1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апсењето на Мадуро го разнишува светскиот поредок

БГ /АП
7 јануари 2026

Апсењето на Николас Мадуро од страна на САД предизвика глобални осуди и стравувања дека принципите на меѓународното право се распаѓаат, отворајќи пат за нови воени интервенции. Прашањето е: Кој е следен?

Специјалци го водат грабнатиот Николас Мадуро пред суд во Њујорк, САД. 05.01.26
Дали апсењето на Николас Мадуро ќе го разниша светскиот поредок?Фотографија: Eduardo Munoz/REUTERS

По двете катастрофални светски војни, државите се обединија за да изградат систем на правила и закони со цел да спречат нови конфликти. Но денес, тој поредок е сериозно разнишан.

Апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро од страна на САД предизвика глобални осуди и стравувања дека принципот „силата е право“ повторно се враќа на светската сцена.

Во понеделник, во близина на седиштето на ОН во Њујорк, каде Мадуро беше изведен пред суд по неговото соборување, заменик-генералниот секретар Розмари ДиКарло предупреди дека „мирот и безбедноста зависат од почитување на Повелбата на ОН“.

Администрацијата на Доналд Трамп тврди дека апсењето било легално и го оправдува како „хируршка операција за спроведување на законот“. Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес се обвинети за учество во нарко-терористички заговор.

Овој потег е дел од стратегијата на Трамп за враќање на „американската превласт во Западната хемисфера“, наведена во Националната стратегија за безбедност објавена минатиот месец.

Но, дали ова е само почеток?

Во неделата вечер (4.01), Трамп го предупреди соседот Колумбија и нејзиниот претседател Густаво Петро, кого го обвини за вмешаност во трговијата со кокаин. Во разговор со новинарите, Трамп рече дека Колумбија е „водена од болен човек кој сака да прави кокаин и да го продава во САД“. 

Администрацијата во САД го обвинува претседателот на Колумбија Густаво Петро за вмешаност во трговијата со кокаинФотографија: Federico Parra/Andrew Caballero-Reynolds/AFP

Администрацијата на Трамп веќе воведе санкции против Петро, неговото семејство и членови на владата поради обвиненија за глобална нарко-трговија. Колумбија се смета за епицентар на светската трговија со кокаин. 

Светските лидери, од Кина до Франција, ја осудија мисијата во Венецуела. Некои изразија страв дека соборувањето на Мадуро може да отвори пат за повеќе воени интервенции и понатамошно поткопување на глобалниот правен поредок.

Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, рече дека апсењето на Мадуро „е спротивно на принципот на неупотреба на сила, кој е основа на меѓународното право“.

Тој предупреди дека „сè поголемиот број прекршувања на овој принцип од земји кои имаат важна одговорност како постојани членки на Советот за безбедност на ОН ќе имаат сериозни последици за глобалната безбедност и нема да поштедат никого“.

Кој е засегнат?

Еве неколку глобални ситуации кои би можеле да бидат засегнати од промената на ставовите за вакви прашања.

Украина

Веќе речиси четири години, Европа се справува со агресијата на Русија во соседна Украина, конфликт кој го гризе источниот фронт на континентот и трансатлантската НАТО алијанса и се смета за сериозно прекршување на меѓународното право.

Европската Унија длабоко се потпира на поддршката од САД за да ја одржи Украина, особено откако администрацијата предупреди дека Европа мора сама да се грижи за својата безбедност во иднина. 

Василиј Небензја, рускиот амбасадор во ОН, рече дека мисијата за извлекување на Мадуро претставува „враќање во ерата на беззаконие“ од страна на САД. За време на итниот состанок на Советот за безбедност, тој повика 15-члениот панел да „се обедини и дефинитивно да ги отфрли методите и алатките на американската воена надворешна политика“.

Володимир Фесенко, претседател на управниот одбор на тинк-тенкот „Пента“ во Киев, Украина, рече дека рускиот претседател Владимир Путин одамна го поткопува глобалниот поредок и го ослабува меѓународното право.

„За жал,“ рече тој, „акциите на Трамп го продолжија овој тренд.“

Гренланд

Трамп поттикна нова загриженост за Европа кога отворено шпекулираше за иднината на данската територија Гренланд. 

Стравувања за Гренланд: Данската премиерка Мете Фредериксен во посета на островотФотографија: MADS CLAUS RASMUSSEN/AFP

„Сега е толку стратешки важен. Гренланд е преполн со руски и кинески бродови“, рече Трамп пред новинарите во неделата додека леташе назад за Вашингтон од својот дом на Флорида. „Ни треба Гренланд од аспект на националната безбедност, а Данска нема да може да го направи тоа.“

Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека Трамп „нема право да ја анектира“ територијата. Таа потсети дека Данска веќе му обезбедува на САД, како сојузник во НАТО, широк пристап до Гренланд преку постоечките безбедносни договори.

Тајван

Мисијата за апсење на Мадуро поттикна шпекулации за сличен потег што Кина би можела да го направи против лидерот на Тајван, Лај Чинг-те. Минатата недела, како одговор на планот на САД да продаде голем пакет оружје на Тајпеј, Кина спроведе дводневни воени вежби околу островската демократија која Пекинг ја смета за своја територија.

Сепак, малку е веројатно Кина да го повтори потегот на Трамп во Венецуела, што би било дестабилизирачко и ризично.

Кинески воени бродови изведуваат вежби во близина на ТајванФотографија: Adek Berry/AFP

Кинеската стратегија е постепено да го зголемува притисокот врз Тајван преку воени провокации, пропагандни кампањи и политичко влијание, наместо директно да го таргетира Лај. Целта е Тајван да биде принуден да прифати статус сличен на Хонг Конг и Макао, кои формално имаат автономија, но се под сè поголема контрола од централната власт. 

За Кина, апсењето на Мадуро носи и слој на неизвесност за способноста на администрацијата на Трамп да делува брзо, непредвидливо и смело против други влади. Пекинг го осуди апсењето на Мадуро, нарекувајќи го „отворена употреба на сила против суверена држава“ и обвини дека Вашингтон се однесува како „светски суд“.

Блискиот Исток

Израелската офанзива на Газа по нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година ја нагласи неспособноста на меѓународната заедница да го запре разорниот конфликт. САД, најголемиот сојузник на Израел, ставија вето на резолуциите на Советот за безбедност кои бараа прекин на огнот во Газа. 

Трамп веќе ја покажа својата подготвеност да се соочи со соседот на Израел и долгогодишниот противник на САД, Иран, поради неговата нуклеарна програма со воени удари врз локации во Иран во јуни 2025 година.

Во петокот, Трамп го предупреди Иран дека ако Техеран „насилно убива мирни демонстранти“, САД „ќе им дојдат на помош“. Насилството поттикнато од слабата економија на Иран досега одзеде најмалку 35 животи, велат активисти.

Иранското Министерство за надворешни работи го осуди „нелегалниот напад на САД против Венецуела“. 

Европа и Трамп

Европската Унија, уште една институција создадена по Втората светска војна за да поттикне мир и просперитет, се бори да одговори на својот традиционален сојузник под администрацијата на Трамп. Како уште еден сигнал за нарушената трансатлантска врска, стратегијата за национална безбедност на Трамп го опиша блокот како слаб.

Иако инсистира дека Мадуро нема политички легитимитет, ЕУ оцени дека „принципите на меѓународното право и Повелбата на ОН мора да се почитуваат“, додавајќи дека членовите на Советот за безбедност „имаат особена одговорност да ги почитуваат тие принципи“.

Но, унгарскиот премиер Виктор Орбан, близок сојузник на Трамп, зборуваше потценувачки за улогата на меѓународното право во регулирањето на однесувањето на државите.

Меѓународните правила, рече тој, „не ги регулираат одлуките на многу големи сили. Ова е сосема очигледно.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми