1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од каде Германија ќе обезбеди пари за Украина?

АРД
20 август 2024

Со оглед на празната државна каса, канцеларот Шолц ги суспендираше новите трошоци за помош на Украина од буџетот. Но, постои уште еден извор кој секако може да биде наменет за Киев: руските пари „замрзнати“ на Запад.

Украина
Од каде Германија ги обезбедува парите за Украина?Фотографија: Iryna Rybakova/AP/dpa/picture alliance

Германија е еден од најважните сојузници на Украина, но германските арсенали се сѐ попразни, а државната каса е празна. Сè уште има жесток спор околу тоа како воопшто да се направи пресметка за следната година, бидејќи ако се соберат сите желби на министерствата, недостигаат добри 12 милијарди евра.

Од друга страна, само за оваа година е планирана помош за Украина во износ од околу 8 милијарди евра, а веќе во јули беше јасно дека овие пари „главно се веќе потрошени и врзани“, изјави германскиот министер за одбрана, Борис Писториус на средбата на самитот на НАТО. Значи сѐ што е одобрено во однос на воена опрема, муниција и помош за населението на Украина, Германија ќе го испорача.

Војна - трошоците, не само за човечки жртви и претрпена штета, туку и за секој куршум и секоја граната треба да се платат. Германија неспорно помага, но и нејзината каса не е бескрајно длабока,Фотографија: Hannah Beier/Getty Images

Она што е одобрено доаѓа, но...

Но, како што е напишано во пораката на министерот за финансии, Кристијан Линднер до министерот за одбрана и министерката за надворешни работи, Аналена Бербок, канцеларот Олаф Шолц лично одлучил дека новата помош нема да биде одобрена - додека не биде јасно што ќе се случи со германскиот државен буџет. Значи, ако на Киев му треба нешто друго, може само да се надева дека некоја друга земја ќе помогне.

Сепак, во одговорот на германското Министерство за финансии до АРД, се нагласува дека се можни исклучоци, но „овие дополнителни потреби мора посебно да се пријават и да се оправдаат за да се почитуваат сите правила на германскиот државен буџет и да се може да побара одобрение од германскиот парламент по оваа основа.“, пишува од министерството на Линднер. А, Министерството за финансии додава дека Берлин „уште не добил конкретно известување за потребата од дополнителна помош, така што тоа прашање не може да се испита, ниту за него може да се одлучи“.

Меѓу министерствата и коалициските партнери и онака има огромна тензија околу предлог-буџетот, бидејќи нема доволно пари за сите желбиФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Како што нагласува политичарот на германските социјалдемократи, Денис Род, Германија „сè уште е најголемиот помагач на Украина во Европа, исто како и кога станува збор за воената помош. Тоа е она што го сакаме и тоа е она што ќе го задржиме“. Затоа што во буџетот за следната година се планирани 4 милијарди евра за помош на Киев и таму веројатно ништо важно нема да се промени.

Путин нека ѝ помогне на Украина 

Но, постои уште еден извор на пари: парите на руската централна банка замрзнати на Запад како дел од санкциите поради агресијата врз Украина. Германија ниту може ниту сака да одлучува за намената на тие руски пари, но канцеларот Шолц веќе се договорил со другите шефови на држави или влади дека барем дел од каматата заработена со тие замрзнати средства може да се искористи како помош за Украина. Врз основа на ова, на Киев би можел да му се додели кредит од дури 50 милијарди долари „за да може Украина да го стекне тоа што ѝ е потребно за одбраната, но и да го отвори прашањето за хуманитарен развој и да ја обнови инфраструктурата што е уништена. Сето ова е апсолутно неопходно“.

Поради својата ликвидност, руската централна банка депонираше сериозни средства во западните банки, а барем каматата на тие пари лесно може да биде наменета за жртвата на нападотФотографија: Karl-Josef Hildenbrand/dpa/picture alliance

Германскиот канцелар е убеден дека ваков заем ќе може да се организира и одобри најдоцна до крајот на оваа година. Никој не сака ни да размислува за алтернативата - а особено ако повторно дојде до прекин на американската помош . Но, амбасадорот на Украина во Германија, Олексеј Макеев, не се сомнева дека Германија е цврст поддржувач на помошта на Украина и така ќе остане: „Можете да прашате кој било жител на Украина и во Киев: секој високо ја цени германската поддршка. Многу се надевам и сум убеден дека така и ќе остане“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми