1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

„Од реката до морето” - спорен про-палестински слоган

Томас Лачан
20 ноември 2023

„Од реката до морето“ постојано се слуша на пропалестински демонстрации. За едни е јасно антисемитски, за други повик за исти права. Во Германија сега веќе е забранет.

Пропалестинска демонстрација во Лондон, Велика Британија
Пропалестинска демонстрација во Лондон, Велика БританијаФотографија: Vuk Valcic/ZUMA Press Wire/dpa/picture alliance

Реката Јордан бавно тече од крајниот североисточен дел на Израел, поминува низ Галилејско Море и се влева во Мртво Море. Најголемиот дел од околу 250 километри долгото речно корито, ја претставува границата меѓу Израел и Западниот Брег на една страна и Јордан на другата.
Речиси исто толку долг е брегот од Средоземно Море во Израел и Појасот Газа на запад. Копнениот појас меѓу реката на исток и морето на запад е широк едвај 60 километри.
Географски е сосем јасно што опфаќа слоганот „Од реката до морето”: Израел, Западниот Брег и Појасот Газа. Политичката порака која произлегува од слоганот, пак, е многу спорна.  Во Германија на почетокот на месецов беше забранета  од Министерството за внатрешни работи.

Пароли на демонстрации и маички

По терористичкиот напад  на милитантно исламистичкиот Хамас, при кој на 7 октомври, според израелски податоци, беа убиени најмалку 1200 лица и околу 240 беа земени како заложници, и последователната израелска офанзива во Газа со повеќе илјади убиени Палестинци, ширум светот имаше безброј демонстрации во поддршка на двете страни. Демонстрациите делумно беа предмет на критика дека се шират исламистичка и антисемитска пропаганда.
На многу пропалестински демонстрации, меѓу другото, се скандира паролата  „Од реката до морето - Палестина ќе биде слободна”.  И кратенката „Од реката до морето” се слуша постојано, се врти на социјалните медиуми и веќе се појавува како принт на свеќи, маички и знамиња кои се продаваат онлајн.

Притоа станува збор за слоган кој дава нов елан на пропалестински и произраелски активисти, иако постои со децении. Многу пропалестински активисти велат дека е повик за слобода и еднаквост по повеќедецениска, израелска окупација врз милиони Палестинци. Други пак во слоганот препознаваат јасно барање за уништување на Израел.

Паролата „Од реката до морето” се слуша постојано на пропалестински протестиФотографија: Elizabeth Frantz/REUTERS

Користен многукратно и со децении

За првпат слоганот „Од реката до морето” беше употребен уште од Палестинската ослободителна организација (ПОО) во 1964 година. При нејзиното основање таа бараше основање на единствена држава која ќе се протега од Јордан до Средоземно Море. Планот за поделба на Палестина усвоен во 1947 година од страна на ООН, ПОО децидно го отфрли.

Од 6-дневната војна во 1967 година наваму слоганот сѐ повеќе го преземаа други палестински групации и го користеа и како повик за ослободување на Палестина од израелската окупација  - од мирните иницијативи за палестинска независност, но и зачестено од радикални организации како „Народниот фронт за ослободување на Палестина”, или во 1987 година формираниот Хамас.
Двете се категоризирани како терористички организации од страна на ЕУ, САД и други држави. Хамас најдоцна од 2012 година го „присвои” слоганот кога нејзиниот предводник Халед Машал по повод 25- годишнината во неговиот говор изјави: „Палестина ни припаѓа од реката до морето и од југот до северот".

Во 2017 година слоганот се најде и во преработената Повелба на терористичката организација во која се повикува и на насилно уништување на државата Израел. Во декември 2022 година Хамас го реобјави слоганот со географска карта на регионот на која е прикажана „Палестинска држава", но не и Израел.

Мировен или радикален?


Де факто паролата не дава одговор на прашањето што „слободна Палестина од реката до морето” значи за  правото на егзистенција на Израел.  Па така може да биде подеднакво употребуван и од мировни, и од радикални актери. Во 2021 година палестинско-американскиот научник Јузеф Мунајер аргументираше дека формулата „Од реката до морето” само го опишува просторот во кој на Палестинците од нивното протерување во 1948 година им се ускратени бројни права - во окупираните подрачја, но и во самиот Израел. Слоганот го претставува копнежот за држава во која „Палестинците во нивната татковина ќе живеат како слободни и рамноправни граѓани, со кои ниту владее друг ниту тие ќе доминираат врз други".

Нема „квадратен сантиметар во земјата меѓу реката и морето на кој Палестинците имаат слобода, правда и рамноправност”, твитна научникот од Арапскиот центар во Вашингтон уште на почеток на месецот „и никогаш не беше толку важно ова да се нагласи колку што е сега”.

Произраелска демонстрација во Вашингтон - многу Израелци сметаат дека слоганот „Од реката до морето“ е антисемитскиФотографија: Leah Millis/REUTERS

Дали слоганот е антисемитски?


На произраелската страна таквиот простор за интерпретација не се прифаќа. Тука слоганот во широки кругови се сфаќа како јасно антисемитски и антиционистички - и како едвај прикриен  повик за уништување на Израел. 

„Да немате дилеми дека Хамас ги поддржува ваквите скандирања ‘Од реката до морето’ затоа што Палестина меѓу реката и морето не остава ни сантиметар простор за Израел”, се вели во отворено писмо потпишано од 30 еврејски медиумски куќи ширум светот кое беше објавено минатата недела. „Секако дека нема ништо антисемитско во тоа да се залагаш Палестинците да добијат своја држава”, пишува и Американскиот еврејски комитет на својата веб-страница. „Но, антисемитски е да се бара отстранување на државата Израел,  да се фали Хамас или други организации,

да се бара уништување на Израел, да се фали тоа, или да се тврди дека Евреите немаат право на самоопределување”, се вели понатаму. Најдоцна откако пред сѐ радикалната палестинска организација ја презема паролата, нејзината употреба е неодржлива, гласат аргументите на противниците.

Ненси Фезер - Министерството за внатрешни работи во Германија ја забрани употребата на паролата „Од реката до морето”Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Укори и забрани во различни земји


Главна спорна точка значи останува дали слоганот го вклучува, или исклучува израелското население? Дали со него се бара само рамноправност за Палестинците или освојување и уништување на државата Израел?

И во Германија правосудството околу ова прашање долго време немаше единствен став и се сметаше дека паролата е покриена од слободата на говорот. Казниви се само изјави кои поттикнуваат насилство, но кај ваквиот слоган такво нешто не може со сигурност да се утврди.
Но, во меѓувреме ставот е променет и Министерството за внатрешни работи во Германија ја забрани употребата на паролата.

Во неа Министерството препознава поддршка на Хамас и повик за насилство против Евреите и државата Израел. Ако биде употребувана и покрај забраната, се закануваат парични казни заради „поттикнување омраза”, а во најлош случај дури и казна затвор до три години. Веќе има сојузни покраини кои постапуваат според ваквите одредби.

И во други држави веќе има големи контроверзи за употребата на паролата, па така во Австрија во октомври заради неа беше забранета една демонстрација. Во Велика Британија, Лабуристичката партија изрече преодна казна за пратеникот Енди Мекдоналд затоа што на еден собир го употреби слоганот. Во САД, Претставничкиот дом ја укори демократската пратеничка Рашида Тлаиб, единствената американска пратеничка со палестински корени. Таа го осуди нападот од Хамас, но потоа повеќекратно се изјасни и критички за постапувањето на Израел во Газа и притоа го употреби и спорниот слоган.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми