Конгресменката Грин поднесе оставка по раздорот со Трамп
22 ноември 2025
Републиканската конгресменка на САД, Марџори Тејлор Грин најави оставка од своето пратеничко место во Претставничкиот дом во Конгресот. Како што наведе, тоа е последица на нејзиниот раскол со американскиот претседател Доналд Трамп. Грин го објави ова на социјалната мрежа X. Нејзиниот последен работен ден ќе биде 5 јануари 2026 година.
Грин долго време важеше за жесток поддржувач на Трамп. Меѓутоа, меѓу нив дојде до несогласување, меѓу другото, и околу односот на Трамп кон случајот на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. Пред една недела, Трамп ѝ ја ускрати поддршката и ја нарече „луда“.
„Кога се залагам за Американките кои беа силувани на 14 години, киднапирани и злоставувани од богати, моќни мажи, не треба да ме нарекуваат предавник и да ми се заканува претседателот на САД за кого се борев“, наведе Марџори Тејлор Грин во нејзината изјава.
Грин годинава беше и првата републиканска конгресменка која ја осуди војната во Газа како геноцид, став што е во судир со позицијата на Трамп и на раководството на партијата.
„Лојалноста мора да биде двонасочна улица“
Во нејзиното видео на X, таа ја нагласи нејзината долгогодишна лојалност кон Трамп - освен за неколку ретки прашања - и рече дека е „неправедно и погрешно“ што тој ја нападнал затоа што има поинакво мислење. „Лојалноста мора да биде двонасочна улица.“
Американскиот претседател Трамп, веднаш по изјавата на Грин, во интервју за Еј-Би-Си Њуз ја нарече нејзината оставка „одлична вест за земјата“.
Од друга страна Трамп неделава попушти под притисокот, меѓу другото и од страна на Грин и потпиша законот за објавување на судските акти во случајот Епстин.
Грин брзо се здоби со национална препознатливост откако влезе во парламентот во 2021 година како една од водечките тврдокорни на десното крило на нејзината партија. Со години, таа се залага за ултра-конзервативни позиции - на пример, за правата на абортус, правата за оружје и политиката за имиграција. Конгресменката од јужната држава Џорџија често даваше изјави кои го величеа насилството и беа расистички, а повеќепати е забележана и по теориите на заговор.