд превагне мислењето дека на обвинителството не треба да му се гарантира независност и самостојност на постапките, јавните обвинители ќе бидат принудени јавно и до сите релевантни меѓународни организации да реагираат за прекршувањето на демократските стандарди за поделба на власта извршено преку принципот на надгласување“, порачаа јавните обвинители.

Костадиновски: Да не се намалуваат платите

На меѓународните стандарди потсети и претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, во поткастот „Каде се парите“, но акцентот го стави на судиите.

„Повикувајќи се на тие меѓународни стандарди, и на независноста и самостојноста на судиите, сум да не се намалуваат нивните плати. Но, пак ќе кажам - тие треба да ја понесат својата одговорност и да најдат начин на расчистат со оние  таканаречини судии што го валкаат образот на цела една фела“,  рече претседателот на Уставниот суд.

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски: Да не се намалуваат платитеФотографија: Petr Stojanovski 

„Факт е дека Владата и законодавецот има право да ги одредува платите. Уште кога претходната влада ги намали коефициентите за да не растат платите,  јас бев против тоа решение. Зошто? Постојат меѓународни стандарди, а нашиот Устав вели дека општоприфатените норми на меѓународното право и стандарди - се темелни вредности. Имаме море од меѓународни правни стандарди кои велат дека платите на судиите не може да бидат намалувани дури ни во состојба на криза, бидејќи се нераскинлив дел од нивниот статус на независност. Од Адам до денес, независен и слободен е тој што е економски независен“, посочи Костадиновски.

Тој смета дека ниската доверба во судството не настанала преку ноќ и дека другите две власти не може да се апстрахираат од одговорност.

„Не ја амнестирам судската власт (...) Ако судството има два проценти доверба, тоа не станато преку ноќ. Тоа е еден долг процес. Што правеле другите две власти додека оваа власт од 100% се симнала до 2%? Не може да се апстрахираат. Тоа е систем“, оцени тој.

Постапка за оценување на новото законско решение

Уставниот суд на 24.12.2025 година поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите од декември 2024 година и на Собранието му определи рок од 30 дена за да даде мислење за оспорениот закон.  Собранието  во определениот рок не даде одговор до Судот, а во меѓувреме, на 25-ти февруари 2026 година донесе нов Закон за изменување на платите на судиите, со кој одново ги намали коефициентите за пресметување на платите.

Земајќи го предвид фактот дека измените за кои е поведена постапка повеќе не се дел од правниот поредок, Судот ја запре постапката за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите од 2024 година, и по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување на уставноста на новото законско решение со кое одново се намалени коефициентите за платите на судиите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми