Обвинителството ќе бара краткотраен притвор за 10 лица
16 март 2025
Мерки краткотраен притвор за 10 лица за кои се обезбедени докази ќе бара Обвинителството, изјави вечерва државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Постои можност и за продолжување на притворот, рече тој.
Тимот од шест обвинители - по два од Скопје, Кочани и Штип - цел ден вршеле увид на местото на трагедијата, но увидот се уште не е завршен и ќе продолжи и утре.
Од досегашниот увид било констатирано дека објектот немал хидрантска мрежа ниту хидрант, имал само два противпожарни апарати, немал доволен број врати. Освен едната на влезот, имал уште една импровизирана врата на задниот дел, но истата била заклучена со катанец, затворена со гипс картон и со сунѓер за звучна изолација.
Немало можност за пристап на протипожарни возила, а во објектот немало ни систем за предупредување со звучен сигнал. Внатрешноста на објектот била без огноотпорни својства, обложен со звучноизолациски материјали што биле лесно запаливи. Приротехника се користела противзаконски, без дозвола.
Деловен објект, со „дозвола“ за угостителски
Објектот кој се користел како дискотека бил регистриран како деловен објект за лесна индустрија, но досега не била извршена негова пренамена за угостителски објект, иако имал дозвола од Министерството за економија како за угостителски објект издадена уште пред 15 години.
„Големи пропусти и ерозија на системот“, рече Коцевски за утврденото при увидот.
Бил сослушан еден од организаторите и било утврдено дека немало писмен договор меѓу организаторот и групата што настапила на концертот.
Коцевски потврди дека поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши е повикан на разговор во полициска станица.
Издадени повеќе наредби
По идентификација на жртвите, Обвинителството дало наредби за обдукција, наредби за мерки до БЈБ да се апси секое лице кое со своето постапување или непостапување придонело за трагедијата, наредба за одземање на снимки од видео камери, наредба за одземање на документација за правниот субјект, за претрес на домови...
Бидејќи станува збор за сложен предмет, утре на тимот од 6 обвинители ќе му се придружат уште три до пет обвинители, најави Коцевски.
Во меѓувреме, роднините на настраданите постигнале договор со надлежните институции и дозволиле телата да бидат испратени на обдукција.
„Не постои никаков друг начин да се дојде до вистинската причина за смрт и вистинска идентификација освен обдукција. Впрочем, тоа го налагаат и протоколите издадени од Интерпол кои се однесуваат на идентификација на жртви при масовни несреќи“, изјави за МИА директорот на Институтот за судска медицина и криминалистика Александар Станков.