Случај Фернандес: Владата најавува борба против дипфејковите
21 март 2026
Станува збор за случај кој предизвика големо медиумско внимание во Германија: актерката Колин Фернандес (Collien Fernandes) излезе во јавноста со сериозни обвинувања против нејзиниот поранешен сопруг. Тој наводно повеќепати физички ја нападнал, но Фернандес пред сѐ го обвинива својот поранешен партнер дека поставувал таканаречени дипфејк видеа од неа на интернет и потоа комуницирал со други мажи за нив.
Фалсификати кои изгледаат реално со помош на вештачка интелигенција
И актерката и нејзиниот поранешен партнер до неодамна се појавуваа заедно во ТВ-реклами за една интернет-аптека, кои сега се привремено повлечени. Во случајот, дипфејковите, меѓу другото, се порнографски содржини и фотографии создадени со помош на вештачка интелигенција. Колин Фернандес веќе поднела пријава против својот поранешен сопруг. Тој, пак, ги негира сите обвинувања и преку својот адвокат зборува за „ширење невистинити факти“ и „недозволено известување засновано на сомнежи“.
Адвокатот најави и правни чекори против магазинот „Шпигел“, чие известување ја покрена целата афера. Актерката, според написите, уште пред неколку месеци им се обратила на властите на шпанскиот остров Мајорка, каде што двојката, како и многу други германски познати личности, живеела со години. Фернандес за „Шпигел“ изјави дека одамна знаела за постоењето на дипфејкови од неа, но дури неодамна сфатила дека зад нив можеби стои нејзиниот поранешен сопруг.
Широка политичка дебата за заострување на законите
Иако правна разрешница сè уште нема и важи презумпцијата на невиност, случајот предизвика поширока политичка дебата во Германија. Министерката за правда Штефани Хубиг најави дека наскоро ќе предложи построги закони.
Таа нагласи дека работата на тоа започнала и пред овој случај. За „Шпигел“ изјави: „Некои од овие снимки служат за да повредат луѓе. Други имаат цел да ги клеветат или да шират лаги. Тоа нема да го дозволиме.“
Портпаролот на министерството: „Кривичното право не е таму каде што треба да биде“
Портпаролот на министерството, Марк Хоземан, исто така се осврна на плановите за законски измени поврзани со насилството преку дипфејкови на интернет: „Кривичното право заостанува зад технолошкиот развој. Жртвите на дигитално насилство и дипфејкови не се целосно незаштитени со сегашните закони, но кривичното право не е таму каде што треба да биде.“
А што треба да се промени? Според него, наскоро и создавањето и ширењето на вакви фалсификати на интернет ќе станат казниви. Исто така, ќе се олесни блокирањето на кориснички профили. Бидејќи многу истражувања покажуваат дека многу жени не се осмелуваат да одат на суд, законот ќе предвиди подобра психосоцијална поддршка за жртвите.
Зелените: „Не се опфатени сите кривични дела“
Заострувањето на законите го поздрави и пратеничката од Зелените, Лена Гумниор. Таа во врска со постоечките законски одредби и насилството преку ВИ-фалсификати на интернет, вели: „Ваквото однесување не е експлицитно казниво во Германија. Постојат поединечни кривични дела, но тие не ја опфаќаат суштината на проблемот. Како што кажа и Колин Фернандес – најлошо е што луѓето можат да ја гледаат таа дипфејк порнографија на своите компјутери и што таа е изложена на тоа.“
Пратеничката Сузане Хирл од конзервативната Унија ( ЦДУ и ЦСУ) изјави: „Дигиталните напади се исто толку понижувачки и деструктивни како и физичкото насилство.“ Таа додаде дека интернет-просторот мора многу подобро да се регулира и дека жените не смеат да останат сами со овој проблем, бидејќи последиците можат да траат цел живот.
Портпаролот Марк Хоземан на владината прес-конференција на крај додаде дека предлог законот е речиси подготвен, што звучеше како новите правила да би можеле да бидат усвоени уште пред летната пауза.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик