Меѓународна истрага за педофилија откри осомничен во Битола
3 април 2026
Меѓународна истрага за онлајн педофилија откри случај и во Македонија,откако по дојава од Австралија бил идентификуван осомничен во Битола кај кого биле пронајдени материјали со детска порнографија.
Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство Битола, извршило претреси на седум локации, при што е отворена истражна постапка против едно лице.
Претреси на седум локации по дојава од Австралија
Според информациите од обвинителството, станува збор за 31-годишен маж, вработен во образовна институција, кој е осомничен за производство и дистрибуција на материјали со детска порнографија, согласно член 193-а став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
До Основниот суд во Битола е доставен предлог за определување мерка притвор, додека истрагата е во тек.
Осомничен 31-годишник вработен во образовна институција
Осомничениот, во периодот од април 2024 до 1 април 2026 година, на компјутерска опрема што ја користел во домот, набавувал и поседувал материјали со детска порнографија, информираат надлежните.
Од Јавното обвинителство наведуваат дека постапката е резултат на предистражни дејствија спроведени во координација меѓу СВР Битола и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.
Истрагата започнала откако австралиската федерална полиција спровела меѓународна операција за откривање веб-страници поврзани со дистрибуција на содржини со злоупотреба на деца.Во рамки на акцијата биле идентификувани корисници што се обиделе да пристапат до вакви страници, вклучувајќи ИП адреси од Македонија.
По добиеното известување, македонските истражни органи започнале проверки, а претреси се извршени и во Скопје и во други градови, со цел обезбедување дополнителни докази и целосно расветлување на случајот.