1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто не се уриваат 4.847 дивоградби во Охрид?

28 јануари 2026

Градоначалникот Кирил Пецаков вели дека општината постапувала согласно законот, но ниту една фирма не се јавувала на тендерите за уривање на дивоградбите

Превртено кајче и поглед кон Охрид 15.09.2022
Охрид во центарот на вниманието: дивоградби, пропусти и проверка од обвинителствотоФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Ревизорскиот извештај за Општина Охрид, кој детектира сериозни неправилности поврзани со дивоградби, неплатени комуналии, незаконско користење јавни површини и недонесени урбанистички планови, веќе е доставен до охридското обвинителство.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, за ДВ потврдува дека обвинителството ќе ги проверува сите наводи од извештајот.

„Ги чекаме со отворени раце“, вели градоначалникот, кој лани го освои вториот мандат.

Пецаков оценува дека ревизорскиот извештај за 2024 година е „најпозитивниот во историјата на Општина Охрид“. „Тоа го мислам во секоја смисла на зборот, особено во делот на материјалното и финансиското работење во изминатите четири години. Сите постапки, сите проекти и тендерски документации се проверливи. Како градоначалник сум горд, а времето, како и за секој извештај што се доставува до надлежните институции, ќе покаже дека општината постапувала согласно законот“, додава тој.

Констатирани слабости во ревизорскиот извештај

Државниот завод за ревизија (ДЗР) информираше дека:

  • Општина Охрид нема донесено урбанистички планови за 20 населени места.
  • Не се преземени мерки за отстранување на 4.847 дивоградби, иако од 2019 до 2024 биле издадени 456 правосилни акти.
  • Во заштитените подрачја, урбаната опрема е поставувана без дозволи и без платени комунални такси
  • Констатирани се неправилности и во постапката за експропријација на земјиште во КО Велгошти, каде како надомест било понудено државно земјиште со намена „хотелски комплекс“, со неусогласени проценки за вредноста.

Овие состојби, според ревизорите, укажуваат и на прекршувања поврзани со „Планот за заштита на културното наследство“, особено во подрачја како Националниот парк „Галичица“.

Пецаков – дивоградбите се системски проблем, потребни се законски измени

Пецаков признава дека дивоградбите се еден од најголемите предизвици за општината. „Во последниот период по двапати годишно распишувавме тендери за отстранување дивоградби, но неуспешно. Ниту една фирма не се пријавува. Сите дивоградби се внесени во регистарот, што е препорака на УНЕСКО, и по тоа е постапено“, вели Пецаков.

Тој истакнува дека проблемот не е само локален, туку системски: „Голем дел од општините имаат ист предизвик. Како ЗЕЛС сметаме дека процесот мора да биде координиран меѓу државата и локалните самоуправи“.

Дивоградбите и задирањето во старото градско јадро се главните забелешки на УНЕСКО.Фотографија: NGO Front21/42

Закон за управување со наследството во Охридскиот регион

Во декември 2025 година Министерството за култура на ЕНЕР го објави предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион. Во него се наведува дека наследството е под сериозна закана поради непланиран урбан развој, несоодветно управување со отпадни води и отпад, уништување природни ресурси, интензивна урбанизација и туристички притисок. 

Законот предвидува: координирано управување преку посебен субјект, спречување активности што ги загрозуваат вредностите на УНЕСКО, заштита на крајбрежјето, поддршка за одржлив развој, популаризација на наследството и високи казни (10.000–15.000 евра) за правни лица што постапуваат спротивно на плановите за управување. 

Според Пецаков, законските измени и високите казни се едни од решенијата, иако има и други системски решенија за коишто треба да се размислува во иднина. 

УНЕСКО ќе ја оценува ситуацијата – критичен рок 1 февруари

Слабостите се објавуваат во клучен период – до 1 февруари државата мора да го достави извештајот за напредокот до УНЕСКО. Од неговата содржина ќе зависи дали ќе се смета дека препораките се исполнети.

Пецаков најавува дека на 10 февруари висока државна делегација ќе има средба со директорот на УНЕСКО.

„Средбата е на највисоко ниво. Дури по неа ќе коментираме. Верувам дека имаме значајни позитивни резултати кои ќе бидат презентирани“, вели Пецаков.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми