1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од посредувач до гледач: Проблемот на Европа со Иран

Теса Клара Валтер
16 март 2026

Во 2015 година Европа уште можеше да помогне во постигнувањето на Виенскиот договор за иранската нуклеарна програма. Но, во актуелниот конфликт со Иран, ЕУ веќе не игра никаква значајна улога.

Симболична слика | Знамиња на ЕУ и Иран на испукан бетонски ѕид
Какво влијание има Европа врз конфликтот со Иран?Фотографија: Wirestock/Pond5 Images/IMAGO

Дебатата во Европскиот парламент минатата недела јасно покажа дека во врска со Иран на Европа ѝ е тешко да ја преточи загриженоста во влијание.

Пратениците се расправаа за тоа како ЕУ треба да реагира на воздушните напади од САД и Израел врз Иран и притоа покажаа колку длабоко е поделена Унијата и нејзините институции по ова прашање. Во Стразбур се прикажа една Европа длабоко погодена од кризата, која сепак не е во состојба да влијае врз неа како што би сакала.

„ЕУ моментално не игра апсолутно никаква значајна улога“, вели Џулијан Барнс-Дејси, директор на програмата МЕНА во Европскиот совет за надворешни односи и додава дека „Европејците се ирелевантни.“

Некогашен посредник

ЕУ порано се сметаше за важен играч во Иран.  Од 2006 година, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика ги координираше разговорите меѓу Вашингтон и Техеран. Таквиот процес во 2015 година доведе до потпишување на Заедничкиот план за дејствување, Виенскиот договор за иранската нуклеарна програма, кој предвидуваше ограничување на нуклеарната програма на Иран во замена за олеснување на санкциите. Дури и по потпишувањето на договорот, ЕУ остана негов најважен координатор и застапник.

Сега само публика

Оттогаш се сменети многу нешта. Под водство на американскиот претседател Доналд Трамп, Вашингтон се повлече од договорот во 2018 година и нанесе тежок удар на дипломатската рамка за која ЕУ се имаше толку многу вложено.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, се залага за унифициран европски пристап кон конфликтот во ИранФотографија: Dursun Aydemir/Anadolu/picture alliance

Но, губењето на влијание не се должи само на Трамп, тврди Барнс-Дејси. Според него, ЕУ со години го занемарувала Блискиот Исток. Истовремено, Европејците станувале сè помалку важни како клучни играчи и за Вашингтон и за Техеран.

„Ниту САД ниту Иран не ја перцепираа Европа како сериозен и кредибилен дипломатски посредник“, вели тој за ДВ.

Манели Мирхан, аналитичарка родена во Техеран, која сега живее во Париз, исто така смета дека Европа предолго била пренаивна и изгубила на значење. Унијата се фокусирала на дипломатија и санкции и не успеала да го спречи Иран да ги прошири своите воени, нуклеарни и технолошки капацитети, вели аналитичарката за ДВ.

Поделени ставови меѓу земјите од ЕУ

Мирхан и Барнс-Дејси се согласуваат во едно - имено дека внатрешните поделби на Европа, нејзиниот веќе познат проблем, само ги влошуваат работите.

Заедничка надворешна политика сè уште во голема мера зависи од тоа дали земјите-членки ќе постигнат консензус, но таков е тешко да се постигне во брзорастечка безбедносна криза.

Шпанија се одлучи за особено тврда линија, осудувајќи ги воздушните напади како кршење на меѓународното право.

Канцеларот Фридрих Мерц, пак, првично се чинеше дека ја поддржува целта на САД и Израел за промена на режимот, но потоа ретерираше. Германија и Франција, како и Обединетото Кралство, кое не е членка на ЕУ од 2020 година, сега повикуваат на поголема претпазливост. Нивните апели за воздржаност ги поврзуваат со критики кон Иран.

Пораките од Брисел се исто така мешани. Каја Калас, највисокиот дипломат на ЕУ, се стреми кон деескалација, додека претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, зборува за „кредибилна транзиција“ и „нова надеж“ за Иранците.

Загриженост за трансатлантските односи

Последиците од таквото неединство дополнително ги влошува стратешката слабост на Унијата, вели Барнс-Дејси, кој посочува дека Европа ја концентрирала својата геополитичка енергија во Украина. Од страв дека може да бидат оптоварени трговските односи и соработката меѓу САД и ЕУ во контекст на руската војна против Украина, Унијата се двоуми отворено да му се спротивстави на Трамп по прашањето за Иран.

„Стратешки, Европејците продолжуваат да се фокусираат првенствено на заштитата на трансатлантските односи затоа што сакаат да бидат сигурни дека Американците ќе останат на нивна страна“, вели Барнс-Дејси.

Тоа е парадоксален компромис. Во однос на Украина, ЕУ останува неопходен играч, координирајќи санкции, помош и воена поддршка. Во однос на Иран, пак, ЕУ има споредна улога. Барнс-Дејси тоа го припишува на географските околности и на приоритетите. Додека Украина претставува егзистенцијален безбедносен проблем во непосредно соседство на Европа, Блискиот Исток, и покрај очигледниот ризик од проширување на конфликтот, падна пониско на листата на приоритети. Тоа открива и една непријатна вистина - дека на Европа сè уште ѝ паѓа тешко стратешки да ја користи својата економска тежина.

Цените на горивото во Македонија и Европа

01:11

This browser does not support the video element.

Маргинализирани

Фактот дека ЕУ се наоѓа во улога на гледач не значи дека останува недопрена од конфликтот. Европа би можела да плати висока цена ако Иран од судирите излезе значително ослабен, но политички интактен, предупредува Мирхан. Долготраен конфликт би можел дополнително да ги зголеми цените на енергијата, да го дестабилизира регионот и да го зголеми миграцискиот притисок врз Европа. „Ако не успееме да создадеме услови за релативно стабилна транзиција, ризиците за Европејците се многу, многу големи“, вели аналитичарката.

Идна улога

Мирхан и Барнс-Дејси во нивната анализа се разликуваат најјасно токму по ова прашање. Барнс-Дејси има сериозни сомнежи дека Европа може да поврати какво било суштинско влијание без фундаментална промена во политичката волја. Мирхан е пооптимистична од него. Иако Европа веќе нема никакво реално влијание врз воената фаза на кризата, таа сепак би можела да игра важна улога ако падне исламскиот режим, со тоа што ќе ги поддржува опозиционерите, ќе го олеснува дијалогот меѓу нив и ќе ја обликува демократската рамка за потенцијална транзиција. Европа, тврди Мирхан, треба да се движи „од декларативни и симболични акции“ кон тоа да стане „движечка сила“.

За Барнс-Дејси, пак, работата е јасна. Ако ситуацијата се сфати како тест за тоа дали ЕУ е значаен геополитички чинител, тогаш „Европа потфрли“. Иранската криза уште еднаш го покажува јазот меѓу геополитичките амбиции на Унијата и нејзиниот капацитет за дејствување. Во однос на Украина, ЕУ покажа дека сè уште може да игра улога ако зборува едногласно. Но, во однос на Иран, треба да докаже дека може да биде повеќе од само обичен набљудувач.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми