1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалХоландија

Од Милошевиќ до Путин: 30 години Хашки трибунал

25 мај 2023

Рускиот претседател е баран од страна на Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Темелите на судот беа поставени со основањето на посебните трибунали за воени злосторства за поранешна Југославија и за Руанда.

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан (во средината), во Буча, Украина
Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан (во средината), во Буча, УкраинаФотографија: Fadel Senna/AFP/Getty Images

Одеднаш се појави: Ратко Младиќ пред судот во Хаг летото 2011 година по повеќе од деценија во бегство. Поранешниот генерал на војската на Република Српска подоцна беше прогласен за виновен за опсадата на Сараево и за геноцидот во Сребреница во кој беа убиени повеќе од 8 илјади босански момчиња и мажи во јули 1995 година.

Трибуналот беше основан пред 30 години со Резолуцијата на ООН 827 од 25 мај 1993 година. Последниот кривичен процес се заврши во 2017 година. Осудени беа 84 од 161 обвинет, вклучително и Младиќ.

Од малиот двор на кривичниот суд го делеше само заштитно стакло. Секое негово движење го следеа членовите на Здружението „Мајки од Сребреница“, чии сопрузи и синови беа убиени од страна на војниците на Младиќ.

Тие и други роднини на жртвите секогаш доаѓаа во Хаг за судењата на Младиќ или на поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, или на поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ кому му се судеше од 2002 година до неговата смрт во 2006 година.

Воениот злосторник Ратко Младиќ: поранешниот генерал на босанските Срби беше осуден на доживотен затвор во 2021 годинаФотографија: Elvis Barukcic/AFP/Getty Images

Жртви и злосторници во судница

Средбите на жртвите во просториите за посетители или како сведоци во судница со наводните сторители, се најдоа во средиштето на правното процесуирање на злосторствата извршени во времето на распадот на Југославија од 1991 до 1995 година. „Беше позитивно изненадување колку луѓе на пример во случајот на сексуални деликти, и жени и мажи, беа подготвени да дадат прецизна изјава во далечниот Ден Хаг”, вели германскиот адвокат Волфганг Шомбург за ДВ. “И веројатно за оние кои можеа да сведочат беше олеснување што во тој момент можеа пред судот да му погледнат во очи на осомничениот сторител”, вели тој.

Тоа се однесува и на Меѓународниот кривичен суд за Руанда, кој беше основан една година подоцна и каде беа осудени 62 сторители на Хуту геноцидот над Тутсите. Меѓу пролетта и летото 1994 година во Руанда се убиени до еден милион лица.

Основа за Меѓународниот кривичен суд

Волфганг Шомбург е првиот германски судија на Трибуналот. Тој исто така судеше и за Руанда. Во разговор за ДВ ја нагласува важноста на двата ад хок судови од пред три децении за основање на Меѓународниот кривичен суд чие седиште е исто така во Хаг. Тој суд неодамна издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин заради сомнежи за незаконско киднапирање на украински деца. 

Волфганг Шомбург во Хаг во 2001 година (втор од лево) покрај долгогодишната главна обвинителка Карла дел ПонтеФотографија: picture-alliance/ dpa

„Сѐ што прави судот не би било можно без прелиминарната работа на двата претходни суда”, вели Шомбург. „Двата ад хок суда покажаа дека со политичка волја може да се бара одговорност од најодговорните, вклучително и претседатели и челници на држави или региони”, додава Шомбург.

„Путин меѓународно баран воен злосторник”

Тоа се однесува и на рускиот претседател Владимир Путин, вели Шомбург. „Се чини дека доказите кои се однесуваат на киднапирањето деца се добри”, но тој додава и дека гледа „бројни докази базирани на јавните изјави со кои сите сме запознаени, околу тоа дали одговорните во Русија може да одговараат за геноцид, односно за уништувањето на Украина како злостор против човечноста”.

Шомбург вели дека „руската воена агресија против Украина се однесува на уништување на политичките или етничките групи и уништување на цел народ или цела нација” и смета дека тоа е од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година.

Шомбург верува дека налогот за апсење кој го издал главниот обвинител Карим Кан, веќе покажува ефект. „Тој веќе и со тоа има дејство што Путин едвај и да ја напушта државата и се појавува само виртуелно, а тука се и многуте изјави од Москва дека налогот за апсење не значи ништо и дека сега дури се размислува за налог за апсење на Кан и на судиите кои го издале налогот”, вели тој. Шомбург додава дека „врз основа на налогот за апсење од независни судии на глобалната заедница секој може да каже дека господинот Путин е меѓународно баран воен злосторник”.

Путин: видео конференција наместо авион - од издавањето на налогот за негово апсење, рускиот претседател речиси воопшто не патувалФотографија: Mikhail Klimentyev/AP/picture alliance

Украина: спор околу надлежноста

Во интервјуто за ДВ, Шомбург го поддржува Меѓународниот кривичен суд. Тоа се чини и потребно бидејќи политички е многу контроверзно дали овој кривичен суд треба да го преземе правното процесирање на руската војна против Украина. До денес ниту САД, ниту Русија, ја немаат потпишано Повелбата за основањето на судот.

Министерката за правда на Латвија, Инес Либина-Егнере е една од критичарите на судот. Таа бара основање посебен суд за Украина без учењтво на меѓународните адвокати во Хаг. „Сега сме дојдени до точката кога сите разбираат дека тоа ни е потребно”, рече Либина-Егнере за ДВ. „Повеќе од уверена сум дека ќе дојдеме до таков разултат”, вели таа.

Проблемот е што меѓународната поддршка за Судот е слаба, посебно кога се работи за најважното обвинение против руското водство кое се однесува на агресорската војна против Украина, која е спротивна намеѓународното право. Борис Мијатовиќ од германскиот Бундестаг вели дека „од 130 држави членки на Меѓународниот кривичен суд само неколкумина, околу 45, го ратификувале проширувањето на членот за казненото дело злосторство на агресија”. И тоа исто така и заради САД, со оглед на тоа дека Вашингтон од секогаш ја отфрлаше надлежноста на судот, затоа што инаку и во војната против Ирак во 2003 година ќе можеше да се дејствува во Хаг. Мијатовиќ се залага за промена на т.н. Римски статут кој ја регулира работата на Судот. „Би требало повторно да го прилагодиме меѓународното кривично право така што ќе биде доволно нападнатата држава да е членка на Римскиот статут, а не и напаѓачот”, посочува тој.

Пратеникот на германските Зелени, Борис Мијатовиќ се залага за поголеми надлежности на Меѓународниот кривичен суд - 30 години од формирањето на Трибуналот за ЈугославијаФотографија: Jean MW/Geisler-Fotopress/picture alliance

Раководството од Москва пред суд

Германскиот експерт за меѓународно право, Волфганг Шомбург, смета дека со расправите околу украински суд се „ставаат пречки на патот на Меѓународниот кривичен суд”. Но, Шомбург е уверен во надлежноста на овој суд меѓу другото и заради тоа што земјите од глобалниот југ од кои многу го поддржуваат Трибуналот, не сакаат да финансираат посебен суд. Тој верува оти Путин или рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, еден ден ќе се најдат во Хаг. „Тоа ќе се случи исто како и со другите чекници кои ги изведовме пред лицето на правдата”, вели Шомбург и додава оти „тие ќе завршат на суд”. "

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми