1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од гаража до визба за производство на сѐ од грозје

03:26

This browser does not support the video element.

Ана Арсеновска-Зафирова
23 септември 2023

Младиот инженер по винарство и лозарство Мирон Тасевски прави вино по своја мерка. Произведува малку, но затоа квалитетно. Наградите му даваат потврда дека е на вистинскиот пат.

Мирон Тасевски го живее својот сон како енолог. По работното искуството во две големи домашни винарии, гаражата на дедо му во Ченто, ја пренаменува во мала домашна визба.

„Во една мала винарија е многу поедноставно и попрецизно може да се направат високо квалитетни производи како вино или ракија и полесно се внимава на квалитетот бидејќи има помали количини. Мојата цел е да правам што поквалитетни и што поприродни вина“, вели Мирон.

Артизантскиот начин на правење на вино го поттикнува да ја искористи мерката „Млад земјоделец“ и на тој начин си дава шанса за производство на вино по своја мерка:

„Опремата за винарство не е евтина. Сите овие иноксни цистерни и машини чинат многу пари и, за моја среќа, успеав да аплицирам на еден грант што го даваше Министерството за земјоделие и тој грант ми беше одобрен и со парите кои ги добив успеав да ја купам целата опрема за винаријата. Тоа е доста добра страна и може кој било да го искористи во Македонија.“

Како дипломиран инженер по винарство и лозарство тој произведува сѐ од грозје - вино, ракија, маџун и сок. Во потрагата по знаење и искуство стигнал и до Нов Зеланд, во винаријата „ВинЛинк“:

„Се одлучив да одам во Нов Зеланд затоа што е на јужната хемисфера и кај нив сезоната за бербата на грозје е во февруари и март, што е спротивно од кај нас, која е во септември и октомври, и на тој начин можев да искористам две берби во текот на една година. Јас работев во една голема винарија која произведува само Сувињон бланк и научив доста за процесите на правење на бело вино и за организациониот процес во производството на вино.“

Пристапот на Мирон овозможува производство на мали количества вино, но доволни за награди на натпреварот „Винотек“ во Кавадарци, бронза за Вранец 2019 и сребро за „Каберне Сувињон 2021“.

„Македонија е позната по тоа што имаме многу насади на грозје и разни сорти на грозје. Има потенцијал да се прават разни стилови на вина - од црвени до бели, пенливи, розе вина, оринџ. Има услови за што било да се посака, да замисли може да го направи кај нас“, уверен е Мирон, кој вели дека „има потенцијал, има иднина и за други млади луѓе да почнат да се занимаваат со правење на вино“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми