Истрага за пропустите по трагедијата во Карпош
6 март 2026
Обвинителството оформи предмет за проверка на постапувањето на социјалните работници во случајот во кој, по континуирано семејно насилство, Ивана Јовановска и нејзината ќерка трагично ги загубија животите по пад од шестиот кат во Карпош. Ќе се утврдува дали констатираните неправилности содржат елементи на кривично дело што се гони по службена должност.
Јавното обвинителство соопшти дека се постапува врз основа на информациите објавени во медиумите за утврдени пропусти при инспекцискиот надзор на Центарот за социјални работи (ЦСР).
Проверки ќе се вршат и во МВР, по информациите коишто ги објави „Слободен печат“ дека на 19 јануари на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје, Стојанче ја турнал Ивана по скалите по што таа паднала во бесознание и била повикана полиција.
„Запознаени сме за настанот, детално ќе биде проверен од страна на Одделот за внатрешна контрола и ќе ја известиме јавноста“, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Проверки во ЦСР по наводни пропусти
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, деновиве информираше дека инспекцискиот надзор покажал дека стручните работници не воспоставиле непосреден контакт со жртвата и покрај тоа што била закажана средба.
Лимани изјави: „Неправилностите се однесуваат на пропуст во остварување непосреден контакт и увид во домаќинството на жртвата, иако постоеле телефонски и административни контакти. Секое евентуално ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора целосно да се утврди. Ако постои одговорност, таа мора да биде преземена согласно законот“.
Продолжен притвор
По трагедијата, во јавноста излегоа низа информации за претходни настани поврзани со семејното насилство. Според МВР, против сопругот на Ивана, Стојанче Јовановски, претходно биле поднесени 10 кривични пријави по различни основи.
Јовановски моментално е во притвор, откако Кривичниот суд — на предлог на Обвинителството — му одреди првично 48-часовен притвор, кој дополнително беше продолжен за уште 48 часа. Тој е осомничен за три кривични дела: наведување на самоубиство, нанесување телесни повреди и загрозување на сигурноста.
Од МВР деновиве информираа дека околу два часа пред падот од балконот, сопружниците имале расправија на улица што била пријавена во полиција. Но, кога полициските службеници пристигнале, жената изјавила дека немало физички напад и дека се работело за недоразбирање.
Во текот на минатата и почетокот на оваа година биле евидентирани повеќе пријави за нарушени меѓучовечки односи и физички напади меѓу сопружниците. Полицијата постапувала по сите пријави, но Ивана во сите случаи ги повлекувала.
По трагедијата, институциите се соочуваат со прашањето како навремено да се спречи ескалација на семејно насилство. Само во текот на вчерашниот ден се пријавени два случаи на семејно насилство, при што се приведени две лица.
Министерот Панче Тошковски вели дека дека „главниот предизвик е насилникот да се изолира максимално брзо, за да се заштити семејството, особено децата, и да се избегнат дополнителни последици“.