1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од што се плашат најмногу Германците?

Зоран Арбутина
27 февруари 2024

Најнова анкета покажува: две третини од Германците најмногу се плашат од расцеп во општеството, а следува страв од политички екстремизам. Тука убедливо најголем е стравот од десен екстремизам.

Протест во Берлин против десните екстремисти Германија
Протест во Берлин против десните екстремисти, јануари 2024 Фотографија: Michael Kuenne/ZUMAPRESS/picture alliance

„Големо мнозинство од испитаниците, 66 проценти, стравуваат од зголемување на поделбите во општеството и дека тоа ќе доведе до судири“, вели раководителот на  студијата која ја спровело осигурителното претпријатие Р+В, Гриша Брауер-Рабинович. Тоа претставува значаен пораст од 16 проценти во однос на испитувањето спроведено во летото 2023 година, но и тогаш тоа стравување, со 50 проценти, било јасно изразено, посебно ако се има предвид дека германското општество е изразито консензуално, се избегнуваат поголеми конфликти и жестоки општествени дебати, преовладува склоност кон договор и општествена хармонија.

Другиот страв е уште појасно присутен: 59 проценти од Германците се плашат од политички екстремизам, зголемувањето е дури 21 процент во споредба со летоска. 72 проценти од анкетираните изјавиле дека најмногу се плашат од десен екстремизам, 61 процент – од исламистички и 29 проценти од лев екстремизам (во анкетата било можно заокружување повеќе одговори).

„Германскиот страв“

Во англиското говорно подрачје синтагмата „German Angst" е вообичаена кога се зборува за Германците. Со неа се означува колективна несигурност на целата нација, раширено стравување од многу нешта што би можел да ги донесе животот. Некогаш тоа е стравот од ризикот од нуклеарна енергија, некогаш од пандемија, економска криза, климатски промени или војна. За психолозите тоа не е големо изненадување: кој има многу – мир, благосостојба, уредена држава- се плаши дека може да го загуби тоа. За Германија меѓутоа е типично стално присутно стравување од „најлошо сценарио“, па граѓаните се спреми на осигурувања од сите евентуалности повеќе отколку на други места.

На мета на критики е десничарската партија АфДФотографија: Christophe Gateau/dpa/picture alliance

Оттаму не е необично што токму осигурителното претпријатие Р+В повеќе од 30 години спроведува многу ценети анкети на репрезентативен примерок на населението, кои се сметаат за важен индикатор за расположението на граѓаните. Последнава е спроведена онлајн во текот на февруари на 100 испитаници.

Страв од десен екстремизам

По правило, анкетите на Р+В се спроведуваат во лето. Но, откако во јануари истражувачкиот медиум Коректив извести за состанокот на десничарски екстремисти во Потсдам, на кој биле присутни и политичари од  партијата Алтернатива за Германија, АфД,  каде под еуфемистичкиот термин „ремиграција“ се расправало за можноста од иселување на граѓани со странсто потекло од Германија, вклучувајќи ги оние кои имаат германски пасош, ширум Германија се одржуваат   мирни демонстрации против десните екстремисти  на кои се собираат стотици илјади досега често „заспани“ граѓани. Во тој контекст, студијата „Стравовите на Германците“ спроведе вонредна анкета во февруари.

Вилата во Потсдам каде се одржала средба на која учествувале екстремни десничариФотографија: Jens Kalaene/dpa/picture alliance

„Веќе подолго време во Германија забележуваме одредено раздвојување во различни општествени табори, на пример по принципот лево – десно, сиромашни – богати или ирбано – рурално, а сега десничарските екстремисти разгоруваат страв од уште подлабоки расцепи со своите  напади врз демократијата“,  објаснува Изабел Боруцки, политиколог од Универзитетот Филипс во Магдебург и советник за студијата на Р+В.

„Истражувањето на Коректив и медиумското покривање на состанокот во Потсдам покажуваат дека има очигледни напори за  уништување на државата, демократијата и општеството во нивната сегашна форма“, објаснува Боруцки, додавајќи:  „Граѓанското општество го гледа десничарскиот екстремизам како конкретна закана“.

Разлики помеѓу исток и запад

Долгорочна споредба покажува дека стравот од политичкиот екстремизам од 1996 година бил само два пати поголем отколку сега: во 2016 година (68 проценти) и 2017 година (62 проценти). Во двата случаи, доминантни политички теми беа нападите на терористичката милиција Исламска држава и бранот бегалци во Европа. Во изминатите седум години, оваа тема одигра мала улога во студијата Р+В.

Минхенско „Море од светла“ против десничарскиот екстремизам

01:01

This browser does not support the video element.

Кога ќе се погледне регионалната распределба на резултатите, може да се видат некои сличности, но и некои разлики. „И на исток и на запад, огромното мнозинство луѓе се плашат од поделби во општеството и политички екстремизам“, вели раководителот на студијата, Брауер-Рабинович. Во Источна Германија, стравот од поделба во општеството е нешто поизразен отколку во западниот дел (исток: 69 проценти; запад 65). На запад, стравот од политички екстремизам е поголем отколку на исток (запад: 60 проценти; исток: 57 проценти).

Но, разликите во видот на екстремизмот се повидливи: на исток луѓето најмногу се плашат од исламистичкиот екстремизам (70 отсто), а потоа следи десничарскиот екстремизам (61 отсто). На Запад е точно спротивното: десничарскиот екстремизам (74 проценти) ги загрижува луѓето значително повеќе отколку исламистичкиот тероризам (59 проценти).

Повторно има сличност кога станува збор за опасноста од левичарски екстремизам: и на истокот и на западот на Германија граѓаните ја оценуваат како релативно ниска - исток: 27 отсто, на запад 29 отсто.

Владејачките партии стагнираат

Овој зголемен страв од социјална фрагментација и десничарски екстремизам се рефлектираат во последните анкети за популарноста на германските партии. Додека  АфД беше на 19,5 отсто  во анкетите на почетокот на јануари, тие во моментов се на 18 проценти, според истражувањето на Институтот за демоскопија Аленсбах (ИфД). Сепак, десничарските популисти остануваат втората најсилна политичка сила зад Христијанско-демократската унија (ЦДУ/ЦСУ) која има 32 отсто.

Сите три владејачки партии стојат зад АфД: Социјалдемократите со 15 проценти, Зелените со 14 проценти, Либералите со 6 проценти, при што само Зелените забележаа благо подобрување во споредба со претходниот месец – за половина процент.

Значаен успех во таа анкета забележа новата партија Сојуз Сара Вагенкнехт (БСВ) - оваа партија, која неодамна ја основа поранешна политичарка од партијата Левица, и која тврди дека не е ниту лева ниту десна, доколку има избори следната недела, ќе влезе во сојузниот парламент, Бундестагот со седум проценти од гласовите.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми