Од неисчистени корита - кон вода до гуша
16 февруари 2026
Кога се случи големата поплава со човечки жртви во Скопско во август 2016 година, главната порака беше дека ќе биде извлечена голема поука, бидејќи, покрај обилните дождови, за водената стихија придонесоа и неисчистени корита и одводни канали, бесправна сеча на шумите и други фактори.
Други поплави потоа, за среќа од помали димензии и без човечки жртви, покажаа дека лекцијата и натаму не е научена. Десет години подоцна, цената на системските пропусти повторно се плаќа со поплавени домови, оштетена инфраструктура и нови свлечишта.
Во период од еден месец оваа мака два пати ја почувствуваа жителите на Кичево, каде вчера беа евакуирани околу 230 граѓани чии домови останаа под вода. Интензивните дождови наплатија данок и во Сарај, каде беа поплавени 30 домаќинства, не помалку и во Гостиварско - во населбите Циглана и Бањечница, во селата Форино, Беловиште, Балин Дол... Поплавено е и земјоделско земјиште во Липковско, а се појави и ново свлечиште на патниот правец Тетово - село Ѓермо.
Ова е само првичниот биланс од интензивните дождови и излевањето на реките Зајаска и Сушичка, кои ги мобилизираа локалните самоуправи, бројни екипи и механизација за санирање на состојбите на најкритичните точки, но помош и од други општини.
Веќе видено
Минатата ноќ беше најтешка за жители на Кичево. На дел од нив, кои до завчера ги расчистуваа последиците од јануарската поплава, трудот повторно „им падна во вода“. Дел од нив, околу стотина жители од улицата „Прилепска“, во јануари веќе беа привремено сместени во спортската сала „Христо Узунов“, откако водената стихија ги презема нивните домови. Овој објект во населбата Иванидол, наменет за спортски активности, концерти и како локација за гласачки места за време на избори, вчера по втор пат ги отвори вратите за евакуираните жители, чии домови повторно останаа под вода. Тимови на волонтери од општинска организација Црвен крст во Кичево беа постојано на терен, со активности во координација со надлежните институции.
„Досега се евакуирани околу 230 лица кои се привремено сместени во спортската сала Христо Узунов. Се обезбедуваат душеци, кревети, ќебиња, храна и топли оброци, вода за пиење и средства за одржување на хигиена“, информираа оттаму.
Но, жителите се прашуваат „во што“ ќе се вратат кога водата ќе се повлече.
„Се е уништено, таму не може да се живее. Минатиот пат се сместивме кај роднини, ама сега и нивната куќа е поплавена. Не знам што ќе правиме“, беспомошно крева раменици жителка на градот.
Отпад и наноси го блокираат одливот
Овојпат под вода се најдоа и делови од градот кои во претходни обилни дождови никогаш не биле поплавени. За димензиите на поплавата сведочат снимките од тимови, кои низ вода што им стигнува над појас, на раце транспортираат малолетни и немоќни лица.
Од Општина Кичево велат дека веднаш организирале координирана интервенција за справување со последиците, со ангажирани екипи и механизација кои на најкритичните точки. Се расчистувале одводи, наноси од кал и купишта отпад кои го блокираат одливот, пробивале канали и пропусти, се испумпувала вода и се обезбедувал пристап до загрозени домаќинства.
Во гумени чизми, на терен беше и градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски, заедно со екипите на ЈКП „Комуналец“ и Територијална противпожарна единица. Од фотографиите што ги објави Општината, видлив е и придонесот на граѓаните за севкупната состојба - купишта пластични шишиња, кои станаа редовен декор не само на тамошното, туку на многу речни корита во земјата.
Помош од Кавадарци
Жители на градот прстот го вперуваат во неисчистените речни корита и канали. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, кој е од Кичево, проблемот го лоцира во долгогодишната негрижа, неработа и отсуство на навремени превентивни мерки од страна на претходното раководство.
„За разлика од минатото, денес институциите покажаа одговорност и подготвеност. Актуелниот градоначалник, д-р Александар Јовановски заедно со екипите на комуналната и противпожарната служба, како и со поддршка од општествено одговорни компании, веднаш излегоа на терен и активно се вклучија во санирање на последиците. Со координирана и пожртвувана работа, во исклучително краток рок беше спречено понатамошно ширење на штетите и започна расчистувањето на погодените подрачја“, објави тој на неговиот профил на Фејсбук.
Помош за Кичево брзо стигна од Кавадарци. Градоначалникот Митко Јанчев, соопшти дека во Кичево испратиле две противпожарни возила со шест пожарникари, шест пумпи и дополнителна опрема неопходна за испумпување на водата и санирање на последиците од поплавите.
„Солидарноста е нашата најголема сила – кога е најтешко, заедно сме на терен“, објави Јанчев.
Излевање на каналите
Службите од Општина Гостивар, каде се појавија локализирани поплави во неколку населени места, исто така беа на терен.
„Состојбата е предизвикана главно од излевање на каналите (јазовите) кои се под надлежност на Дирекцијата за водостопанство, а кои не се во надлежност на Општина Гостивар“, посочуваат од Општината.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, вчера присуствуваше на состанокот на Кризниот штаб во Општина Сарај, каде од поплави беа погодени над 30 домаќинства.
„Беа дефинирани конкретни чекори за целосна санација на штетите, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за намалување на ризиците од слични појави во иднина“, објави ЦУК.
Во моментов главна препорака е - внимателно движење покрај реките. Надлежните будно го следат водостојот на реките, оние од поплавените подрачја се надеваат дека дождовите ќе запрат.