Очекувања: Цените на недвижностите ќе се зголемуваат силно
1 август 2023Цените на недвижностите во светот во наредните 10 години ќе се зголемуваат силно, очекуваат економистите. Во глобални рамки се очекува просечен пораст од околу 9% годишно, покажува истражувањето на минхенскиот Ифо-институт и Институтот за швајцарска економска политика. Двата института го побарале мислењето на 1405 експерти од 133 земји.
Според резултатите од истражувањето, во Германија се очекува пораст на цените од 7,2%, во Австрија од 6,9%, а во Швајцарија од 4,8%. „Покажувањето на цените ќе биде предизвикано повеќе од фактори поврзани со побарувачката, отколку од понудата“, вели истражувачот на Ифо-институтот, Тимо Вохнер.
Причини за зголемување на цените
Зголемениот животен стандард, повисоките приходи, како и желбата за повеќе простор за живеење и растот на населението ја поттикнуваат побарувачката на пазарот на недвижности ширум светот, изјавиле 37 отсто од анкетираните експерти. Дополнително, улога има зголемената тенденција за работа од дома.
„За 27 проценти од експертите, одговорни за поскапувањето на недвижностите се факторите на понудата, како што се ограничените производствени капацитети, повисоките цени на градежните материјали и недостигот на градежно земјиште“, вели Вохнер. Дванаесет отсто од анкетираните ги гледаат монетарната политика на централните банки, инфлацијата и владината политика како двигатели на очекуваните зголемувања на цените.
Регионални разлики
Додека растот на цените во Западна Европа (6,4%) и Северна Америка (7,7%) се очекува да остане под глобалниот просек, во Јужна и Источна Европа се очекуваат значително повисоки стапки на раст од 18,4 проценти и 14,9 проценти. Цените на недвижностите би можеле особено многу да пораснат во Јужна и Западна Азија (25,1%, односно 22,4%) и во Централна Америка (24,4 отсто).
Притоа, во истражувањето се наведени вредности со очекуваната стапка на инфлкација. „Реалните стапки на раст ќе бидат пониски“, нагласува истражувачот на Ифо-институтот, Филип Хајл.
Во Германија цените на куќите во последните десет години веќе пораснаа за повеќе од 81 отсто. „Овој тренд веројатно ќе продолжи“, вели Хајл. Во Австрија поскапувањето во последната деценија беше дури 95%, а во Швајцарија 44%.