1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Одра се извлечени сто тони мртва риба

ЕМФ | агенции
18 август 2022

По еколошката катастрофа на реката Одра, на полската страна од реката досега се извлечени сто тони мртва риба. По причините за поморот сѐ уште се трага.

Од водата на полска страна на реката Одра досега се извлечени сто тони риба
Од водата на полска страна на реката Одра досега се извлечени сто тони риба Фотографија: Annegret Hilse/REUTERS

„Никогаш досега не сме имале интервенција со ваква големина во некоја река“, изјави во вторникот (16.08) портпаролката на противпожарните единици во Полска, Моника Новаковска-Дринда. Таа наведе дека од петокот досега на полската страна на реката Одра од водата се извлечени сто тони мртва риба. Во чистењето на Одра на полската страна се вклучени повеќе од 500 пожарникари.

Мртви риби од водата се извлекуваат и на германската страна на Одра. Експертите забрзано трагаат по причините за масовниот помор на рибите, но досега без успех.

Министерството за заштита на животната средина во Варшава наведе дека и натаму не се откриени отрови во реката Одра кои би можеле да бидат причина за масовниот помор на рибите. Министерката Ана Москва изјави: „Во ниедна од досега земените проби не се пронајдени отровни супстанции.“ Владата на Полска се обидува да открие и дали можеби за масовниот помор има природни причини, пред сѐ можни повисоки концентрации на отровни материи и сол кои се резултат на паднатото ниво на водата во реката и високите температури. Трета теза за можната причина за поморот е во реката да е влеана индустриска отпадна вода со висока концентрација на хлор.

Угинати риби на површината на Одра во близина на Костшин, ПолскаФотографија: Cezary Aszkielowicz/Agencja Wyborcza.pl/REUTERS

Во Полска, мртви риби за првпат беа регистрирани на 28 јули, во регионот околу полскиот град Вроцлав. Првите угинати риби на германска територија пристигнаа пред една недела - без да бидат дадени претходни предупредувања од полска страна. Во меѓувреме, и во германскиот дел на Одра се пронајдени безброј мртви риби. Бранот со мртви риби се движи во правец на вливот на Одра во Балтичкото Море.

Граѓаните во Германија се повикани да не доаѓаат во допир со водата во Одра. Какви се долгорочните последици за рибите, другите животни и растенијата во регионот на Одра, сѐ уште не може да се предвиди.

И сојузната влада и покраината Бранденбург изразија незадоволство од недостигот на информации од Полска. Премиерот на Бранденбург, Дитмар Војдке, по посетата на Лебус на Одра, оцени дека се недоволни информациите кои од полска страна доаѓаат „капка по капка“ или „никако“.

Предупредување до граѓаните да не доаѓаат во допир со водата во Одра (Лебус на Одра, 15.08.2022)Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Германскиот сојуз на риболовци и Германскиот риболовен сојуз, пак, ги критикуваат германските власти. „Однадвор погледнато, активностите на германските власти не делуваат како суверено управување со кризи“, се вели во заедничката изјава на двата сојуза.

- повеќе: Ексклузивно: Систематско загадување на светските мориња

Претседателот на германско-полската пратеничка група во Бундестагот, Паул Цимијак, повика на „целосно разјаснување“ на случајот. Наместо вината да се префрла од еден на друг, потребно е решавање на „овој опасен еколошки проблем“, изјави Цимијак за медиумската групација „Функе“.

Пливање низ отпад

01:42

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми